| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

24.03.2017


Денот кога „Пелистер“ го полнеше Лихтенштајн

На 9 ноември 1996 година Македонија ја постигна највисоката победа во својата историја од 11:1 на гостувањето кај Лихтенштајн. Интересно, стрелци на тие голови беа играчи кои потекнуваат или некогаш играле за Пелистер. Главевски, кој беше херој со три гола, Стојковски, Тони и Ванчо Мицевски, Ќириќ, Христов


Кога ќе се спомене Лихтенштајн веднаш ни асоцира на 9 ноември 1996 година, значи пред нешто повеќе од 20 година, кога во Ешен тогаш момците на селекторот Ѓоко Хаџиевски го победија домашниот тим со неверојатни 11:1. Велиме неверојатно од денешен агол ако се знае што и колку ја посакуваме таа победа по долго време. Тоа е наша највисока победа во историјата, една од највисоките воопшто во кои било квалификации во Европа.
Интересно е тоа што тие 11 голови ги постигнаа играчи кои потекнале од школата на ФК Пелистер или, пак, играле за тој тим. Херој беше Дејви Главевски со три гола, потоа во листата на стрелците се запишаа и Митко Стојковски, Саша Ќириќ, Тони и Ванчо Мицевски и Ѓорѓи Христов.

ГЛАВЕВСКИ: СÈ ШТО ШУТНАВМЕ ВЛЕЗЕ
По нешто повеќе од 20 години на тој 9 ноември, се присеќа токму Главевски. Некогашен наш репрезентативец и фудбалер на Пелистер, Рад, Тиквеш, Вејле, Побед, Рандерс и др. клубови. За нашиот национален тим одигра четири меча и постигна три голови, сите три на тој меч во Лихтенштајн.
„Помина доста време, но, сепак, јас многу добро се сеќавам на таа средба. Искрено не верувавме дека ќе победиме со толкава разлика. Бевме оптимисти и сметавме дека би можеле да дојдеме до триумф од 3:0 или 2:0, но никако со тие 11:1. Тоа беше втор меч од квалификациите за ЕП во Португалија со селекцијата на Лихтенштајн. На првиот во Скопје беше 3:0 за нас, и дојде тој момент. Уште на почетокот се виде дека ќе се растуриме од голови. Мислам дека имавме и среќа, имено сè што шутнавме влезе во домашниот гол. Напаѓавме во бранови, знаевме што сакаме и како да дојдеме до добар резултат. Првиот гол беше мое дело во 8. минута, потоа следуваа уште два, па се редеа другите стрелци. Точно е тоа дека стрелците беа некогашни играчи на Пелистер. И тоа му дава посебен шарм на оваа најголема победа на Македонија во нејзината историја“, вели Главевски.

УШТЕ МУ СЕ ЛУТАМ НА ХАЏИЕВСКИ
На тој меч нашата репрезентација ја имаше и поддршката и од публиката...
„Мислам дека имаше околу 3.000 наши луѓе од Европа кои дојдоа да ја гледаат таа средба, поддршката беше неверојатна. По мечот сите заедно се радувавме и бевме горди што ете успеавме да победиме дури со 11:1. Сепак, јас на крајот малку и му бев лут на нашиот селектор Ѓоко Хаџиевски. Имено, сметав тогаш дека добро му оди на мечот, дотогаш постигнав три гола и дека можам барем уште еден - два. Но, тој ме извади од игра. Ми се чини дека сè уште му се лутам на Ѓоко. На тој меч како да имав крилја, ако играв до крај можеби ќе дадев и пет голови. Секако дека има уште многу да се говори за тој за нас историски натпревар. Бевме максимално подготвени, знаеме што треба да сториме, одлично бевме и физички и психички подготвени. Тоа се виде и од крајниот резултат. Но, и како репрезентација по имиња бевме силни. Видете само кој играше на тој меч и сè ќе ви биде јасно“.


*Повеќе читајте во печатеното издание на „Македонски спорт“



Датум: 24.03.2017, 11:56
Статијата е прочитана 3261 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense