Чесите со нов СУВ концепт во Женева

"Vision S" ги најавува идните СУВ модели на Skoda

Во последниве години, чешката компанија која е дел од Фолксваген концернот ја прошири и обнови својата моделска гама. Во моментов се засилува гамата со нови СУВ модели. Со Skoda Vision S, чешкиот автомобилски производител прикажува како ќе изгледа дизајнот на идните спортско-корисни возила на Skoda.

објавено: 1 март 2016 - 21:16


Новиот модел го пренесува новиот дизајнерски јазик и во СУВ сегментот. Дизајнот јасно е под влијание на чешкиот кубизам и традицијата на Бохемија во создавањето кристални уметнички дела. Линиите се прецизни, остари и недвосмислени. Особено се истакнува играта на светлината и сенките кои на површината на автомобилот создаваат возбудлив ефект, со акцент на „Island" зелената боја.

Со 2,79 метра меѓуоскино растојание, должина од 4,70 метри, широчина од 1,91 метри и висина од 1,68 метри, Skoda Vision S доминира на патот. Направено врз основа на MQB платформата од групацијата Фолксваген, ова е првото возило на Skoda кое има шест седишта во три реда.

Уште една важна карактеристика на концептот е неговиот plug-in хибриден погон, со 225 КС, автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч за 7,4 секунди, а максималната брзина e речиси 200 км/ч. Vision S е неверојатно штедлив со горивото и троши 1,9 литри бензин на 100 километри, емисијата на ЦO2 изнесува 45 грама на километар. Skoda Vision S може да помине 50 километри само на електричен погон, а вкупниот опсег изнесува 1.000 км со комбинација на двата погонски системи.

Моторот со внатрешно согорување е 1.4 TSI со 156 КС и 250 Нм вртежен момент. Електричниот мотор обезбедува континуирана моќ од 40 kW и 220 Нм максимален вртежен момент. Тој е интегриран со автоматскиот шест брзински DSG менувач и ја пренесува моќта на предните тркала. Вториот електричен мотор со 85 kW и вртежен момент од 270 Нм моќта ја пренесува на задната оска. Пренесувањето на моќта функционира независно од возење на предната оска, што значи дека концепт автомобилот има паметен погон на сите четири тркала и не бара механичко спојување. Трите мотори соработуваат на многу флексибилен начин. Возачот на Skoda Vision S може да избере еден од неколкуте режими на работа. Литиум јонската батерија има капацитет од 12.4kWh и е поставена во предниот дел на задната оска.

Најново во Автомобили