| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

23.06.2017


Таневски: Пелистер го чека „вулкан“ во Познањ!


„Битолчани добија силен противник, ќе биде тешко. Особено тешко ќе им биде на првиот меч, кога ги чека пекол во Познањ“, вели Злате Таневски, кој од 2006 до 2010 година беше член на Лех

Злате Таневски, некогашниот стопер и капитен на Вардар, е еден од ретките наши фудбалери кои во детали ги знаат состојбите во Лех Познањ, тимот што му се падна на Пелистер во првото квалификациско коло во Лигата на Европа. Од 2006 до 2010, тој беше еден од најдобрите фудбалери во редовите на „сино-белите“ од Познањ.
За „Македонски спорт“,Таневски зборува за Лех Познањ, но и за тоа какви се шансите на Пелистер на овој двомеч од првото коло во квалификациите во Лигата на Европа.

Едвај го чекаат првиот меч

„Битолчани добија силен и квалитетен противник, еден од најсилните што можеа да го добијат на ждрепката во Нион. Полскиот тим е со големи амбиции на ова натпреварување, дури посакува и пласман во групната фаза од Лигата на Европа, каде што беше во неколку наврати во изминатите неколку години. Тоа е клуб со голем број фанови, но тие не се како оние на Легија или на Висла, туку се мирни и не прават никакви проблеми. Лех, но и сите во Познањ, едвај го чекаат првиот меч за да ги видат на дело можностите на екипата по преодниот рок, во кој таа се засили со 4-5 нови имиња. На трибините ќе има најмалку 30.000 гледачи в четврток и затоа велам дека Пелистер го чека ’вулкан’, го чека пекол. Знаат тие да направат атмосфера во корист на својот тим“, вели Таневски.


Бјелица форсира напаѓчки фудбал

Ненад Бјелица е тренерот на Лех.
„Бјелица по потекло е Хрват, но долго време живеел надвор и затоа се смета дека ги нема тие балкански манири. Во Лех е веќе година и половина и не отстапува од она што беше и во минатото, барем кога сме кај формацијата или кај тактиката. Лех отсекогаш игра напаѓачки фудбал, инсистира да напаѓа во текот на сите 90 минути, да дава гол повеќе од противникот. Па затоа знае да постигне и по 2-3 гола на гости, но знае и кога губи, да го прави тоа со постигнат гол во противничката мрежа“, констатира Таневски.

Контрите се шансата на Пелистер

Сепак, ниту еден тим, па ни Лех Познањ не е непобедлив.
„Да, секако. Пелистер има шанси, зошто да не? Прво треба да се има верба во себе, а потоа и да се даде максимумот на двата меча. Првиот меч се игра на „Инеа“, стадионот во Познањ, и без разлика на резултатот, шансите нема да бидат загубени. Лех игра, како што реков, отворено и затоа треба битолчани, како што најдобро знаат, да се затворат и да играат на контри. Секако дека ќе биде тешко, но не и невозможно да се дојде до добар резултат на првиот меч. А потоа, на реваншот во Струмица, сѐ е можно. На крај, да кажам дека Лех Познањ е фаворит, тука нема дилеми, но во фудбалот сѐ е можно“, ни изјави Таневски.

Не го пуштија Беднарек за 5 милиони евра

„Пред неколку дена, Саутемптон испрати понуда вредна 5 милиони евра за Јан Беднарек, младиот стопер на Лех, кој сега игра и на ЕП до 21 година. Но раководството на клубот ја одби таа понуда, сметајќи дека тие пари не се доволни за тој да оди во Саутемптон“.



Датум: 23.06.2017, 10:37
Статијата е прочитана 2000 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense