ГЕРМАНЕЦОТ ДОМИНАНТНО НА ПАТЕКАТА „ЖИЛ ВИЛНЕВ“

Фетел ја освои Канада за 50 победа во кариерата

Себастијан Фетел ја оствари 50. победа во кариерата во Формула 1 и е само четвртиот возач со ова постигнување зад Михаел Шумахер, Луис Хамилтон и Алан Прост.

објавено: 10 јуни 2018 - 22:01

Фетел во Канада стартуваше од пол позицијата откако беше недостижен во вчерашните квалификации. Германецот успеа да триумфира на седмата трка во овогодишниот шампионат и со тоа го прекина постот на својот тим во Монтреал кој траеше од 2004 година.

Времето на Фетел беше 1:28.310. Второто место го зазеде Валтери Ботас во Мерцедес (7,3 секунди задоцнување), додека третото место му припадна на возачот на Ред Бул Макс Фертапен (8,3 секунди послабо време од тоа на победникот). Луис Хамилтон, најголемиот фаворит за светската титула заврши дури петти, a четвртото место му припадна на Даниел Рикијардо.

Трката ја одбележа инцидент на стартот кога Ланс Строл од Вилијамс изгуби контрола и удри во болидот на Брендон Хартли од Торо Росо.

По оваа победа Фетел го симна Хамилтон од врвот во генералниот пласман. Германецот сега има 121 бод, еден повеќе од главниот конкурент за титулата Луис.

„Неверојатно. Вчера реков колку е важно првото место за Ферари. Сега ми е јасно зошто луѓето од тимот толку многу се израдуваа. Триумф во Канада по подолго време многу им значи. Има уште многу до крајот на шампионатот, а јас сум задоволен од настапот“, изјави Фетел.

Најново во Авто-мото