| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

09.11.2017

ГОЛ-СЕРИЈАТА НА ШКЕНДИЈА ТРАЕ ЛИ, ТРАЕ

На последните 19 меча во домашниот шампионат, Шкендија постигнуваше барем по еден гол и без разлика дали победува или губи, таа ја тресе противничката мрежа. Дома, пак, серијата трае на последните 14 меча. Просекот на сите мечеви е 2.89, додека дома тој е 2.93

Шкендија руши рекорди. И не само што за прв пат, откако двата клуба имаат милионски буџети, има двоцифрена бодовна предност пред Вардар и е на чекор до освојување на есенската титула туку руши рекорди и во поглед на својата гол-серија. Серија која трае ли, трае. Но лесно ѝ е Шкендија кога го има тандемот Буба - Бесарт во своите редови, кој се изнадава голови во последно време. Во продолжение од текстот може да се прочита уште еден факт зошто Шкендија е убедливо на првото место на табелата во нашата елитна лига.

НА 19 МЕЧА ПО РЕД, ТЕТОВЦИ „ТРЕСЕЛЕ“

На последните 19 меча во домашниот шампионат, Шкендија постигнуваше барем по еден гол и без разлика дали победува или губи, таа ја тресе противничката мрежа. Секако дека ова е импресивен резултат или биланс. И на овие 19 меча во серија, инаку тука се сметаат и резултатите и натпреварите од минатата сезона, има само два пораза, но затоа има 14 победи и три ремија. Инаку, последен пат Шкендија не постигна гол на мечот од 5 мај, кога во Прилеп, на Могила, домашната Победа славеше со 1:0.

ЗА МАЛКУ, ВО ПРОСЕК, ПО ТРИ ГОЛА НА МЕЧ

На сите овие 19 меча во серија, Шкендија знаеше да постигне и по шест и по пет гола, но успеа да постигне вкупно 55 гола или, во просек, по 2.89 гола на секој меч посебно. Значи, многу малку голови недостигаат за да биде просекот точно три. Се разбира дека и некои поголеми клубови во Европа не може да се пофалат со ваква ефикасност или со ваква серија. Е сега до кога ќе трае оваа серија, останува да се види. Инаку, Шкендија до крајот на есенскиот дел игра со Силекс во Кратово, а во Тетово со Скопје, со Ренова и со Пелистер на крај.

ДОМА ЕДНОСТАВНО „РАСТУРААТ“

Инаку, Шкендија особено импресионира на свој терен, на „Еколог арената“ под Шара. Имено, на 14 меча по ред, тетовци постигнуваа голови, вкупно 41 или, во просек, по 2.93 на секој меч посебно. Значи, тука недостига многу малку за да биде просекот точно по 3 гола на секој меч посебно. Со оглед на тоа дека до крајот на есенскиот дел дома играат со Скопје и со Пелистер, еве шанса таа серија да продолжи и во наредниот период. Инаку, последен меч на кој Шкендија не постигна гол дома е на 5 мај, кога во Тетово, фудбалерите на Скопје успеаја да одиграат без голови.

СЕЗОНАВА, НИКОГАШ ПОМАЛКУ ОД ДВА ГОЛА

Сезоната, барем во овој есенски дел во 14-те одиграни кола, Шкендија може да се пофали дека не само што постигнуваше гол на секој меч туку и дека постигнуваше најмалку по два гола. И кога победуваше и кога губеше, екипата на Шкендија постигнуваше најмалку по два гола на секој меч. Така беше и во поразот со Вардар (2:4), така беше и во поразот од А. Пандев (2:3). Но затоа Шкендија на гости му даде шест гола на Работнички, пет на Силекс, четири на Шкупи, три на Победа.

АТРАКЦИЈА, „ГОЛЕАДИ“, САМО НАПАД И НАПАД

И ова е само благодарение на стратегот Ќатип Османи. Тренерот кој, без разлика дали губи или води, инсистира на напад, на агресија, на атракција, на „голеади“. Можеби, затоа загуби против Вардар и А. Пандев, кога иако имаше добар резултат, Османи инсистираше неговиот тим да оди на победа. Но тој е стилот кој, генерално, носи успеси, одлични резултати. Токму Шкендија го игра најубавиот фудбал во нашата Прва лига и затоа е најгледана екипа во нашата Прва лига. Имено, секогаш кога игра овој тим, без разлика на сѐ, атракцијата е загарантирана.

 

СИТЕ МЕЧЕВИ
05.11: ШКЕНДИЈА - Работнички 2:1
29.10: Победа - ШКЕНДИЈА 0:2
25.10: А. Пандев - Шкендија 3:2
22.10: ШКЕНДИЈА - Шкупи 4:1
14.10: Вардар - ШКЕНДИЈА 4:2
30.09: Пелистер - ШКЕНДИЈА 1:3
27.09: ШКЕНДИЈА - Ренова 2:0
24.09: Скопје - ШКЕНДИЈА 1:2
20.09: ШКЕНДИЈА - Силекс 5:0
17.09: Работнички - ШКЕНДИЈА 2:6
10.09: ШКЕНДИЈА - Победа 3:3
27.08: ШКЕНДИЈА - А.Пандев 2:1
21.08: Шкупи - ШКЕНДИЈА 0:3
12.08: ШКЕНДИЈА - Вардар 2:0
31.05: ШКЕНДИЈА - Пелистер 3:1
28.05: Ренова - ШКЕНДИЈА 4:4
21.05: ШКЕНДИЈА - Работнички 2:2
14.05: Македонија ЃП - ШКЕНДИЈА 2:3
07.05: ШКЕНДИЈА - Брегалница 3:0
(03.05: Победа - ШКЕНДИЈА 1:0)
ВКУПНО: 19 14 3 2 55:26 (2.89 голови во просек)

ДОМАШНИТЕ МЕЧЕВИ
05.11: ШКЕНДИЈА - Работнички 2:1
22.10: ШКЕНДИЈА - Шкупи 4:1
27.09: ШКЕНДИЈА - Ренова 2:0
20.09: ШКЕНДИЈА - Силекс 5:0
10.09: ШКЕНДИЈА - Победа 3:3
27.08: ШКЕНДИЈА - А. Пандев 2:1
12.08: ШКЕНДИЈА - Вардар 2:0
31.05: ШКЕНДИЈА - Пелистер 3:1
21.05: ШКЕНДИЈА - Работнички 2:2
07.05: ШКЕНДИЈА - Брегалница 3:0
26.04: ШКЕНДИЈА - Вардар 3:1
09.04: ШКЕНДИЈА - Ренова 1:1
02.04: ШКЕНДИЈА - Македонија ЃП 5:1
12.03: ШКЕНДИЈА - Победа 4:0
(05.03: ШКЕНДИЈА - Шкупи 0:0)
ВКУНО: 14 11 3 0 41:12 (2.93 голови во просек)



Датум: 09.11.2017, 10:31
Статијата е прочитана 1932 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
23.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense