| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

11.04.2017

ПОД ЛУПАТА: Трпение, спасение - титула!

Вардар на нозе ги истрпе сите детски болести, сите маалски напади, навреди и омаловажувања кон управа, тренери, играчи... Ротацијата на клупата и во тимот донесе +11, но и дијаметралната политика на Шкендија, која секогаш менува кога резултатите не се како треба

Пишува: Игор Д. Ивановски

А таму некаде во август бевме сведоци на најавите дека ова ќе биде сезона на Шкендија. Дека тимот од Тетово ќе го гази Вардар, дека скопските „црвено-црни“ се очајни, дека се вакви, дека се онакви. Дека тренерот им бил од Коњари, дека во клубот немало вардарци и уште многу милиони глупости кои немаат врска со реалноста, со реалната слика со фудбалот! Искомплексираните „вардарци“ сега молчат и се радуваат на новата титула иако самите тие правеа хајка против сопствениот клуб, сопствената управа, тренери и фудбалери. Таквото сценарио не го донесе потребниот епилог на сите оние ситни души кои на мизерен начин се обидуваат да палат атмосфера, да напаѓаат сè она што не им носи профит, да рушат нешто што има основа и темел. Можеби таквите имаа моќ и сила кога Вардар немаше цврсти темели и кога во клубот се плашеа од нив. Да, таквите ги гледавме на пример како фрлаат со шишиња по тренер на Вардар, по играчите. Такви кои низ улиците се едно, а на трибините маскирани во сосема трето. Но, овој сегашен Вардар не е зависен од никого.

Овој Вардар освојува титули, гради комплекси и мисли на иднината. Конечно, вистински Вардар со инфраструктура, со тим со сè она што треба да го има за да биде голем.
Овој Вардар остана на нозе и имаше сила да се справи на сите сценарија. На сите оние лажни профили, навреди и критики. Оние кои се кријат, а седат на иста маса со сите во клубот, од таму јадат и земаат плата, а, сепак, во позадина имаат болни амбиции и сценарија.
Но, резултатите никој не може да ги сокрие. Вардар реков дека остана јак и кога му беше најтешко. Остана со трпение, а сето тоа донесе спас(ение) и нова титула. Иако има уште 10 кола до крајот, сепак, оваа разлика од 11 бодови е причина да се каже дека работата е 99% завршена.

Тоа што Вардар го направи и му донесе успех не важи за Шкендија. Таму немаа трпение, таму не одолеаја на притисоците... Таму менуваа, ротираа и се загубија. Многуте тренерски смени, многуте рокади во управата и утките со засилувањата донесоа до ваква хаварија. Три директни порази од ривалот во првенствените пресметки и повторно Купот како утеха. Сè мириса на она ланското видено во нашиот мак-фудбал кога станува збор за врвот на табелата.

Фудбалот е игра во која сите играат на резултат, на титула, на круни. Така и кај нас, сето тоа е основа за коментар и анализа. Вардар треба да учи во победите и да се подготвува за во Европа, а Шкендија...!? Шкендија мора да ја промени тактиката. Ете и на Томас Брдариќ не му оди. И новиот тренер е пред смена. Не оди тоа така. Сите такви одлуки се доказ за погрешните потези кои се влечат во клубот.

Онаа Шкендија од летните евро-дуели не е ниту 10% од она што сега е Шкендија. А во Вардар си купуваа мир, ги амортизираа притисоците и знаеја како да излезат на крај со сите незадоволства. Вардар има 20 добри играчи. Затоа овој клуб нема проблем кога ќе се повреди некој играч, кога ќе има суспензии или на пример замор, како сега кога се играше среда-недела и кога играчите имаа репрезентативни обврски. Ако не е Фелипе ете го Балотели, Блажевски, Којашевиќ, Барсегјан... А во Шкендија ако не е Ибраими мора да е Хасани. Ако и на двајцата не им оди, тогаш ете ти проблем. Тоа е вистината за овие 11 бода предност на Вардар пред Шкендија. Сето друго е тресење „празна слама“. А оние „бушачите“ и кои ги споменав на почетокот, еве трета сезона во низа не успеваат да ги активираат сите „нагазни мини“ кои ги подметнуваат во Вардар. Како тргнало уште долго ќе чекаат и ќе чекаат и ќе се кријат зад нешто што во денешно време лесно се дознава и во време кога маските се вадат преку службите на МВР за експресно време.

ПС: „Могила на непобедените“, така се вика споменикот во Прилеп на нашите народни херои. А во близината е и стадиончето каде сега игра Победа. И навистина: „Могила на непобедените“’. Таму никој не може да победи. Еве трет меч и трето реми. Не може да победи и Пелистер, но ете тој не игра во Битола. Не е исто кога немаш свој дом!



Датум: 11.04.2017, 14:23
Статијата е прочитана 1732 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense