| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

23.11.2017

Прво за Панчев, па за себе и сега за Хари

Пред околу две години, на сцена стапи фудбалската опозиција во името на Обединети за фудбалот. Како што минуваше времето така се менуваа и нејзините ставови во однос на тоа кој би требало да го замени Илчо Ѓорѓиоски

Хари Хаџи - Ристески не крие, а тоа не го кријат и неговите блиски соработници, дека е време, барем така велат тие, да се врати на чело на Фудбалската федерација на Македонија. Во вчерашниот број на „Македонски спорт“ потенциравме за неговите идни планови, но сега е време да се позанимаваме со Обединети за фудбалот. Организација, група или како сакате наречете ја, која се појави пред околу две години. Нејзините цел и амбиција беа што побргу да се урне Илчо Ѓорѓиоски, актуелниот претседател на ФФМ, од „власт“. Интересно е тоа што како што минуваше времето така се менуваа и нивните ставови, тука мислиме на Обединети за фудбалот, за тоа кој треба да дојде на местото на Илчо.

Дали Хари е вистинското решение?

Прво, кога се појавија Обединети за фудбалот во јавноста, беше кажано дека тие имаат намера да „играат“ со Дарко Панчев. Иконата на мак-фудбалот требаше да биде локомотивата на опозицијата, која требаше да го смени Ѓорѓиоски. Знаеме како заврши таа приказна со Кобрата. Потоа опозицијата беше самата за себе, се шпекулираше со лица кои се во нејзината група, се шпекулираше со повеќе имиња. Во последно време, фаворит им е Хари Хаџи - Ристески. Или, пак, Обединети за фудбалот им се приклучуваат на луѓето кои важат за блиски до прилепчанецот, некогашниот прв човек на Фудбалската федерација на Македонија. Секако дека секој има право на свое мислење, на свој коментар, секако, на своја амбиција. Но ајде да се потсетиме дека токму Хаџи - Ристески беше на чело на мак-фудбалот од 2002 до 2012 година, значи цели десет години тој беше тој што „тресеше“ со фудбалот. Секоја чест за Хари како човек, како бизнисмен, но тој не е ѝ баш омилен на фудбалската јавност во Македонија. Се знае и зошто. Така што со право се прашуваме дали токму тој е вистинскиот човек за местото прв човек на мак-фудбалот.

Уште првиот ден имаше деманти

Да се потсетиме дека пред околу две години, кога се појавија Обединети за фудбалот, на првиот нивни прес беше најавено дека големи фудбалски имиња, некои и легенди на нашиот фудбал, па и икони, стојат зад целиот проект. Тука беше споменуван Дарко Панчев, па Мето Спасовски, Ѓоко Хаџиевски, Илија Најдоски, Мирсад Јонуз, Драган Канатларовски, Никола Илиевски-Џиџи, Артим Шаќири, Бобан Бабунски, Драган Томоски, Митко Стојкоски, Тони Мицевски, Васил Рингов, Ангел Бунгуров, Зоран Бошковски и многу, многу други. Сепак, интересно е тоа што од тие споменати имиња имаше деманти, дека не стојат зад овој проект, од неколкумина. Како што одминуваше времето, и останатите се повлекоа или не беа во преден план, а најинтересно беше тоа што на еден прес се најави дека Дарко Панчев, сегашниот спортски директор на Вардар, не им дигал телефон. Па така, еве, по две години, дали од оваа организација или групација остана само администраторот на фејсбук-страницата, Драган Томовски. На секое соопштение од Обединети за фудбалот, само тој е потпишан.

Лесно му е на Илчо со ваква опозиција

Секако дека нѐ чека интересна зима. Нѐ чека битка за престолот на Фудбалската федерација на Македонија, и тоа ќе биде ударна вест во сите медиуми во следниот период. Но, сепак, треба нешто да се каже. А тоа е дека лесно им е на сегашното раководство на Фудбалската федерација на Македонија и на Илчо Ѓорѓиоски со ваква опозиција. Можеби, звучи чудно, но така е.



Датум: 23.11.2017, 15:28
Статијата е прочитана 2407 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense