| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

14.06.2017

Кога Вардар ја покори Југославија

14 јуни 1987 година со златни букви ќе биде запишан во вардаровата историја. На денешен ден пред 30 години, Вардар стана шампион на Југославија, постигнувајќи го најголемиот успех. Оттогаш почна владеењето на Вардар, кое продолжи и во самостојна Македонија

Тоа беше 14 јуни 1987 година. Обичен ден, но со посебен фудбалски шмек, подоцна се покажа како најголемиот ден во фудбалската историја на Македонија. Ден кога Вардар беше прогласен за првак на Југославија, кога почна доминацијата во поранешната држава, а продолжи во самостојна Република Македонија.
Тоа беше по 40 години од постоењето на „црвено-црните“. Јубилеј што беше прославен со шампионска круна, со најголемиот успех.
Таа златна генерација го направи тој толку посакуван чекор за кој сонуваа многу генерации претходно. Вардар стана фудбалски бренд во Југославија, сите го знаеја и сите се тресеа кога гостуваа во Скопје.
Вардар влезе во последното коло како аутсајдер, со оглед на фактот дека зависеше и од резултатите во Тузла и во Зеница. Челик Зеница играше и го победи Хајдук со 3:1, а Слобода, дома, го совлада тимот на Вележ. Па така, „црвено-црните“, и покрај поразот од Динамо на „Максимир“ од 4:1, беа крунисани во нови прваци на Југославија.

Панчев, Рингов, Најдоски...

Таа златна генерација подоцна се покажа како најдобрата што некогаш излегла од Вардар. Добар дел од играчите станаа европски прваци, а дел од нив направија забележителни успеси низ европските клубови.
Секако, најзначаен е успехот на Дарко Панчев, кој  во таа 1991 година не само што беше европски и светски клупски првак со Црвена звезда туку ја освои и „Златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа. Заедно со него од таа генерација беше и Илија Најдоски.
Членови на таа генерација се уште и Васил Рингов, кој подоцна направи трансфер во Динамо, Драган Канатларовски, кој замина во Црвена звезда, а за овој клуб играше и Вујадин Станојковиќ. Дел од таа генерација се уште и Бобан Бабунски, Јовче Џипунов, Љупчо Марковски... Сите тие оставија траен белег и уште работат со фудбалот, иако има и дел од играчите кои не се занимаваат со фудбал.

Предводени од Дончевски

Тренер на таа генерација беше Андон Дончевски. Човекот кој подоцна стана и селектор, сега долго време живее во Австралија. Повремено ја посетува нашата земја, доаѓа во посета на репрезентацијата и на ФК Вардар, на кои им го посвети својот живот и како играч и како тренер.
Исто така, во стручниот штаб на екипата беа уште две вардарови легенди. Станува збор за Кочо Димитровски, човекот со најмногу настапи во дресот на Вардар. Негов помошник беше Методије Спасовски, кој, исто така, долги години беше дел од најуспешниот клуб во тоа време од Скопје.

*Повеќе читајте во печатеното издание на „Македонски спорт“



Датум: 14.06.2017, 11:00
Статијата е прочитана 2518 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense