НОВА ТРКА ОД СЕЗОНАТА ВО МОТО ГП ШАМПИОНАТОТ

Австрија значи „Дукати“: Одличен триумф на Лоренцо! (Видео)

Возачот на Дукати, Хорхе Лоренцо триумфираше на Големата награда на Австрија, 11. трка од Мото ГП шампионатот.

објавено: 12 август 2018 - 15:25

Лоренцо на патеката „Ред Бул ринг" дојде до третата победа во италијанскиот тим оваа сезона, после големата борба со Марк Маркез на Репсол Хонда.

На 10 круга до крајот на трката Лоренцо ја започна својата борба со Маркез, додека Довициозо го загуби чекорот. Двајцата Шпанци се менуваа во водство, Лоренцо беше изразито агресивен, а тоа му се исплатеше и во самиот финиш, кога успеа да се одбрани од налетите на Маркез.

Подиумот го комплетираше вториот возач на Дукати, Андреа Довициозо. Благодарение на оваа победа, Лоренцо ја продолжи доминацијата на Дукати во Австрија, откако возачите на италијанскиот тим славеа на сите трки на поранешниот „Естерајхринг од враќањето на календарот во Светскиот шампионат.

Маркез на првото место во генералниот пласман води со 201 бод, 59 повеќе од Роси, додека Лоренцо напредуваше до третата позиција и сега има 130 бодови.

Следната трка ќе се вози на 26. август на „Силверстоун" за Големата награда на Велика Британија.

Најново во Авто-мото