| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

30.07.2017


Шкендија со години ги повторува истите грешки


*Разликата меѓу Шкендија и Вардар е тоа што првакот има 20 квалитетни играчи, Седлоски со нив прави ротација. Тетовци пак имаат супер прв тим, но кога ќе се повреди некој или добие црвен картон, имаат големи проблеми.

Захов, Тодоровски, Цуцули, Бејтулаи, Мурати (Челиковиќ), Алими, Вујчиќ, Жуниор, Хасани, Ибраими и Радески се, веројатно, најсилниот состав во нашата Прва лига. Дали Вардар или Шкендија го има најдобриот состав, тоа е работа на вкус. Тоа е друга тема. Сега зборуваме за Шкендија. Покрај нив, тука е Абдурахими, донекаде Теќа, и тоа е тоа. Зборуваме за играчи кои можат да ја одведат Шкендија во групната фаза од ЛЕ или до шампионската титула во домашниот шампионат. Тоа се премалку играчи за да се остварат тие цели. Кој ли само помисли во последен момент да го прати Таипи во Шкупи или, пак, да се „ослободи“ од Јуфо? Во одбраната ситуацијата е уште покритична. Ова го велиме со цел, конечно, некој во Шкендија да сфати дека титули не се освојуваат со 13-14 играчи. И веќе ако се прави буџет од 2.500.000 евра, тогаш мора и да се купат играчи, квалитетни играчи а не од типот на Чолак и Аргентинците.
Шкендија со години ги повторува истите грешки, лекцијата не е научена. „Македонски спорт“ објавил барем десетина текстови за оваа проблематика, но Шкендија си тера по старо.
И не само што Шкендија во досегашниот тек од преодниот рок не се засили, не купи 3-4 екстра играчи, тука таа сега е и ослабена. Барем во квантитет.


Разликата меѓу Шкендија и Вардар

Тетовци никако не може да сфатат каде ја губат битката со Вардар на домашната сцена. Причините не се судиите, не се тоа што Вардар е за класа подобар, не е и дека има кој знае што, а тоа го нема Шкендија. Вардар има добар тренер и Шкендија има, но тој добар тренер има на располагање барем 20-мина екстра играчи. Во Шкендија, кога некој ќе скине лигаменти, веднаш следува паника, како што беше со Хасани, како што е сега со Вујчиќ. Е во Вардар го нема тоа, повредите се сфаќаат како нешто најнормално во фудбалот и си тераат работа. Да, но Гоце Седлоски има замени за повредените, а Османи нема. Е зошто е така тоа? Се сеќавате ли кога Блажевски ги скина лигаментите? Имаше ли во Вардар плачки? Не, напротив. Иако Блажевски дотогаш беше најдобриот фудбалер на Вардар, никој не го сфати тоа премногу трагично. Кога Хамбарѕумјан, еден од најдобрите играчи во Лигата, потешко се повреди, Седлоски го извади како адут еден Брдаровски, кој беше феноменален. Но има клупа, има 20 и повеќе играчи на готовс. Кого сега да стави Османи место Вујчиќ, дали е тоа Бојку, Зејнулаи или Тотре? Секоја чест за момците, но со нив не може да го победиш Вардар или, пак, да одиш во групната фаза од ЛЕ. Е тоа е разликата меѓу Шкендија и Вардар.

 



Датум: 30.07.2017, 11:34
Статијата е прочитана 6641 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
17.10.2017
17.10.2017
17.10.2017
17.10.2017
17.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense