| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

14.04.2017

Шампионот ќе игра едно коло повеќе во Европа

Европската клупска асоцијација, која е влијателен член во одлучувањето на некои битни работи во УЕФА, и дефинитивно се реши на некои измени во однос на форматот од Лигата на шампионите и Лигата на Европа за следните циклуси. „Македонски спорт“ презентира тоа што ги очекува нашите клубови

Минатиот месец, од 26 до 28 март во Атина (Грција) се одржа Собрание на ЕКА (Европската клубска Асоцијација), која, пак, е влијателна структура во одлучувањето на некои битни работи во УЕФА. На тоа Собрание и Македонија имаше свои претставници, и тоа генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев, и извршниот директор на Вардар, Самоил Симев. Требаше да присуствува и претставник на Шкендија, но од оправдани причини тој го одложи своето патување.
Се разбира дека нас како медиум, но и нашата јавноста ја интересира пред сè какви одлуки се донесоа од аспект на нашите клубови, односно што нив ги очекува во новиот формат на натпреварување во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
За сè ова разговараме со г. Монев:
„Има повеќе работи што се интересни за нашите клубови, но, сепак, ќе се задржам за она што е најважно и за она што е најинтересно. Во следната сезона од ЛШ, мислам на таа 2018/2019 година, има мали измени кои се добри за нашиот првак кој ќе ја претставува Македонија во квалификациите во ЛШ. Имено, нашиот шампион почнува од 1. коло, а не како што беше досега од 2. квалификациско коло, но тука треба да напоменеме дека во следната сезона ќе има претколо, значи работите се исти во тој поглед. Ново е тоа што ако на пример нашиот првак на стартот биде елиминиран тогаш тој се сели во 2.квалификациско коло од ЛЕ. Таму ќе се направи втор ’костур’ и нашиот шампион може се да сретне во 2. или 3. или, пак, плеј-офот во ЛЕ само со клубови кои, исто како и нашиот тим, се елиминирани од ЛШ. И овој ’костур’ не се меша со другите клубови од ЛЕ, сè до Групната фаза од ЛЕ. Значи на кусо, од следната 2018/2019 сезона нашиот првак ќе игра најмалку едно коло повеќе од досега“.

Куп освојувачот во 2. квалификациско коло во ЛЕ
Во врска, пак, со тоа какви измени ќе има во Лигата на Европа, Монев посочи:
„Тука се очекува да има зголемување на бројот на клубовите од 48 на 64, тука мислам на Групната фаза од Лигата на Европа. Што се однесува, пак, до квалификациите, предлог е, кој веројатно ќе биде усвоен, клубовите од рангот на нашите, па и нашите кои ќе се натпреваруваат во квалификациите во ЛЕ, да стартуваат од 1. квалификациско коло, впрочем како што беше и досега. Со таа разлика што освојувачот на националниот куп има поволност, а таа е тој што ќе го освои пехарот во Купот на Македонија директно оди во 2.квалификациско коло. Со тоа му се дава поголема важност на победникот во Купот. Останатите работи допрва треба да се прецизираат иако нема да има некои поголеми измени, односно нема предлози за поголеми измени околу овој формат“.

Повеќе пари од солидарниот фонд
Секако дека за нашите клубови важна ставка ќе биде и тоа како ќе се распределуваат парите.
„Во основа нема да има големи промени. Секако дека од година во година наградниот фонд, како што беше и досега, ќе се зголемува. Но, има една тука работа која треба да се напомене. А таа е дека стартната сума ќе се надоградува со поголем солидарен фонд. Ако тој солидарен фонд досега беше статичен отсега па натаму во заработката ќе влијаат и успесите, секоја победа, секој гол, секое реми, но и коефициентот на клубот. И на пример, ако досега за учество во 1. коло во квалификациите во ЛЕ заработката беше 210.000 евра и плус онаа помала сума од солидарниот фонд која УЕФА ги распоредуваше, сега тој фонд може, во зависност од успесите, но и ранкингот, односно коефициентот, да биде многу поголем“, рече на крајот Ненад Монев, претставникот на Работнички на ЕКА Собранието во Атина.

*Повеќе читајте во печатеното издание на „Македонски спорт“

 

 

 



Датум: 14.04.2017, 11:56
Статијата е прочитана 3933 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense