| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

26.07.2017

Барди: Не можев да одберам подобро

„Засега сѐ е одлично. Супер сум примен во новиот клуб, ме бодрат соиграчите, тренерот, управата. Среќен сум поради головите, среќен сум што одбрав клуб каде што атмосферата е одлична“, вели Енис Барди од базата во Валенсија

Можеше ли Енис Барди да посака подобар старт на својата фудбалска авантура наречена „Леванте“ и настап во шпанскиот шампионат? Веројатно, не. Нашиот репрезентативец на првите три меча постигна два гола, кој од кој поубав, и прима пофалби од сите страни. Максимално тренира, иако чувствува замор од напорното лето што го минува и се чувствува прекрасно во моментов.
„Благодарам за честитките што ми ги упативте за постигнатите голови. Не може да биде подобро во моментов. Трансфер, голови, сето она што го посакував. Сѐ уште се привикнувам на новиот клуб, на навиките тука, на тренинзите. Мора да кажам дека имам голема поддршка и помош од соиграчите, од тренерот. Не можев да замислам дека ќе биде вака. Кога пристигнував, секако дека првата помисла ми беше дека клубот ќе биде полн со ѕвезди, играчки величини кои ќе бидат недостапни, што се вели, за новак како мене, но верувајте ми дека е сосема спротивно. Од првиот момент сум максимално коректно прифатен. Константно се дружиме, не ме оставаат сам во ниту еден момент, што се вели. Добив стан во делот на градот Валенсија каде што живеат повеќето од играчите, така што речиси цел ден сум во друштво со нив. Навистина, подобро од ова не можев ни да замислам“, вели Енис Барди околу првите денови минати во Шпанија.

ВЕРУВААТ ВО МЕНЕ, ЗНААТ ДЕКА ИМАМ НАПОРНО ЛЕТО

Секако дека играњето во Шпанија, и тоа во најсилната конкуренција, бара поголем напор за секој играч. Така е и во случајот со Барди.
„Реално гледано, се работи многу напорно. Интензивно. Јасно е дека е така, се работи за највисоко можно ниво на професионалниот фудбал. Од друга страна, клубот, стручниот штаб, тренерот знаат дека сум нов, дека имам многу напорно лето и дека, во суштина, сум физички истоштен. Дека ми треба малку одмор, кој реално го немав. И покрај тоа, тие засега имаат само пофални зборови  за мене во разговорите, ме куражат да продолжам понатаму и да работам напорно како досега“, додава Барди.

АТМОСФЕРАТА МЕ ПОТСЕТУВА НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Младиот фудбалер вели дека на моменти атмосферата во клубот го потсетува на онаа што владее во младата репрезентација на Македонија, која ги направи историските успеси со пласманот на Европското првенство во Полска.
„Нема ѕвезди тука. Сите се како едно. Нема разлика од фудбалер до фудбалер. Тоа ме потсетува на начинот на кој функционираме ние во младата У21-репрезентација, каде што сите живееме како едно семејство, каде што не се делиме по ниту една основа. Тоа особено ми се допаѓа“, искрено споделува младиот фудбалер со „Македонски спорт“.

СЛЕДНИОТ МЕЧ ПРОТИВ МУРСИЈА

Следниот меч за Барди и за Леванте ќе биде в четврток, за кога е закажан пријателски натпревар против Мурсија.
„Искрено, не знам дали ќе бидам дел од тој меч, ќе видиме како ќе се чувствувам. Тука има голема конкуренција, има многу играчи, сите се борат за место во тимот. Плус, напоменав дека чувствувам замор од сето она што се случуваше летово и, веројатно, ќе бидам поштеден од тренерот“, додава Барди.



Датум: 26.07.2017, 10:56
Статијата е прочитана 2213 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
21.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense