| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

08.09.2017

Вардар на европско „загревање“

„Секако дека одиме на победа. Сакаме со триумф да ги започнеме натпреварите во Лигата на Европа следната недела“, најавува Дејан Блажевски


Пред настапите во Лигата на Европа, Вардарци ќе имаат „загревање“ во дуел со Силекс. Тим кој што на последните две гостувања кај актуелниот првак, си заминаа непоразени. Еднаш 1:1 и вториот пат 0:0, се резултатите кои ги остварија кратовци кога доаѓаа во Скопје на дуелот со „црвено-црните“.
И покрај тоа што има важен натпревар во четврток против Зенит на домашен терен, Јаневски не планира да ги „штеди“ силите. Можно е поштеда да добие само некој од играчите кои играа во националните тимови.

СЕ ОЧЕКУВААТ ТРИ БОДА
Откако Чедомир Јаневски е тренер на Вардар, екипата има четири победи во исто толку натпревари. Совладани беа тимовите на Фенербахче два пати, еднаш Победа во првенството, и во Купот на Македонија второлигашот Локомотива. Вардар нема намера да го „жртвува“ првенството само поради настапите во Европа, и од тука „црвено-црните“ очекуваат да земат три бода.
„Не треба да мислиме дека ќе биде лесно, но ги сакаме трите бода кои што ќе ни донесат подигнување на самодовербата пред натпреварот со Зенит. И самиот настап во Европа носи самодоверба, но би било супер да ги освоиме бодовите против Силекс. Не треба да се залажуваме дека треба само да истрчаме на теренот, туку мораме да влеземе ангажирано за да дојдеме до нашата цел“, вели Блаежевски, голгетерот на „црвено-црните“.

КРАТОВЦИ ПО „РЕПРИЗА“ ОД ЛАНИ
По одличниот старт на првенството и двете победи во првите две средби, во кои фудбалерите на Силекс прикажаа одлична игра и голема сигурност на теренот, во третото коло кратовци доживеаја „студен туш“. Среде Кратово беа декласирани од Пелистер со убедливи 4:1, во дуел во кој од почеток до крај битолчани беа подобри во секој сегмент од играта. Таквиот лош настап, без оглед на тоа што противник им беше актуелниот освојувач на Купот, практично целосно го поништи добриот стартен впечаток што кратовци го оставија на почетокот на сезоната. Тоа и беше причина што стручниот штаб на Силекс испланира жесток ритам на тренинзи за време на првенствената пауза, за што побрзо и поефикасно да се исправата прикажаните на средбата со Пелистер, нешто што е неопходно, пред дуелот што им следи на кратовци, односно гостувањето кај актуелниот шампион Вардар.
Сите во Силекс се свесни дека тоа е најтешкиот дуел за враќање во победнички ритам, но на кратовци изминативе неколку сезони неколкупати им успевало да извлечат добар резултат против „црвено-црните“. Така беше на последните две гостувања во Скопје на кои, и во двата случаја, кратовци останаа непоразени, а освен тие две ремија, во последните шест меѓусебни средби кратовци имаат и една победа. Тоа значи дека во последно време, статистички гледано, Силекс на секој втор дуел не губи од Вардар.
„На натпреварот против Пелистер одигравме многу лошо и мораме да ја поправиме таа слика што ја прикажавме. Знаеме дека сме способни за многу повеќе од тоа што го одигравме на таа средба и верувам дека ќе го докажеме тоа на дуелот што ни претстои. Вардар е фаворит, но ние знаеме и имаме план како да им се спротивставиме. Верувам дека ова ќе биде одличен натпревар, со голема борба и дека на крајот ќе радуваме на успех“ – вели фудбалерот од средниот ред на Силекс, Кристијан Филиповски.


УСПЕХОТ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА МОТИВИРА
Освен бодовите против големиот противник, дополнителен мотив за добра игра за Филиповски е и одличниот настап на репрезентацијата до 21 година, која славеше на гостувањето во Ерменија со 3:0. Филиповски доби повик во националната селекција за таа средба, иако не настапи на самиот натпревар. Сепак, тој е решен да се обиде со добри настапи во лигата да добие нова шанса за учество во идните репрезентативни успеси.
„Да се биде во комбинација за настап во таа репрезентација е голема чест, но и одговорност за секој фудбалер. Оваа генерација треба да го следи високиот стандард што го поставија претходните репрезентативци со учеството на Европското првенство и јас како дел од таа селекција сум свесен дека тоа значи давање максимум на секој натпревар во домашното првенство, почнувајќи од овој претстојниот против Вардар“ – вели Филиповски.



Датум: 09.09.2017, 10:13
Статијата е прочитана 680 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense