| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

08.04.2017


Годините си минуваат, Шкендија никако до титулата

До крајот на тековната сезона остануваат уште 11 кола, значи математички титулата за Шкендија не е загубена. Остануваат во игра уште 33 бодови, но реалноста вели дека Вардар е пресилен и преголем клуб за да испушти така голема разлика од девет бода во однос на тетовци

Може не е спортски, можеби не е фер и коректно, и кон Шкендија и кон Вардар, но, сепак, наше мислење е дека битката за титулата на 11 кола пред крајот заврши. Лидерот Вардар има 59 бодови, а втората Шкендија само 50. Девет бодови математички се разбира може да се надополнат, но Вардар е преголем клуб, пресилен тим за да си дозволи таков луксуз и да испушти таква разлика. Па така и во четвртата година откако „Еколог“ газдува со Шкендија, клубот не доаѓа до титулата. Остануваа тетовци само на таа една и единствена титула од 2011 година, но тогаш беше некој друг клуб, некое друго раководство, некое друго време.
„Македонски спорт“ прави своја анализа зошто е тоа така. Зошто г. Лазим Дестани и неговиот „Еколог“ не можат да се израдуваат на шампионскиот пехар. Откако дојде Дестани во клубот, тоа беше во јули 2013 година, се променија многу стратегии, се променија раководства, тренери, играчи, но пехар нема па нема.
И кој е виновен за тоа? Е тоа треба некој друг да каже. Но, дали е тоа некој кој што решава за тоа што и како со Шкендија?

12.000.000 Евра за четири години!?
И не се само парите, тие за Шкендија се чини дека се најмал проблем. По некои пресметки, за овие четири години, четвртата истекува во јули - август летово, „Еколог“ вложил во клубот дури 12.000.000 евра. Нешто слично го има направено и Вардар, и тоа од страна на г. Сергеј Самсоненко. Тоа се многу пари за во мак-фудбалот. Нема сомневање дека Шкендија сега е модерен европски клуб, со прекрасни простории, со медија служба можеби, заедно со Вардар, најдобра во Македонија. Таа потребна фудбалска „шминка“ е тука, но кај се трофеите. И не се само парите. Ако некој не си ја заврши работата каде што и како што треба, тие можат да бидат и 100.000.000 евра, пак ќе биде бадијала. Сакаме да кажеме дека не се само парите, да, тоа е важно, многу важно, но не и најважно, туку е потребно и нешто друго. А тоа друго е поставување вистински личности на вистинско место.

Еден куп и толку...
Кога сме кај трофеите, пехарите и слично, Шкендија само еднаш се израдува на трофеј, и тоа минатиот мај кога во финалето во Купот на Македонија го победи Работнички и за првпат во својата клупска историја го освои овој пехар. За   четири години само еден трофеј. Премалку, секако дека ќе се согласите дека тоа е премалку за таков голем, европски и амбициозен клуб. Кога сме кај трофеите да споредиме еден друг клуб, а тоа е Работнички. Е тој Работнички во изминатите четири години успеа да освои еден шампионски пехар, трипати да игра во Куп финалето од кој двапати да го освои пехарот и еднаш да стигне до плеј-офот во Лигата на Европа. А тој Работнички во изминатите четири години не вложи повеќе од 2.000.000 евра, и дали и толку. Значи 7-8 пати помалку пари а многу повеќе пехари и успеси. Е па луѓето од Шкендија нека тропнат на вратата на ФК Работнички и нека прашат како е тоа можно. Да не говориме за трансферите на клубот од Градски парк. Да, само овој клуб заработува во мак-фудбалот. Нека прашат и за тоа како им успева на „романтичарите“, односно како му успева на г. Драган Поповски и луѓето околу него.

Само еднаш пред Вардар
И тоа е убаво. Но, каде се титулите, каде се шампионските пехари? Нешто подоцна од влегувањето на Дестани во Шкендија се случи и доаѓањето на Самсоненко во Вардар, и се создаде тоа архи фудбалско ривалство, гигантско за наши услови. Тоа е дуел на „милионерите“. Но, како што одминува времето, за жал на сите навивачи на Шкендија, па и на оние го симпатизираат клубот, таа битка станува неинтересна. Имено, во овие четири години Шкендија само еднаш била пред Вардар, и тоа во таа прва 2013/2014 година, кога Работнички го освои првенството, Шкендија беше четврта, а Вардар петти. Во следната сезона Вардар беше прв, Работнички втор, а Шкендија трета, во следните две сезони Вардар е пред Шкендија, тука ја сметаме и оваа последнава.
Особено неинтересно е во последно време ако ги земеме предвид само првенствените мечеви. Шкендија како да заборави кога последен пат славела над Вардар. И тоа не е трагедија, имено трагедија е како тоа некои нејзини тренери не можат да сфатат што треба да се направи за да се победи тој Вардар, Не смее да се играат тие дерби мечеви со посебни емоции, па Вардар не е Реал Мадрид. Треба да се сврти приказната, треба да се стори сè Вардар да биде „напален“ кога игра против Шкендија.

Тренерски смени како на лента


За Рипли е и податокот дека за неполни четири години, во времето на „Еколог“ во Шкендија имаше дури десет тренерски смени. Тоа се осум стратези, додека Јетон Беќири беше двапати или трипати, кој ли ќе знае, двапати беше и Шпетим Дуро. И затоа Шкендија нема успеси, нема големи успеси, нема мега успеси. Во просек тоа се тренерски смени по една на секоја полусезона, значи на секои пет - шест месеци нов тренер. Па господо од Шкендија, кој го прави тоа во модерниот фудбал? Во Вардар во овој период тренери беа само Сергеј Андреев и Гоце Седлоски. А во Шкендија беа Ѓоре Јовановски, Шпетим Дуро, Јетон Беќири, Рој Ференчина, Ардијан Кознику, Бруно Акраповиќ и Томас Брдариќ.

Претседатели, директори, менаџери...
И на крај, а можеби требаше како прво, да се осврнеме на тоа кој во овие четири години беше во раководството на клубот, како директор, менаџер, претседател. Кој се ја водеше клупската политика, кој решаваше во кој правец ќе се движи Шкендија. Од 2013 летото па наваму во претседателската фотелја седеа Јетмир Беџети, Љуљзим Имери и Абдулменаф Беџети. Сите го сакаат фудбалот, сите ја сакаат Шкендија, но ретко кој од нив има фудбалско педигре. Како менаџери, така ја викаат таа функција во Шкендија, беа Арбер Шаќири, Ибрахим Рамадани и сега Еди Сејдиу. Да не заборавиме дека едно време, додека неговиот братучед Ибрахим беше во клубот, поддршка даваше и Фали Рамадани, еден од петте топ менаџери во светот. Дали и понатаму дава не се знае. Кога сме кај директорите тука беа Матијас Валтер, Неби Мустафи, Игор Митрески и сега е Малсор Џонбалај. Сите овие силни имиња се свртеа во клубот или сѝ уште се вртат во овие четири години.
Треба ли коментар за ова?

*Целиот текст може да го прочитате во денешното печатено издание на „Македонски спорт“.



Датум: 09.04.2017, 11:02
Статијата е прочитана 3637 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense