| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

23.11.2017

Бесарт во потера по Илијоски

„Бомбардерот“ на Шкендија до крајот на сезоната може да биде најдобар стрелец во историјата на Првата лига, му недостигаат уште 13 голови. Ибраими има 117 голови а Илијоски е рекордер со 130

Може многу лесно да се случи кусо да трае рекордот на Баже Илијоски, актуелниот рекордер во нашата прва лига во однос на головите. Илијоски, напаѓачот на Пелистер, засега е најдобар стрелец во историјата на Првата лига на Македонија со 130 голови. Но Бесарт Ибраими опасно го загрозува неговиот примат. Имено, напаѓачот на Шкендија досега во својата клупска кариера, играјќи во Првата лига, има постигнато 117 голови.

Бум Бум Ибраими...

Ова значи дека на Бум-Бум Ибраими или на „бомбардерот“ на тетовските „црвено-црни“ му недостигаат уште 13 голови за да го достигне рекордот на Илијоски. На Бесарт малку му е олеснета работата затоа што Илијоски е болен и сигурно нема да игра до крајот на есенскиот дел, додека за напролет - сѐ уште не се знае. Кога сме кај бројките, да кажеме дека Ибраими ги даде своите голови за Влазерими (11), Напредок (19), Ренова (31) и сега за Шкендија (56). Ибраими има 31 година и секако дека може, со оглед на тоа во каква форма е, да игра на високо ниво уште најмалку 2-3 сезони. Се разбира, само ако не прифати некоја од големиот број понуди од странство.
Нема збор дека тој е мајстор за голови, сите успеси на Шкендија во последно време се врзани со неговите голови, се разбира дека тука е и капитенот Ферхан Хасани. Тоа е тандемот кој тресе ли, тресе. Тоа е еден од најдобрите напаѓачки тандеми во нашата прва лига во изминатите 26 сезони од осамостојувањето. Тоа го велат бројките. 

Слободни удари, пенали...

Објективно, Ибраими ќе имаше уште повеќе голови за Шкендија, но тој покрај себе го има Буба и затоа, како одлични пријатели и колеги, тие ги „делат“ пеналите, слободните удари. Сепак, на Бесарт му е полесно во Шкендија, оваа екипа на секој меч создава најмалку по 6-7 идеални шанси. И кога се игра во нападот на таква екипа, тогаш полесно е да се постигнуваат голови.



Датум: 23.11.2017, 15:23
Статијата е прочитана 3541 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
19.01.2018
19.01.2018
19.01.2018
19.01.2018
19.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense