| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

06.05.2017

Ѓорѓиоски на средба со „старата“ Победа

Првиот човек на ФФМ пред два дена одржал состанок со раководството на „старата“ Победа која има барање да се врати во елитата по истекувањето на казната

На 27 април истече осумгодишната казна на Победа, изречена од  страна на ФИФА и УЕФА по познатите настани од 2004 година и мечот во квалификациите меѓу прилепчани и Пјуник. Да потсетиме дека во 2009 година, по долго испитување, жалби и молби и до ЦАС (Спортскиот арбитражен суди), ФИФА преку УЕФА и наложи на Фудбалската Федерација на Македонија под итно да се суспендира Победа и да се исфрли од Првата лига, со назнака дека тој клуб не смее во наредните 8 години да се натпреварува во било кој ранг на натпреварување.
Е сега таа казна како што рековме истече, сега е време Победа да се врати во рамките на мак - фудбалот.
Проблемот е во тоа што се уште дефинитивно не се знае дали клубот треба да се врати во Првата лига. Според доказите и документите на прилепчани тоа треба да се случи. А поинтересен проблем е што еден друг субјект, исто така наречен Победа, веќе се натпреварува во Првата лига.

ПРАВНАТА СЛУЖБА НА ФФМ И УО ЌЕ ОДЛУЧАТ
Се разбира дека за сиот овој галиматијас да се реши, ќе треба своја согласност да даде и врвот на Фудбалската Федерација на Македонија. Па така завчера Илчо Ѓорѓиоски, на барање на луѓето од „старата“ Победа има средба со нив. Како што брифираат од страна на Федерацијата, ставот на Ѓорѓиоски бил дека за оваа работа треба прво да се произнесе правната служба на Федерација откако ќе и бидат доставени сите документи, па потоа и Управниот Одбор на ФФМ, но сетоа тоа да биде во согласност со пропозициите на Федерацијата но и на ФИФА и УЕФА. Ова значи дека проблемот наречен „Победа“ и дефинитивно ќе се решава „внатре“ во Фудбалската Федерација на Македонија и во наредниот период ќе се знае што и како ќе се одлучи по барањето на „старата“ Победа да игра во Првата лига, од таму каде што во сезоната 2009/2010 беше исфрлена.

КАКО СО ДВЕ ПОБЕДИ ВО ПРВАТА ЛИГА?
Инаку според документите но и според тоа што стои во образложението кога се исрекуваше казната, Победа фактички треба да се врати во елитата. Ова го велиме лаички, имено никаде не се потенцира дека клубот треба да се врати во најнизок ранг, стои само дека Победа се исфрла од Првата лига.
Е сега како ова ќе се реши, како ќе се најде решение кое ќе ги задоволи сите страни, останува да се види. Секако дека такво нешто не е лесно да се изнајде ако се знае во Првата лига во моментов се натпреварува една друга Победа, таа Победа АД која е сосема нов субјект изникната од клубот кој се нарекуваше прво Викторија па Победа Јуниор. Таа го изоди патот од четвртата до Првата лига. Во случај ако и се дозволи на ФК Победа, односно на „старата“ Победа да се натпреварува во елитата, тогаш во наредната сезона во Првата лига ќе има две Победи, а Прилеп ќе има два прволигаши. Но тоа значи дека ФФМ ќе мора да организира првенство со 11 клубови. Колку е ова изводливо останува да се види во наредниот период.

 



Датум: 06.05.2017, 09:33
Статијата е прочитана 4808 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
16.10.2017
16.10.2017
16.10.2017
16.10.2017
16.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense