| контакт | маркетинг
РАКОМЕТ

02.11.2017

Гонзалез е иднината на „светците“

Гонзалез е главен кандидат со оглед на тоа дека шпанските тренери во последниве години се уште како на цена, а во прилог му оди и фактот што три години во низа, клубови водени од Шпанци ја освоија Лигата на шампионите

„Раул Гонзалез е иднината на ПСЖ“ според француските медиуми, кои полека, но сигурно го промовираат актуелниот вардаров стратег во нов предводник на еден од најбогатите клубови во светот. Шпанецот на кормилото на „светците“ не е новина за нас, со оглед на тоа дека шпекулациите околу оваа „врска“ тргнаа уште летово, поточно во јуни, откако во финалето на Ф4 во Лигата на шампионите „црвено-црните“ во последната секунда им го зедоа европскиот трофеј на Карабатиќ и ѕвездите.
Интересниот момент потекнува од тоа дека контактите се активни, како и од тоа дека има (пре)многу случајности во целиот потенцијален трансфер кои натежнуваат на страната на парискиот клуб.
Договорот на Раул Гонзалез со Вардар завршува во јуни 2018, истовремено како и соработката што ја има ПСЖ со актуелниот тренер Звонимир (Нока) Сердарушиќ. Искусниот 67-годишен стратег во септември, пред почетокот на сезоната, најави дека одлучил оваа сезона да биде последна за него, а еден од клучните фактори за ваквата одлука е тоа што има сериозни здравствени проблеми и летово беше на нова операција на срцето.
Коинциденција е што и претходниот стратег на „светците“, Филип Гарден, издржа три години на функцијата (2012 – 2015), па коментарот е дека „љубовта трае три години“ кога е ПСЖ во прашање.

КОНКУРЕНЦИЈА
Гонзалез не е единствениот кандидат за позицијата, во игра е и тренерот на Кристијанштад (следниот противник на Вардар во Лигата на шампионите), Ола Линдгин. Швеѓанецот и актуелниот асистент на Сердарушиќ, Стефан Олсон, беа страшен тим на клупата на Шведска цели осум години (2008-2016) и го освоија и сребрениот медал на ЛОИ во Лондон.

ШПАНЦИТЕ НА ЦЕНА
Сепак, Раул Гонзалез е во пол-позиција со оглед на тоа дека шпанските тренери во последниве години се уште како на цена, а во прилог му оди и фактот што три години во низа клубови водени од Шпанци ја освоија Лигата на шампионите (Пасквал со Барселона во 2015, Душебаев со Келце во 2016 и Гонзалез со Вардар во 2017).
Ако го прашате Раул Гонзалез на темата околу неговото останување или заминување од Вардар, тој во свој стил ги крева рамената и вели: „Не знам, ќе видиме“.
Секако дека и најавата на сопственикот Сергеј Самсоненко дека заминува по оваа сезона, па потоа премислувањето и потврдувањето дека останува во „добро и зло“, носи дополнителна доза неизвесност во целата ситуација.


ЗАМИНУВАЊА ВО НАЈАВА
Вардарци, стандардно, во периодот од декември до јануари почнуваат со кроење на тимот за следната сезона, но, според најавите, се чини дека овој период ќе донесе повеќе одливи отколку приливи во европскиот првак.
Лука Циндриќ веќе го промовираа во Келце, како големо засилување за следната сезона. Заминувањето на Арпад Штербик во Веспрем „Македонски спорт“ веќе го најави, а на излезна врата се и Хорхе Македа (чиј договор со Вардар завршува во јуни 2018) и главниот дефанзивец Илија Абутовиќ (иако лани го продолжи договорот до 2020), кои се цел на германскиот шампион Рајн Некар Левен. Уште неколкумина „црвено-црни“ момци ќе бидат слободни од клупските обврски во јуни, доколку Вардар не одлучи да ги задржи или тие не побараат нов предизвик.



Датум: 02.11.2017, 10:37
Статијата е прочитана 1084 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
23.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense