| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

22.11.2017

Хари ровари да се врати во ФФМ


Човекот кој десет години беше на чело на Федерацијата, посакува одново да го води мак - фубдлаот. Групата што е за промени во Федерацијата, веќе неколку месеци е растрчана низ Македонија. Целта е да го врати Харалампие Хаџи - Ристески на чело на ФФМ

Нема веќе дилеми. Се засилуваат активностите на одредена група фудбалски работници кои сакаат, а не го кријат тоа веќе подолго време, да дојде до промена на раководните структури во Фудбалската федерација на Македонија. Односно до смена на актуелниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Харалампие Хаџи - Ристески не крие дека има амбиција да се врати на местото каде што беше во периодот од 2002 до 2012 година. Имено, како што велат нашите информации, кои се, искрено, јавна тјна, тој ровари со цел да дојде до смена на Ѓорѓиоски за да може одново да седне на примамливата претседателска фотелја во Федерацијата.
Групата што го поддржува веќе неколку месеци е растрчана низ Македонија. Целта е јасна, Хари е нивни фаворит и затоа тие сакаат тој повторно да биде предводник на мак-фудбалот.

Познато е како работеше прилепчанецот

Кога сме кај Хаџи- Ристески, нема што ново да се каже. Познато им е на сите, кои барем малку се интересираат за фудбалот и барем малку се инволвирани во него, што, всушност, направи прилепчанецот за подобрување на мак-фудбалот. Познато е како работеа тој и неговата екипа, познато е какви „успеси“ имавме во тој период од 2002 до 2012 година. Да потсетиме дека тој во директната битка со Дарко Панчев за прв човек на Федерацијата, извојува сензационална победа, и тоа повеќе од убедлива. Во негово време, немавме успеси ниту со А-селекцијата, уште помалку со младите репрезентации. И затоа во текот на тие десет години имаше бројни иницијативи за негова смена. Но Хари секогаш победуваше, и тоа на еден многу чуден начин. Но во 2012 година, тој, сепак, загуби, на негово место дојде Илчо Ѓорѓиоски.

Обединети се јавија со писмо

Тезата дека се засилуваат активностите и од страна на таа група што е за промени во ФФМ, доказ е писмото до јавноста од Обединети за фудбалот во текот на вчерашниот ден. Во него, покрај другото, стои.

По тој повод јавно ги повикуваме
1.Обвинителството на РМ:
- да ја процесуира кривичната пријава за нерегуларно кандидирање на Илчо Ѓорѓиоски за претседател на ФФМ, вклучувајќи сторен фалсификат;
- да се проверат укажувањата и индициите за неправилно финансиско работење на ФФМ;
- да се провери злоупотребата на средствата од УЕФА на штета на клубовите и пренасочување на дел од овие средства во сопствениот клуб на Илчо Ѓорѓиоски.
2. Агенцијата за млади и спорт:
- во рамки на своите надлежности, независно да изврши целосна ревизија на примената на статутарното правило за исполнување на условите на општинските фудбалски сојузи за постоење, а со тоа и делегирање делегати во собранието на ФФМ и легалност на одржаните собранија од 2012 наваму, со посебен осврт на последното одржано собрание од февруари 2017.
3. Централниот регистар на РМ:
- да ги реши, согласно со законот, пријавите за нерегуларности на одржаните собранија на ФФМ, собрание на ОФС Тетово, собрание на ОФС Кисела Вода, собрание на ОФС Битола, собрание на ОФС Штип во 2017 година.
4.Управниот суд(ови):
- да ги решат пријавите за нерегуларности на собранија на ОФС Тетово.
5. Етичкиот код на ФФМ:
- врз база на сознанија, материјали и документи, да отвори постапка против Илчо Ѓорѓиоски за бројни сторени кршења на етик кодот, приватизација на ФФМ, непотизам, користење ресурси на ФФМ во приватни цели, диктаторско однесување кон сите вработени и потчинети, мешање во работата на селектори, нерегуларни откази, нерегуларни примања на работа на роднини и пријатели, ставање на фудбалските клубови и на останатите субјекти во фудбалот во нееднаква положба, дискриминција и со сето тоа причинета штета и на ФФМ.
6. Здружението на фудбалски клубови:
- да започне постапка за осамостојување на здружението, да побара враќање на средствата и да побара санкции кон претседателот на ФФМ, кој со нерегуларни дејства им ги одзема на клубовите приходите уплатувани од УЕФА од 2012 година до денес (преку 1.100.000 евра), како и нелегално одземените ТВ-права како неприкосновено право на клубот домаќин, а нарушување и на други права на клубовите.
За секој од наведениве сегменти, следува серијал со поединечни соопштенија“.
Значи, ова се барањата на Обединети за фудбалот. Дали тие ќе бидат прифатени од надлежните институции, останува да се види во периодот што доаѓа.

Беа за Панчев, а сега се за Хари

Звучи интересно, но така е. Обединети за фудбалот, кога се појавија во јавноста, беа прво за Дарко Панчев, но сега се за Хари. Откако не успеаја да се „најдат“ со иконата на мак-фудбалот, се свртеа кон прилепчанецот.

И Јонуз меѓу кандидатите

Претседателското место во ФФМ е најпосакуваното во спортот. Тоа не е тајна, а се знае и зошто. Па така, покрај Хаџиристески, кандидати за местото прв човек на ФФМ се и неколкумина познати бизнисмени. Веќе долго време во јавноста се зборува и за Мирсад Јонуз, поранешниот селектор на Македонија. Во секој случај, оваа зима ќе биде интересна, евентуалната смена во ФФМ, ако ја има, секако дека ќе биде ударна вест во нашата земја на спортски план.

 

 

 

 

 



Датум: 22.11.2017, 11:02
Статијата е прочитана 3631 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense