ПРОМОЦИЈА НА НОВИОТ ТИГУАН ВО МАКЕДОНИЈА

„Голф во СУВ издание“: Тигуан сега е поголем, позрел и полуксузен

Новиот „фолксваген тигуан" е направен на платформа на „голф 7" но впечаток е дека оваа генерација е далеку понапредна од претходнкот. Новот „тигуан" треба да биде конкуренција на моделите од класата каде се „мазда ЦХ5", „тојота РАВ-4", „хонда ЦР-В", но секако ќе им помати и некои сметки на оние што досега лесно би се решиле за „ауди Кју3", „БМВ Х1„ или „мерцедес ГЛА".

објавено: 12 мај 2016 - 22:28

„Порше Македонија" го претстави новиот модел на „фолксваген тигуан", спортско возило кое поставува нови стандарди во поглед на дизајнот, комфорот и функционалноста што еден автомобил може да ги понуди.

Токму поради бројните иновации вградени во новиот модел, ова возило веќе ги освојува симпатиите на возачите, но и на стручната јавност.

„Пред еден месец „тигуан" ја освои наградата „Дизајн трофи 2016" што секоја година ја доделува специјализираниот германски магазин за автомобили „Авто Цајтунг" за најуспешните нови развојни решенија во автомобилизмот. Освен со „Дизајн трофи", новиот „тигуан" годинава се закити со уште едно престижно признание. Читателите на угледниот европски автомобилски магазин „Ауто билд" го избраа „тигуан" за „Автомобил на годината со погон на сите четири тркала", награда што ова возило ја освојува по петти пат од лансирањето на првиот модел во 2007 година.

Во однос на дизајнот, стручните лица на ФВ направиле револуција наместо еволуција. На прв поглед, овој автомобил импресионира со елегантниот спортски дизајн кој зрачи со моќ и авторитет.
Новата MQB платформа која се користи ексклузивно само кај возилата на ФВ ги подобрува сите аспекти на овој автомобил. Споредено со неговиот претходник, новиот „тигуан" е подолг за пет сантиметри, поширок за три сантиметри и понизок за исто толку, но и полесен за 50 килограми. Меѓуоскиното растојание е 2681 мм што овозможува уште повеќе простор во кабината за патниците отколку што тоа беше случај со претходната генерација, а искажано во бројки тоа е 29 мм повеќе простор за колената.

Возилото има значително поширок преден дел од претходниот модел. Тоа се должи на физичкото зголемување на ширината, плус визуелниот ефект на предната решетка за воздух и предните светла кои се поставени хоризонтално. „Тигуан" е првиот СУВ на ФВ со ЛЕД светла кои придонесуваат предниот дел да биде особено впечатлив. Дел од новиот дизајн се и бројните аеродинамични подобрувања, како што се на пример новите ретровизори чиј отпор во воздухот е намален за 40 отсто.

Џиновски скок напред е направен во однос на внатрешниот простор на возилото и багажниот простор кои се многу поголеми. Багажниот простор на новиот „тигуан" има капацитет од 615 литри, а доколку задните задните седишта се преклопени, карго капацитетот достигнува и до 1.615 литри. Зголемена е и моќноста на моторите, која се движи од 115 КС до 240 КС, во зависност од моделот. Иако моторите се помоќни од претходниот модел, сепак тие се за 24 отсто поекономични во однос на потрошувачката на гориво. Oвие карактеристики се дополнети со огромен капацитет за влечење приколка тешка и до 2.500 кг., како и со еден од најдобрите системи за погон на сите четири тркала 4MOTION кој доаѓа како дополнителна или стандардна опрема. Токму овој систем овозможува удобно и безбедно возење, без разлика дали станува збор за on-road или off-road, но и без оглед на временските услови.

Системите за помош вградени во овој автомобил нудат совршена удобност на возилото, динамика и безбедност. Овој СУВ на 21 век нуди зголемена безбедност не само за тие што се возат во него, туку и за другите учесници во сообраќајот – други возила, пешаци, велосипедисти. На стандардниот систем за сопирање се додадени неколку нови безбедносни системи, меѓу кои и Front Assist (систем за намалување на ризик од фронтален судар) кој вклучува и итно сопирање во град и детектирање на пешаците. Новата стандардна опција во овој систем е сигнализирање при напуштањето на коловозната лента со систем за предупредување. Заштитна опрема е заокружена со седум воздушни перничиња, вклучувајќи и воздушно перниче за колената на страната на возачот.

Новиот „тигуан" е еден од најнапредните спортски автомобили во светот со импресивна низа иновации кои го прават електронски совршен. Технологиите вградени во него се целосно дигитализирани и реагираат на допир. Има вграден 12,3-инчен интерактивен информациски дисплеј, како и забавен систем со многу поголеми и подобрени можности за вмрежување.

Освен on-road и off-road моделите, Фолксваген неодамна го претстави и „тигуан ГТЕ" со хибриден погон и потрошувачка на гориво од 1,9 литри на 100 километри.

Цената на новиот „тугуан" се движи од 25.327 евра за бензинскиот модел со 1,4 ТСИ мотор и ниво на опременост Трендлајн, па се до 39.686 евра за највисокото ниво на опременост, Хајлајн и 2,0 ТДИ мотор со 190 КС.

Најново во Автомобили