| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

25.04.2017

ПОД ЛУПАТА: Кога дронот е поважен од фудбалот

Фудбалот стана топ тема. Но не по тоа што Вардар го победил Шкупи со 2:0 туку затоа што дрон со скандалозното знаме се закачи на дрво. Веста беше ударна но резултатот никој не го кажа

Пишува: Игор Д. Ивановски

И политичарите спомнаа фудбал но не и резултат, победник... Спомнаа фудбалски меч но за сопствени интереси а не за спортски настан. Сите медиумски погледи во неделата беа пикирани кон „Чаир“. Ударните термини коментираа за дронот кој леташе над „Чаир“ со скандалозното знаме на Голема Албанија. Преседан за осуда и голем скандал. Обид за копија на сценариото од Белград од пред неколку години. Глетки кои за нас во Македонија не се ништо ново но момент секој да си коментира онака како му одговара.
Па така додека ние сме „бесни“ затоа што некој дел од нашата земја ја става во територија на друга држава, од другата страна таквиот чин го коментираат како херојски настан. Но далеку сме ние од Белград а и покрај „Чаир“ има дрва па ете ти комична слика. Се закачи дронот сосе знамето на гранките. Се качија да го симнуваат па се испотепаа. Циркус за беспари.
Но поентата ми е друго нешто. Ај што се појави дрон, знаме... Се залепија сите за овој настан а со тоа и за фудбалот и дербито на колото. Се залепија - си наредија етикети и поени а фудбалот пак остана заборавен. Абе никој да не спомене дека некој играл за бодови, дека Вардар победил со 2:0 и дека ова е голем исчекор кон титулата. Вака сите по дронот а никој за фудбалот. Овие играчиве играа фудбал, се борат за боите на своите клубови а сепак поголем настан за сите беше знамето, дронот, идеалите...
УЕФА знае како да казнува вакви испади. Еве сега и ФФМ поведува истрага и постапка. Казнените мерки сигурно ќе бидат ригорозни. Таквите мерки ќе му наштетат на Шкупи затоа што некој со неспортски и провокативен чин прво му наштети на клубот и неговите навивачи а потоа може да збориме за неговите цели и идеали.
И толку за дронот. Беше помина и толку. Вардар сега има +13 бодови пред Шкендија. Е ова е разлика која заслужува респект за лидерот но и максимална критика за овие вторите. Кој сега е виновникот. И лани и сега разликата е голема. И лани а и сега Вардар е подобар во меѓусебните пресметки. Еве утре го имаме и последното мега дерби. Дерби кое Шкендија мора да го искористи за спас на честа а Вардар со нова шанса да го порази лутиот ривал и на негов терен да стави печат на успешната сезона. дерби си е дерби но и тоа ако е без публика ќе биде вистински театар. Но тоа е овој наш мак-фудбал. Се е можно! Немој да ве слушнам дека од ова нема полошо, дека вака или онака. Никогаш не коментирајте дека нема подоле од ова. Дното си е дно но и од истото има подоле, тоа барем е дефиниција за фудбалот во Македонија.
А во шампионатот најинтересна ќе биде битката за опстанокот во лигата но и за 4 место кое води во Лигата на Европа. Македонија, Победа и Брегалница се борат кој да добие шанса преку баражот а Пелистер се бори да им избега на Ренова и Силекс. Има уште 8 кола и 24 бода во игра. Се е можно затоа што ова е Македонија! Веќе утре кога се игра вонредното 29. коло ќе имаме појасна слика.

П.С Честитки за Академија Пандев и нивниот влез во Првата лига. Не паметам кога некоја екипа била вака доминантна во шампионатот и со виза на лидерската позиција уште во средината на април. Добра организација стабилен спонзор и добар тим. Сето тоа носи резултати. Но и слаба конкуренција. Немаше Пандев ривал оваа сезона. Но треба да знае. Догодина со овој состав тешко во елитата. Треба длабок ремонт!



Датум: 25.04.2017, 20:21
Статијата е прочитана 2386 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense