| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

31. 10. 2017

Пет причини зошто Шкендија ќе биде шампион

„Македонски спорт“ анализира зошто оваа сезона е, и ќе биде во знакот на тетовските „црвено - црни“

Во саботата и во неделата се одигра 13. коло во нашата Прва лига. Вардар продолжи со својата мизерија, четири меча без победа во серија, од кои три во домашниот шампионат, додека Шкендија ја освои Могила со 2:0, и тоа без никакви проблеми. Сега бодовната разлика меѓу лидерот Шкендија и третиот Вардар изнесува цели 11 бода. Секако дека шампионот има два меча помалку, треба да игра со Работнички и со А. Пандев во Струмица и ако победи на двата, а тешко според тоа како игра во моментов, таа разлика ќе биде пет бода. Разлика која од коло во коло се зголемува. А оваа разлика од 11 бода можеше да биде уште поголема, само да се потсетиме дека на дербито со Вардар, Шкендија водеше на полувремето, а во Струмица имаше бод в џеб сѐ до 90. минута.
И после сето ова кажано, после овие 13 кола, се чини дека и дефинитивно може да кажеме дека има барем пет причини зошто Шкендија оваа сезона ќе биде прва на крајот и по вторпат во својата историја.
А тие се...

1. Зафатеноста на Вардар во Европа, во групната фаза од Лигата на Европа. Шампионот, и покрај трите убедливи порази, едноставно е истрошен. Убаво се гледа дека никој наш клуб не е подготвен да игра на три фронта, па ниту Вардар не го може тоа. Е овој податок Шкендија го користи максимално.

2. Големата бодовна предност меѓу Шкендија и Вардар, тука не ја сметаме Академија Пандев затоа што нема ниту квалитет ниту ресурси оваа сезона да биде првак. Таа засега е 11 бода, математички таа разлика е пет, но само ако Вардар ги победи Работнички и А. Пандев во тој пеколен декември. И рековме веќе дека тешко дека ќе победи Вардар на двата заостанати меча.

3. Неснаоѓањето на Чеде Јаневски во нашата Прва лига се гледа од авион. Тој сосема неподготвен влезе во битка во елитата, за разлика од него, неговиот претходник Гоце Седлоски ги имаше сите предуслови. Беше тренер во Хоризонт Турново и една година спортски директор. Сосема доволно да знае што треба. Исто така, Јаневски има проблеми и во однос на Ќатип Османи. Стратегот на Шкендија ги знае сите замки, сите проблеми, знае во детали која екипа како игра и што може. Најдобар пример е како играше Вардар на Могила, а како Шкендија.

4. Тандемот Б-Б, односно тандемот Ферхан Хасани- Буба - Бесарт Ибраими. Тие заедно имаат постигнато 19 гола или два повеќе од сите заедно во Вардар. Инаку, Шкендија има постигнато дури 21 гол повеќе од Вардар. Тука предноста на Шкендија е и големата ротација што може да ја има Османи во нападот. Покрај Буба и Бесарт, тука се и Изаир Емини, Марјан Радески и Бесарт Абдурахими. Шкендија има дополнителен потенцијал и во средниот ред, само да споменеме дека Штефан Вујчиќ сѐ уште е надвор од теренот. А што правиме кога ќе почне тој да игра?

5. И како последна причина е добрата форма на Шкендија, која ја презентира во текот на изминатиот дел од есенската полусезона. И кога губи, Шкендија го прави тоа со стил. Се разбира дека и Реал Мадрид не победува на секој меч, ни Шкендија не го може тоа, но добро за неа е тоа што, освен Вардар во второто полувреме во Скопје, ниту една наша екипа не може да се справи со нејзиниот разигран состав. Шкендија е разиграна, распена, знае што сака и знае како да дојде до тоа што го сака. Има уште многу до крајот, уште 23 кола, но како тргнала работата, Шкендија и натаму ќе ја зголемува предноста.
Но, ќе видиме...



Датум: 31.10.2017, 14:40
Статијата е прочитана 5101 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense