ТЕСТ – SKODA OCTAVIA 1,2 Tsi Green tec 105 KS

Колку пари - повеќе музика

Третата генерација на Skoda Octavia е вистинска убавица со комфорен простор за пет патници–должина од 4.7 метри, широчина од 1,8 метри, како и најголем багажен простор во класата со волумен од импресивни 590 литри. Совршените пропорции, највисоката прецизност, јасните и чисти линии најмногу придонесуваат за безвременскиот дизајн кој гарантира дека ова е модел кој ќе биде актуелен и по неколку години

објавено: 8 март 2014 - 17:51

Кога резервниот играч од клупа ќе постигне гол тоа значи дека екипата има вистински замени за секого, дека е тимот е единствен и со себе носи квалитет за кој може на секој ривал да му парира. Тоа е и во случајот на Skoda, која во концернот на VW секогаш била во втор план, вистински резервен играч. Ако во минатото Skoda се доживуваше како „разочарување“, сега е подеднакво, а за негово и подобро опремена и подобро направено возило од многу други што го носат знакот на Volkswagen. И во тоа има голема вистина.

Кога во неколку реченици треба да се опише третата генерација на Skoda Octavia тогаш би рекле дека е убавица со комфорен простор за пет патници, со најголем багажен простор во класата со волумен од импресивни 590 литри. Совршените пропорции, највисоката прецизност, јасните и чисти линии најмногу придонесуваат за безвременскиот дизајн кој гарантира дека ова е модел кој ќе биде актуелен и по неколку години.

Германците често споредуваат возила од концернот на VW, а противникот на Octavia е Passat. A според некои, нијанси решаваат. За некои Octavia е подобра, а за други VW се уште прави подобри возила. Реалноста е дека Skoda според квалитетот е на исто ниво, а само детали решаваат, заедно со разликата во цената.

Со промовирањето на Octavia продолжува стратегијата на Skoda да се промовираат нови модели просечно на секои шест месеци до 2015 година, со што би биле на добар пат да се оствари планот за продажна на минимум 1,5 милиони возила годишно до 2018 година. Octavia е продадена во повеќе од 3,7 милиони примероци од 1996 година, а лани дури 44 отсто од вкупните испораки на Skoda беа токму со името на овој модел, и тоа е најдобро продаваниот модел во 117 годишната историја на брендот.

Чешката лимузина сега делува посериозни, се вози поудобно. Причина за тоа е што се користи челик со поголема цврстина, поради што во просек моделот е за 100 кг. Полесен од претходникот, а не е загрозена масивноста. Колку се мислело на безбедноста покажува податокот што на ЕуроНЦАП тестирањата, Octavia лесно доби пет ѕвездички.

Срце на брендот

За Octavia се вели дека е „срце на брендот“. Затоа и не треба да чуди колку напор е вложено во креирањето на новата генерација. Моделот е во сегментот на хечбек (ночбек) бидејќи задниот дел е доста закосен, и се прослави пред повеќе од една деценија кога понуди проверена механика и квалитет во комбинација со простор и комфор кои во голема мера го надминуваат сегментот во кои се настанати.

Octavia нема радикален дизајн, нема изглед што е “вселенски“. Таквите дизајни обично брзо излегуваат од мода, па поради тоа таквите модели ја губат својата цена и кога се препродаваат.

Овојпат инженерите на Skoda трагаа по тајната на совршена рационалност. Едноставно сакаа во кабината да биде се чисто и јасно, квалитетно изработено,умно осмислено и лесно за употреба. Можеби некој ќе каже дека недостасува повеќе топлина, малку повеќе игра со облиците и боите, неочекувани прекинувачи или необичен дисплеј. Тоа нема да го најдете кај Skoda. Таму се е Simply Clever, едноставно се „под конец“.

Бројките најдобро зборуваат за многу работи за Ц сегментот каде припаѓа Octavia. Почнувајќи од вкупната должина на кабината (1782 мм), преку просторот за колена (730 мм) и главата (980 мм) на задната клупа, па до багажникот каде собира 590 литри. Во однос на претходниот модел, просторот за главата напред е зголемен за 8 мм ширината и висината за лактите напред е поголема за 39 мм. а одзади за 26 мм. Дури ни оние со натпросечни димензии нема да имаат проблеми.

Багажникот е „џокер плус“

Octavia и досега важеше за простран автомобил. Сега возилото порасно во димензиите што им донесува дополнителен комфор на патниците. Тоа отсекогаш бил „голем плус“, ама овојпат „џокерот“ е во багажникот. Однадвор изгледа како добро спакувана лимузина, а кога ќе се отворат вратите, особено онаа петтата од багажникот доаѓаат воздишките. Големиот багажен простор од 590 литри, што е најмногу во класата, само покажува дека тоа е далеку од просекот во компактната класа (450 литри).

Искористеноста е голема со оглед на начинот на отворање на вратата (во вис), и клиренсот (68 см од тлото), а во прилог се и бројните прегради. Кога ќе се спуштат задните седишта се добиваат 1580 литри расположлив простор, кој би бил уште поголем доколку со нивното спуштање се добие рамна површина.

Green tec за намалување на потрошувачката

Ако не претерувате со притискањето на педалот за гаста, ќе бидете многу изненадени од потрошувачката, без разлика дали се работи за бензински или дизелски мотор. Ние го имавме „најмалиот агрегат“ со 1,2 литри, но нешто посилна верзија од 105 КС. Интересно е што имавме опрема Green tec што значи дека сериски доаѓа со системот Старт-стоп, филтер за честички и регенеративно сопирање кога алтернаторот ја претвора кинетичката енергија во електрична и така го полни акумулаторот. Така се е во знакот на штедењето, што ќе ви донесе и вистинско изненадување кога ќе погледнете во патниот компјутер.

Сега Octavia троши 19 отсто помалку. Лесно се достигнуваат и фабричките бројки за потрошувачката, па убаво изгледа кога со полн резервоар ќе видите дека можете да минете и 1.000 км.

Моторот не е спортски, би рекле повеќе „секојдневен и нормален“ за оние што би сакале помала потрошувачка, а притоа не го оптоваруваат возилото со „товарање и превоз“. Максималната брзина од 196 км/ч ретко ќе ви треба на македонските патишта, но „нормалните„ 120-130 км/ч ќе ви донесат пријатно возење. Оние 105 КС се познаваат при стартувањето каде го нема традиционалното „тромо“ тргнување, иако нема ниту „шкрипење со гумите“.

Возењето по нашите патишта каде на места има доста крпеници и дупки, оваа Skoda Octavia знае да ги впие, и добро се држи правец благодарение на суспензијата која има полукрута осовина одзади. За уверливиот впечаток како податок дека од 100 км/ч до 0 Octavia сопира за 36,6 метри.

Заклучок:

Гледано отстрана Octavia има семејна нота, пред се поради големата пространост во внатрешноста, багажниот простор, но и доволно прегради да ги собере сите дреболии при патување. Во време на криза кога за секој денар се размислува како да се потроши, она што ќе го добиете од Octavia навистина вреди. Подеднакво добар за семејни патувања, но и секојдневна употреба. Големиот комфор што го имаат патниците на задната клупа, подеднакво може да привлече и некој директор, кој ќе сака автомобил со помали трошоци за одржување, а притоа да ги има сите удобности при возењето.

Иако е бензинец, 1,2 литарскиот мотор се покажа како доволно штедлив. Можеби не е премногу брз, но далеку од „тром“ и може да задоволи поголемиот дел од важите потреби и желби. Но, желбите секогаш се поголеми, а големината на Octavia ви овозможува да бидете блиску до конкуренцијата кој е поскапа, а вие да го имате истото што и тие.

Нема да ви треба ништо повеќе од опрема, од она што оваа Octavia ja има. Дури и конкурентите се плашат, од добрата и квалитетна завршна обработка, а сега и од цената. Помалку плаќаш – повеќе добиваш.

Сериска опрема (Ambition):.

ABS, воздушно перниче за возач и совозач, странични воздушни перничиња за глава, полуавтоматска клима CLIMATIC, централно заклучување со далечински, електрика на сите стакла, електрични и греени ретровизори, рачки на вратите и ретровизори во боја на каросеријата, асиметрично делива задна клупа, електро-хидрауличен серво уред, предни и задни светла за магла, волан што се мести по длабина и висина, браници во боја на каросерија, челични тркала DAKARA 15 инча, ISO-FIX подготовка за детско седиште на задна клупа, патен компјутер Maxi Dot, хром пакет во ентериерот, преден потпирач за раце, зелено тонирани стакла, внатрешно осветлување, дневни светла, Hill hold – контрола на угорнини, MDI – интерфејс за мобилни уреди, предни и задни светла за магла 12 V приклучок во багажник, резервно тркало со нормална големина и алат,

Дополнителна опрема:

радио ЦД и МП3„Bolero“ со колор дисплеј од 5,8 инча чувствителен на допир, алуминиумски бандажи 6х15 ILIAS, 8 звучника, мал кожен пакет (кожен управувач, рачка од менувач и рачна сопирачка), метална боја.

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ

Skoda Octavia 1,2 Тsi Green tec 105 KS Ambition

МОТОР

Бензински мотор поставен напред, турбо технологија, 4-цилиндричен, 4 вентили по цилиндар, 1197 см3, 77 kW (105 КС) при 4.400 -5.500 в/мин, 150 Нм при 1.400 - 4.000 в/мин

 ПОДВОЗЈЕ

Погон на предни тркала. Пренос мануелен со рачен 6 степен менувач целосно синхронизиран.

Сопирачки: напред – вентилирачки дискови со внатрешно ладење, позади – вентилирачки дискови.

Суспензија, напред MacPherson со пониски триаголни линкови и торзиони стабилизатор

назад – торзиона оска, телескопски амортизери и спирални пружини

КАРОСЕРИЈА

должина 4659 мм, ширина 1814 мм, висина 1461 мм, меѓуоскино растојание

2686 мм. Багажник 590 литри / 1580. Резервоар за гориво 50 литри, тежина 1230 кг. Максимално оптоварување на каросеријата – 625 кг.

ПЕРФОРМАНСИ

максимална брзина 196км/ч. забрзување 0-100 км/ч. за 10,3 сек. Потрошувачка во град 5,9. На отворен пат – 4,4 литри.  Комбинираната потрошувачка на 100 км. – 4,9 литри. Емисија на ЦО2 – 114 г/км. Круг на вртење – 10,4 м.

 

 

Најново во Автомобили