| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

14.09.2017

Шумуликоски: Зошто Вардар да нема шанси!?

Интервју во „Македонски спорт“ со Величе Шумуликоски - Македонецот кој беше дел од првата генерација на Зенит, генерација која почна да гради моќен клуб од Санкт Петербург-„Играњето во Зенит и тие три години поминати во „сината“ боја на овој клуб се најубавите во мојата кариера. Овој клуб е крвотокот на преубавиот Санкт Петербург. За клубот живее целиот град“, вели Шумуликоски за вечерашниот противник на Вардар.

Главната врска помеѓу Македонија и Зенит се вика Величе Шумуликоски. Нашиот играч за врска кој три сезoни беше дел од тимот од Санкт Петербург. Токму Зенит од заввчера е во Скопје. Тука е за дуелот со нашиот Вардар во историскиот меч од групната фаза од Лигата на Европа. Прво па Зенит. Добро е тоа... Оние кои не следат фудбал ќе речат ех, па тие се само Зенит од Русија, но оние кои се добро упатени во овој спорт знаат за што станува збор. Најтрофејниот руски тим за последните пет сезони стои на патот на Вардар. Ние само знаеме за работите гледано од страна, онака преку информациите кои ги имаме од Русија и од натпреварите кои ги гледаме на ТВ. Но имаме човек кој знае се за нив. Кој ако не токму Величе Шумуликоски.
„Зенит е фудбалска машина. Клуб за чија што големина во Македонија не се знае“, го почнува Величе разговорот со нас по повод дуелот Вардар - Зенит и продолжува-„Зенит е фаворит, клуб кој има сила, моќ но и страшно добар тим. Па што ако!? Па и Вардар е јак. Ако можеше со Малме, Копенхаген и Фенербахче зошто не дома и со Зенит. Вардар не е случајно во Лигата на Европа. Со игрите ова лето нашиот шампион докажа дека ова е негова година. Подобар мотив од ова да се победи вечерва Зенит не може да има. Но ќе биде тешко. Многу тешко... Сепак Зенит е тим од самиот врв на Европа. Тим кој токму сега има мала криза а тргна добро во домашниот шампионат. Шансите се според мене подеднакви. Вардар е екстра мотивиран, игра дома (очекувам полн стадион), и многу повеќе сака да стигне до резултат отколку гостинот“, коментира Шумуликоски за шансите на Вардар на денешниот дуел со „неговиот“ Зенит.


„Газпром“ и се е кажано...
„Што да се каже за клуб на кој главен спонзор му е „Газпром“. Едноставно немаат проблем со парите. Може да купат скапи играчи, можат да си дозволат секаков луксуз. Ете сега имаат стадиониште. Ново здание. Токму поради стадионот сакам да одам во посета на преубавиот град. Едноставно Зенит е Санкт Петербург и обратно. Таа врска е нераскинлива. Еден без друг не можат. Градот живее за клубот 24 часа, цел месец, цела година... Се е Зенит, се е „сино-бело“... Градот на реката „Нева“, град кој е историја... Ги минав најубавите години од мојата кариера токму во Зенит и токму во Санкт Петербург“, открива Шумуликоски детали околу тоа што значи Зенит за градот од кој што доаѓа.

Во генерација со Кержаков, Аршавин...
„Во мое време почна да се прави планот за силен, моќен и шампионски Зенит. Тогаш во 2004 година почна да се размислува како да се „украде“ титулата од Москва. Од Спартак, Локомотив и ЦСКА. Мисијата успеа две сезони откако заминав. Јас бев во тимот со Аршавин и Кержаков. Во тоа време најдобриот тандем во Европа и во руската репрезентација. Две икони на Зенит од кои Кержаков сеуште е таму а Аршавин игра во Казахстан. Петржела беше тренерот кој ме доведе во Зенит од Словачко (екс Синот), тим во Чешка. Уште тогаш се знаеше дека Зенит ќе владее со Русија. Тоа им тргна од рака но сега не е тоа тоа... Сега тимот е послаб од онаа златна генерација на Хулк, Витцел, Тимошчук, Мартинес, Дани... Ќе им треба време на овие сегашниве со Манчини да се доближат до овие што ги споменав а со кои Зенит беше успешен и во Лигата на шампионите“, напоменува стружанецот за силата на овој Зенит со ониј „златниот“ од пред две-три години.
Публиката нека ужива, нека победи фудбалот
„Што очекувам од дуелот вечерва!? Нека победи фудбалот. За Вардар и Македонија ова вечерва е историја. Кога ако не сега навивачите ќе дојдат на стадион и да го бодрат нашиот најтрофеен клуб. Ова е моментот. Дојдете и навивајте. На Вардар му треба полн стадион, добра атмосфера... Зенит е голем клуб. Ова ќе биде добар натпревар. Сакам навивачите да уживаат, да победи фудбалот. Вардар ако одигра како со Малме на реваншот може да се надева на успех. Тоа беше најдобриот меч на Вардар ова лето. Победата над Малме во Струмица ги отвори и вратите за настап во Лигата на Европа. Беа блиску во Копанхаген а Фенербахче беше награда за она претходното. Вардар дома има само победи, нека биде така и вечерва. Зенит е голем и има каде да собира бодови. Нека бидат русите први а Вардар втор... Тоа е мојата желба за оваа група“, се очекувањата на Величе Шумуликоски екс-играчот на Зенит. 



Датум: 14.09.2017, 14:10
Статијата е прочитана 1621 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.10.2017
20.10.2017
20.10.2017
20.10.2017
20.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense