| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

09.05.2017

ПОД ЛУПАТА: Вардар експрес - некои во „несвест“

Да се освои титула на 4 кола пред крај на сезоната. Да се има +13 бода пред оваа Шкендија која минатото лето газеше низ Европа... Да се биде прв е доказ дека си најдобар! Се е кажано...

Пишува: Игор Д. Ивановски

Кога се ќе заврши, кога се ќе биде готово сите му честитаат на најдобриот. Иако има уште 4 кола до крајот на сезоната, честитките за новата шампионска титула одат на ланската адреса - кај Вардар! Македонија има старо-нов првак и екипа која прва стигна до јубилејната 10 домашна круна. Бројките и статистиката се тие пред кои сите молчат па така иако овој наш фудбал одамна е утепан и тука имаме бројки, резултати и постигнувања. Вардар вози „експрес“ додека некои од злоба паѓаат во „несвест“.
Вардар зад себе ја има една од најдобрите сезони. Уште на 7 мај ги реши дилемите иако многу претходно мирисаше на нова круна кај скопските „црвено-црни“. Во неделата осигураа недостижни +13 бодови пред Шкендија за заверка на новата круна. Убедлива сезона и трон пред истата онаа Шкендија за која таму некаде во август комплетната јавност во земјава коментираше дека е за класа пред Вардар, дека ова ќе биде нивна сезона... Но ете не ти било тоа така. Нашите „експерти“ уште еднаш превидоа и не видоа кој е кој. А им се случува тоа честопати со оглед на нивниот хендикеп од детството. Па така со лечењето на комплекси и лични фрустрации се обидуваат да оспорат успех на тим за кој се „заколнати“ а со години беа на платениот список на еден клуб од Скопје од другата страна на Вардар. Историја е тоа и факти од кои нема бегање... Факти за кои многумина знаат.
Но ете Вардар е прв, мисијата им се исполни. Но немаат време за славење. Уште денеска треба да почнат да мислат како и со кој тим ќе одат во јули во квалификациите од Лигата на шампионите. Кои се засилувањата!? Што до сега направи „скаутинг“ тимот на Вардар!? Кои се плановите на Самсоненко, на Гоце Седлоски како тренер и Дарко Панчев како спортски директор!?  Лично сметам дека без тројца екстра засилувања не смее ни да се помисли да се оди на европскиот фронт. СПОР е овој Вардар. Можеби добар за домашната сцена но не и за ЕВРОПА. Тоа го знаат Седлоски и Панчев. Знаат тие затоа што и тие некогаш биле дел од Европа за која Вардар сонува. Ако тие не ја најдат формулата тогаш Самсоненко нека повлече линија и нека ги намали парите затоа што дома прв може да се биде и со помалку пари од овие кои сега се даваат.
Сега е трет обид да се мине барем едно коло од Лигата на шампионите. Нема веќе оправдувања. Потребен е резултат во Европа за да видиме дали тогаш навивачите ќе се вратат на трибините кога Вардар игра дома. Наводно тоа било причината поради која ги немало...
Трети сакаат „девардаризација“. Заборавија каде беше Вардар пред пет години со „вардарците“. Дека на никој од големите вардарци не му текна на клубот во моментите кога екипата беше пред службени порази од 3:0 затоа што се немаше 300 евра за судии!!! Сите се насукаа кога намирисаа „паричка“. Клубот успеа „некако“ да остана во елитата и сега е тоа што е - трипати првак во серија. Тоа ти е исто како да кажеш дека на Интер му треба „де-интеризација“. Но ете и таму и во Милан влегоа Кинези а со нив и Кинези во структурите на клубот. Па тие никогаш не играле за Интер - НЕЛИ!? Комични сфаќања, тресење на слама и барање на причина да се биде вечно контра. Никој не е вечен па така и Вардар утре ќе биде без Седлоски, без Самсоненко, без сите кои се удираат дека се вардарци (ама тука се само кога има пари), без економот, без оваа гарнитура на дресови. Но ќе останат титулите кои ќе се бројат и по 100 години и ќе останат кампот крај стадионот и оној во Хиподром кои се на Вардар, кој пред Самсоненко немал НИШТО свое!
Резултати, работа со млади категории и успех на домашна и меѓународна сцена. Секако и публика која од срце ќе дојде на стадион а не да е таму за да не плати билет и да прави бељи по кои страда касата на клубот. Во Европа се оди ако сите се однесуваат европски! Имате два месеци за работа. Не чекајте да дојде јули! фатете се за работа - ОДМА!


П.С Традиција е тоа кај нас па и во регионов кога ќе се освои титула да се залие истата во кафеана, микрофон и по некое „месо“. Што ли ќе се случи ако на пример Партизан на сплавови низ Белград слави титула а таму со „црно-белите“ слави и фудбалер на Црвена Звезда!? Тоа би било општ хаос.

 


 



Датум: 09.05.2017, 19:17
Статијата е прочитана 4877 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense