| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

01.04.2017

„Кобрата“ се враќа во фудбалот

По долго време најпознатото фудбалско име на минатиот век се враќа во раководните структури онаму каде што припаѓа, во фудбалскиот клуб Вардар. Се очекува да донесе подобри работи не само во тимот туку и во целокупниот фудбал

Македонскиот фудбал веќе долги години има неколку синоними на кои веднаш ни текнува кога ќе се спомене тој магичен збор „фудбал“. Еден од нив, ако не и најголемо е Дарко Панчев. Името со кое се поврзува македонскиот фудбал, особено во овие поранешни југословенски простори. Тоа е најзвучното и најпознато име кое некогаш го дала нашата земја. Особено тоа ќе стане јасно во настапите со Црвена Звезда, која ја донесе до европскиот врв во далечната 1991 година.
Еден од синонимите на македонскиот фудбал е и фудбалскиот клуб Вардар, кој е најтрофеен македонски тим, и најпознат од времето во поранешна Југославија кога беше освојувач на еден Куп, кога освои и една титула, а беше страв и трепет за секоја екипа, особено кога играше на домашен терен, во Скопје, каде што ретко кој можеше да се радува.
Судбината очигледно повторно ќе ги спои овие два синоними. Овој пат по долги години чекање на враќање на големото фудбалско име на сцената, во миговите кога Вардар ги доживува своите мигови на слава, на шампионски денови. „Кобрата“ ќе треба да ја преземе „палката“ во Вардар, и нашиот најтрофеен тим да почне една нова „ера“ од своето постоење, ера којашто ќе биде успешна и на меѓународна сцена како што тоа Дарко го правеше некогаш во минатото кога под неговите нозе беа „згазени“ европските гиганти.

ИДНАТА НЕДЕЛА ПРОМОЦИЈА ВО „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“
Како што единствено најави „Македонски спорт“, Дарко Панчев ќе треба да ја преземе функцијата спортски директор во „црвено-црните“. Панчев е вистинското име коешто може да придонесе Вардар да дојде и до меѓународен успех, до успех во Лигата на шампионите. Панчев му е потребен на Вардар, исто колку што Вардар му треба на Панчев, а за бенефит и на целокупниот македонски фудбал.
Идната недела во текот на еден од деновите ќе се случи и официјалната промоција на легендата на клубот на местото спортски директор. Со тоа ќе се остварат нашите најави за кои пишувавме пред десетина дена дека најголемото фудбалско име за изминатиот век од Македонија ќе биде во раководните структури на најтрофејниот македонски тим.

САМСОНЕНКО ИНСИСТИРАШЕ ЗА ДАРКО
Иницијатор на враќањето на Дарко Панчев во редовите на Вардар е токму првиот човек на клубот, г. Сергеј Самсоненко. Токму тој наредил да се донесе некогашната Вардарова легенда во редовите на „црвено-црните“, и тоа токму на 70-годишнината од постоењето на клубот. А, кога рускиот бизнисмен е во прашање, тој ги исполнува своите цели, па така Панчев е многу блиску до местото во раководните структури на Вардар, и тоа она кое остана испразнето откако Гоце Седлоски ја презеде тренерската палка од Сергеј Андреев по смената на Русинот, која се случи по настапите на Вардар во Лигата на шампионите 2015 година и дуелите со АПОЕЛ Никозија.



Датум: 01.04.2017, 10:11
Статијата е прочитана 16294 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense