| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

18.03.2017

Нема лесно минување низ Ѓорче Петров

И покрај тоа што важи за фаворит, Вардар нема намера да го потцени противникот кој во пролетниот дел има само еден освоен бод и дури 11 примени голови

Во дуелот со Вардар, фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров не можат да ветуваат ништо повеќе освен максимални напор и залагање. Таква е реалната слика пред дуелот на претпоследниот со лидерот на табелата. Дополнителна причина за воздржаност кај ѓорчепетровци е формата во која се наоѓаат, која вели дека во четирите пролетни дуели имаат само еден бод, со вкупно 11 примени голови. Токму зачувувањето на својот гол ќе биде најголемиот предизвик за „лавовите“ во дуелот со вардарци. Ако тоа се исполни, дури тогаш може да размислуваат да бараат нешто повеќе од овој дуел.
„Нашата задача за овој дуел е одиграме цврсто, машки како што знаеме. Треба да ги намалиме грешките на минимум, да истрчаме повеќе од противниците и да дадеме сè од себе во секој дуел. Само така може да се надеваме на добар резултат. Дополнителен поттик е тоа што играме на домашен терен и не смееме да дозволиме никому лесно да се прошета тука. Мора така да размислуваме, а дека сè е возможно во фудбалот покажа и средбата на Вардар со Победа. Тоа и нам ни дава надеж за нешто повеќе од минимален пораз“ – вели играчот од средината на теренот на Македонија ЃП, Давор Здравковски.

ПОПОВ: БЕЗ ПОТЦЕНУВАЊЕ
На единственото гостување во овој пролетен дел од сезоната, Вардар се „изгоре“ губејќи од еден од аутсајдерите во Првата лига, тимот на Победа. Токму тој пораз треба да биде голема опомена за првакот да не потценува ниту еден противник и да игра против секого максимално. Тоа го најави и искусниот Горан Попов, кој се очекува да се најде во составот откако пропушти два натпревари поради повреда.
„Нашата цел е да ги освоиме трите бода. Во овие неколку мечеви се покажа дека во нашето првенство не смееме никого да потцениме, и нема да го сториме тоа. Одиме да дадеме максимум и да го добиеме тој натпревар против Македонија. Нашиот противник има неколку млади играчи кои сакаат да се докажат и ќе бидат мотивирани против Вардар. Сепак, сметам дека сме поквалитетни и дека на крајот низ добра игра ќе успееме да ги освоиме бодовите од ова гостување“, смета Попов.

1.МФЛ, 23. КОЛО
ДЕНЕСКА, 14 Ч
СКОПЈЕ: РАБОТНИЧКИ - СИЛЕКС 
СКОПЈЕ: МАКЕДОНИЈА ЃП - ВАРДАР 
ШТИП: БРЕГАЛНИЦА - ШКЕНДИЈА 
ТЕТОВО: РЕНОВА - ПЕЛИСТЕР 
ПРИЛЕП: ПОБЕДА - ШКУПИ 

Табела:
1.Вардар 50, 2.Шкендија 44, 3.Работнички 36, 4.Пелистер 36, 5.Силекс 31, 6.Ренова 28, 7.Шкупи 21, 8.Победа 19, 9.Македонија ЃП 16, 10.Брегалница 12



Датум: 18.03.2017, 11:31
Статијата е прочитана 916 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense