| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

23.05.2017

Ангеловски: Да бидеме на нивото од минатите натпревари

Селекторот на македонскиот национален тим Игор Ангеловски, го соопшти списокот на репрезентативци за престојните натпревари со Турција (пријателски меч во 5 јуни) и оној квалификацискиот против Шпанија на 11 јуни

На списокот на селекторот се најдоа тројца дебитанти: Амел Рустемоски, Јани Атанасов и Ељиф Елмас, кои што а прв пат ќе бидат дел од сениорскиот национален тим. Овој потег на селекторот доаѓа после откажувањето на младите репрезентативци кои ќе се подготвуваат за ЕП во Полска.

„Од она што може да го забележите на списокот од претходните натпревари, 90% од играчите се исти од оној меч со Белорусија, затоа што и тогаш не сметавме на играчите до 21 година. Тие се подготвуваат за настап на ЕП и нема да можеме да сметаме на нив. На списокот има неколку помлади репрезенативци, и мислам дека со нивните настапи заслужуваат да бидат дел од сениорскиот национален тим, и јас им посакувам во брзо време да бидат носители на нашата репрезентација. Тука се повикани Чурлинов, Рустемоски кои се членови на големи тимови како Келн и Грасхоперс, а Елмас и Атанасов имаат преддоговори со Херенвен односно Интер. Тука на голманската позиција е Давид Митов - Нилсон кој што имаше многу пехови во последно време, и го повикавме затоа што во иднина сметаме на него, а денеска ќе настапи и за резервниот тим“, рече Ангеловски.
Ангеловски ги истакна очекувањата од натпреварот со Турција, на кој се фокусира.
„Ни доаѓа една фудбалска велесила како Турција предводена од Фатих Терим, тренер кој што многу го почитувам. Прво сите мисли ни се насочени кон тој натпревар, и очекувам тоа да биде дополнителен мотив за фудбалерите за натпреварот со Шпанија. И натаму инсистираме да играме со силни репрезентации, затоа што само така можеме да го подигнеме нивото на селекцијата“, вели селекторот.

Селекторот очекува играчите да ги повторат игрите од претходните два меча.
„Да бидеме на нивото од претходните натпревари и да го дадат најдоброто од себе. Не сме селекција која што на Шпанија ќе и се заканува, но не сакам да бидеме и репрезентација која што ќе влезе на терен и ќе игра однапред загубен натпревар. Во квалификациите направивме една игра која што конечно почна да носи резултати и јас се надевам дека ќе продолжиме со таа игра“, рече Ангеловски.
Првиот собир на репрезентативците е на 30 мај во хотелот Гранд Плаза во Скопје во 12 часот. На првиот тренинг нема да биде комплетен националниот тим, односно ќе бидат без Ристовски и Алиоски кои имаат обврски во своите клубови.



Датум: 23.05.2017, 12:16
Статијата е прочитана 2515 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense