| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

03.06.2017

Кочо е вардаровиот Тоти

Можете ли да замислите еден фудбалер да ја мине целата своја кариера во еден клуб. Е па можно е! Името на Кочо Димитровски е дефиниција за таа љубов кон „црвено- црните“, кон Вардар, кон клубот на неговиот живот

„Цели 50 години бев во Вардар, и сега сум со мислите со мојот Вардар. Цели 17 години бев првотимец, одиграв 845 официјални мечеви, на кои постигнав 95 гола. Тука не ги сметам пријателските. Вардар е мојата светост, Вардар е мојата најголема фудбалска љубов. Вардар, за мене, е сѐ“, вели Димитровски

Минатата недела, во Рим, од својата Рома, од својот „Олимпико“ се прости Франческо Тоти, легендата на Рома, легендата на Рим. Убава глетка, беше уживање да си на трибините и да го проследиш тој спектакл. Тоти го мина целиот свој фудбалски живот во Рома, таму почна и таму ја заврши кариерата.
Сепак, и Вардар си има свој Тоти. А тоа, бездруго, е Кочо Димитровски. Можете ли да замислитен еден фудбалер да ја мине целата своја кариера во еден клуб. Е па можно е! Името на Кочо Димитровски е дефиниција за таа љубов, за таа верност кон клубот на неговиот живот. Речиси половина век бил со „црвено-црните“, како член на младинската школа, како првотимец, тренер, а потоа и како координатор на младинската школа.
Кочо е поим за фудбал. За него се полнеше некогашниот Градски стадион. Голе, скопски и, пред сѐ, фудбалски шмекер. Секогаш фер и коректен, максимално посветен на својата професија, на фудбалот, а, пред сѐ, на Вардар.
Верноста на Франческо Тоти и неговото повлекување од Рома ни ја дадоа идејата да направиме мегаинтервју со Кочо Димитровски.

ПОВЕЌЕ ОД 50 ГОДИНИ МЕЃУ „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“
А сѐ почна во таа далечна 1964 година. Најдобро е самиот Кочо да го каже тоа...
„Да, моите први почетоци во Вардар се од таа 1964 година. Околу 200 деца бевме на селектирање, имавме по 13-14 години. Со мене беше и Ванчо Спасовски, со кого потоа заедно играв во Вардар. За само четири години, јас ја минав целата младинска школа и со 17-18 години станав првотимец. Првиот мој натпревар беше со Партизан во Белград, а во Скопје моето деби го имав со Динамо Загреб, кога по 20 секунди од мечот постигнав гол за Вардар. Во тие денови, мислам на младинската школа, мои тренери беа Вучидолов, Божиновски, Дончевски и др., а легендарнот Кирил Симоновски-Џина ми даде шанса да настап за прв пат во првиот тим. И оттогаш бев во првиот тим на Вардар цели 17 години. На мојата радост ѝ немаше крај, на мојата среќа, исто така. Бев заљубен во Вардар, во тоа дека играв во клубот на мојот живот. Во тие денови како да бев на небо, бев полн со себе, но знаев дека секогаш морам да го давам најдоброто од мене за и натаму да останам дел од првиот тим и за да го носам дресот на Вардар“ вели Димитровски.

СЕКОЈА ЧЕСТ ЗА САМСОНЕНКО
Вардар во последно време може да се пофали дека има и одлична инфраструктура...
„Да, да, секако. Она што го прави г. Сергеј Самсоненко е за пофалба. Сега Вардар има суперуслови за работа. Играчите имаат перфектни услови за работа, за тренирање, едни од најдобрите на овие простори. И ете, тоа дава резултати во поглед на титулите. Затоа секоја чест за Самсоненко и за тоа како се грижи и вложува во фудбалот. Сега овој спорт е врзан низ призмата на парите, ако немаш пари - нема да имаш ни успеси. За разлика од порано, сега терените на кои тренираат вардарци се супер, ние понекогаш моравме да тренираме на снег, во кал, во прашина“.

ОЧЕКУВАМ УСПЕХ ОД МЛАДИТЕ НА ЕП
„Со радост ги следев настапите на нашата млада репрезентација во квалификациите за ЕВРО 2017 во Полска. И бев пресреќен кога се пласиравме на тоа ЕП. Секако дека во Шпанија, Србија и во Португалија ќе имаме големи ривали, но верувам во Благоја Милевски и во неговата работа. Тие млади покажаа дека може да бидат рамноправни со сите. Можеби, нема да бидеме први во групата, но на сите ќе им биде пеколно тешко да играат против нас. Лично очекувам успех на ова ЕП од нашите херои. Морам тука уште еднаш да ги пофалам Милевски и неговата тренерска филозофија“.

ПРОТИВ СУМ ЗА РЕГИОНАЛНА ЛИГА
За разлика од некои други, Кочо не смета дека е добро да се воведе таа регионална лига.
„Па не сметам дека ќе биде спектакл тоа. Порано беше поинаку, сите клубови од бивша СФРЈ имаа квалитетни состави, сега веќе не е така. Верувајте дека кога ќе дојдат екипите од таа некогашна голема четворка, тешко дека ќе се наполни арената во Скопје, за другите клубови, пак, да не зборувам. Мислам дека кога ќе нема спектакл, и интересот ќе биде помал. Затоа не сум ЗА оваа лига. Можеби, грешам, но тоа е моето мислење“, рече на крајот Димитровски.

Тричко, Блажевски, Тасевски... се „негови“ деца
Радосен сум што во Вардар, кога бев во младинската школа, се изнедрија голем број сега познати фудбалери. Како, на пример, Иван Тричковски, Дејан Блажевски, Дарко Тасевски, Баже Тодоровски, Христија Кировски, Бојан Марковски, Оливер Пеев, Јове Костовски, потоа браќата Димитровски. Кога ќе ги видам сега како играат, навистина ми е мило“..

Ме бараа Партизан и Динамо
„Не кријам дека имав понуди, и тоа доста примамливи за да направам трансфер во Партизан или Динамо. Но ете, останав во Скопје и не жалам. Тогаш се што сакав е да играм во Вардар. Така и беше, така и остана. Којзнае, можеби ќе заработев и повеќе но јас си го сакав Вардар. Имав понуди и од странство, но решив да остана

Целоснто интервју прочитајте го во печатеното издание на „Македонски спорт“

 

 



Датум: 03.06.2017, 10:08
Статијата е прочитана 2296 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense