| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

31.12.2017

СИЛНО ПОСАКУВАМ СО МАКЕДОНИЈА ДА ИГРАМ НА ЕП


„Имав зад себе одлична година. Најпрво освоив титула, потоа успешно со Вардар игравме во Европа, дојде и трансферот во Ференцварош. Играв во репрезентацијата која ја има најуспешната година, и потоа дојде и наградата за најдобар играч во изминатата сезона во македонскиот шампионат“


Желбата на секој фудбалер кој што игра во домашниот шампионат, е да освојува титули, да има успешни настапи во Европа, и да направи трансфер. Кога сето тоа ќе се случи за само неколку месеци, а потоа ќе дојде и награда за најдобар играч во изминатата сезона, тоа е навистина фантастично. Таква успешна година зад себе има Стефан Спировски. Фудбалерот од средниот ред, „срцето“ на Вардар беше еден од заслужните што „црвено-црните“ дојдоа до нова рекордна титула во домашниот шампионат, што успеаја да се пласираат во Лигата на Европа, а потоа дојде и трансферот. На крајот сето тоа заокружено со одлични репрзентативни натапи во најдобрата година за националниот тим, и како „шлаг“ на сето тоа награда за најдобар играч за изминатата 2016/2017 сезона во домашниот шампионат. Спировски имаше година за паметење, а во новогодишно интервју за нашиот весник самиот ги искажа чувствата од годината која што ја оставаме зад нас. Како се чувствуваше Стефан пред, за време и по мечот со Фенербахче, како му е во новата средина, и дека силно посакува со Македонија да игра на Европско првенство.

Кој е рецептот за да еден ден да се биде најдобар фудбалер во својата земја?

Спировски: „Само со работа, и секако со верба во себе. Сето она кое го вложував низ минатото, се исплатеше токму оваа година. Не треба да се престане да се верува во себе. Секој фудбалер има свои лоши моменти, се случуваат повреди, се случуваат лоши форми, само најважно е како ќе излезе од сето тоа. Јас имав среќа да имам зад мене успешна година. Најпрво ја осовив титулата во Македонија со Вардар, трета по ред, и покажавме дека во Македонија сме најквалитетна екипа. Потоа дојде и оној успех во Европа во кој што се пласиравме во Лигата на Европа. Следуваше и трансферот во Ференцварош. На крајот како „шлаг“ на торта, стигна и изборот за најдобар играч во Македонија за 2017 година“

Со Вардар годинава осоивте уште една титула. Дали можеби заситеноста од трофеи и од македонскиот шампионат Ве натера да одите во странство?

Спировски: „Кога играте за Вардар, желбата за титули никогаш не престанува. Едноставно секогаш гледате да бидете на врвот на табелата, и само да победувате. За трансфер сметав дека е време со оглед дека имав 27 години. Плус долго време сум веќе во Вардар, и време беше да се замине во странство. Тоа беше шанса која што не сакав да ја пропуштам. Затоа што знаете, во моментов има интерес, а за шест месеци можат да се случат многу работи. Можеби да останев ќе беше уште подобро, но и вака сум среќен и задоволен. Добив добра понуда, и ја прифатив“

Како беше чувството после третата по ред шампионска титула за клубот, и трета за тебе откако си во клубот?

Спировски: „Фудбалот се игра за титули, и јас сум среќен што успеав оваа година најпрво да ја освојам титулата шампион на Македонија. Тоа е нешто кое не може да се мери, а потоа стигнува и она најслаткото настапите во Европа, во Лигата на шампионите. Бевме веќе трета сезона во тоа натпреварување, и редно беше да се мине барем едно коло. Ние во тоа успеавме, и бевме блиску и до пласман во плеј-офот“

Во Лигата на шампионите Вардар го мина Малме, но не успеа против Копенхаген... Бевте ли лути после тој натпревар со данскиот првак?

Спировски: „После три години настапи во Лигата на шампионите, бевме веќе созреани и доволно искусни да веруваме дека можеме да го минеме. Тогашниот тренер Гоце Седлоски нон стоп потенцираше дека можеме. Сепак, Малме не е екипа за потценување, шампион на Шведска, има играно во групната фаза од Лигата на шампионите. Успеавме да одиграме нерешено, а потоа во Струмица шансите беа на нашата страна. Тој натпревар ќе се памети долго, во второто полувреме одигравме фантастично, и мислам дека заслужено победивме. Со Копенхаген имавме добар резултат дома, отидовме таму со надеж дека ќе успееме да направиме најголем успех за клубот. Брзо примивме гол, и мислам дека тоа беше клучното. Успеавме да се вратиме во мечот, но потоа не и да се одбраниме од нивните напади. На крајот се сеќавам во соблекувалната сите молчевме. Долго време молчевме и не бевме свесни што ни се случи. Навистина имавме голема шанса, но ете. Некогаш работите во фудбалот и во животот не одат според очекувањата“

Следуваше дуел со Фенербахче. Верувавте ли на еден таков резултат во првиот меч во Скопје?

Спировски: „Најпрво сакам да искажам благодарност до тренерот Гоце Седлоски со кого работев две години, и секако дека тој има придонес во мојот трансфер и во изборот за најдобар фудбалер на Македонија. Потоа дојде тренерска смена и Чедомир Јаневски на клупата. Ние продолживме по истиот пат, кај нас ништо не се промени. Желбата да се направи таа историја постоеше, но против себе имавме противник кој што беше многу, многу тежок. Играте против екипа која што потроши десетици милиони евра за засилувања, која што се бори за титулата во една таква конкуренција, а ние дома ја победивме со 2:0. Среќно или не, важно успеавме. Тоа беше голема предност за нас, но знаевме дека во Истанбул не треба да се браниме“

Дојде и мечот во Истанбул во кој што беше испишана таа историја... Како беше чувството пред и после натпреварот?

Спировски: „Чудни и измешани чувства и голем психолошки притисок имавме пред натпреварот со Истанбул. Се чувствуваше таа на некој начин една позитивна нервоза. Знаевме дека имавме историска шанса, а од друга страна бевме многу внимателни после она што се случуваше со Копенхаген. Во главите ни поминуваа разни ситуации. Што ако примиме гол рано? Што ако издржиме? Што ако постигнеме први гол? Мислам дека одигравме онака како што се договоривме. Да им ја пуштиме иницијативата, а кога ја имаме топката со против напади да ги загрозуваме. Примивме гол, и се сеќавам дека се бодревме меѓу себе, верувавме. И во таа ситуација бевме во предност. Успеавме да израмниме, чувството беше неверојатно. Стадионот молчеше, а ние се радувавме. Бевме блиску до истроијата, но моравме да го одиграме до крај натпреварот. После дадовме уште еден гол, и онака како што доликува, со победа да се пласираме во групите во Лигата на Европа. Да го направиме тој најголем успех. Чувството е непроценливо, гостинските навивачи да ти аплаудираат и да го скандираат името на клубот. Тоа е нешто кое не се гледа и не се доживува секој ден. Не се заборава фактот што јас и моите соиграчи станавме дел од историјата на Вардар. Ќе бидеме запишани како првите кои дојдоа до овој успех кој што го направи една македонска екипа, кој што досега го немаше“

Како го издржи реваншот со Фенербахче, со оглед дека две дена претходно имаше договорено трансфер во Ференцварош?

Спировски: „Прво веднаш да кажам дека трансферот не беше 100% договорен. Точно е дека кажав да, и дека после натпреварот во Истанбул требаше да ми се јават и да ми кажат кога да одам на прегледи. Но, ајде да кажам веќе беше 90%  јасно дека ќе одам во Ференцварош, а Вардар цело време знаеше за тоа. Разговарав со тренерот Чедомир Јаневски пред мечот, ме праша дали сум подготвен психолошки да го издржам дуелот со Фенербахче. Јас се чувствував нормално. Како да немав договор со никого, играв најдобро што знам и најдобро што можам во тие мигови. И така беше на теренот. Јаневски после натпреварот ми заблагодари, ми посака среќа понатаму. Рече дека сакал и инсистирал да останам, но дека нема да ми стои на патот. Нешто за кое сум бескрајно благодарен и нему“

Како ги мина овие неколку месеци во Ференцварош, како се снајде во новата средина?

Спировски: „Мислам дека го најдов и заминав во вистинскиот клуб за мене. Прифатен сум одлично и од тренерот, и од соиграчите. Како да сум веќе неколку години тука, а не кратко време. Веднаш фатив место во првиот тим, а уште повеќе ме радува што имавме одлична полусезона која ја завршивме на првото место и ја освоивме есенската титула. Можам само да посакам да ја освоивме титулата на крајот од сезоната, со што ќе продолжам на некој начин да освојувам шампионски пехари, после трите со Вардар во изминатите години. Имаме добри шанси за такво нешто“

Многумина сметаат дека твоето заминување влијаеше и на тоа Вардар да го нема првото место на табелата во Лигата, дека си оставил голема дупка во екипата. Каков е твојот коментар?

Спировски: „Јас и кога заминав на Вардар му посакав се најдобро. Му посакав на тимот и на сите играчи да имаат успешни настапи во Европа, и повторно да ја освои титулата во Македонија, и да се закити и со Купот. За жал, во групната фаза освоен е само еден бод, меѓутоа да не заборавиме дека ова беше прв настап на една наша екипа. Не знам дали со мене сега тимот ќе беше на првото место, но јас знам дека тимот ќе најде вистинско решение. Следам што се случува македонскиот фудбал, Вардар има осум бодови негатива. Добро ги познавам играчите на Вардар. Знам дека може да ја стигнат таа разлика ако веруваат. а ги победат само двете меѓусебни пресметки со Шкендија, и ете повторно ќе бидат блиску. А, јас верувам дека можат, иако не би сакал да ја потценам ниту Шкендија која што навистина има добра екипа, а тоа го покажува и табелата“.

Има ли разлика од условите за играње фудбал во Македонија и во Унгарија?

Спировски: „Нека не ми се налутат македонските клубови, но реалноста е таа дека во Унгарија има многу подобри услови. Голем дел од тимовите имаат нови стадиони, како што е случајот со Ференцварош. Го реновираат и главниот стадион во Будимпешта, а нови стадиони имаат и Дебрецен, Халадаш, МТК, Пушкаш Академија... Многу вложуваат во инфраструктурата, и тоа им се ислати затоа што минатата година селекцијата играше на Европското првенство во Франција. Кога станува збор за инфраструктурата, се навистина на повисоко ниво“

Беше дел и во репрезентацијата која што ја имаше најдобрата година зад себе. Како ти ја виде оваа година на репрезентативен план, и што може да се очекува во иднина?

Спировски: „Ова беше успешна година за мене и на репрезентативен план. Имавме добри резултати, особено во финишот кога успеавме со Италија таму да извадиме нерешено, да ги победиме Лихтенштајн, Израел. Сметам дека ако имавме една победа повеќе, на оној меч со Албанија или со Турција, ова ќе беше уште подобра година со селекцијата. Но и вака е добро. Ова беше добра година како загревање за она што следува во идната, а тоа е Лигата на Нации. Најпрво ја очекуваме ждрепката, а потоа и очекуваме успешни настапи во неа, и ако можеме да се пласираме во завршните натпревари преку кои ќе можеме да избориме настап на Европско првенство. Верувам дека ако ги продолжиме овие игри како во последните неколку меча, ќе успееме да бидеме први во нашата група. На клупски план сум задоволен од стореното до сега, и затоа силно посакувам успех и со репрезентацијата на Македонија, и пласман на едно големо натпреварување.“


На крајот, како „јаготка на шлагот“ стигна и наградата од ФФМ за најдобар играч за сезоната 2016/2017 во Македонија?

Спировски: „Награда која многу ми значи, и награда која што ми дава мотив да продолжам со добри настапи, и се надевам идната година да ја освојам и онаа за најдобар репрезент на македонскиот фудбал во странство. Меѓутоа најпрво посакувам успешни настапи за Ференцварош, ако можеме да ја освоиме титулата, а мислам дека сме на добар пат. Потоа не очекуваат и настапи со репрезентацијата на пријателски мечеви низ кои ќе се подготвиме за стартот на Лигата на нации.“

Дали можеме да очекуваме трансфер на лето после една успешна сезона во Унгарија?

Спировски: „За трансфер сега е многу рано да се зборува. Јас сум само неколку месеци во Ференцварош, а што ќе се случува понатаму, никој не може да каже. Јас сум играч на Ференцварош и имам договор до 2020 година. Тимот одлучуваш то ќе биде со мене. Среќен сум во оваа екипа, и засега не размислувам за трансфер, туку само како да ја освоиме титулата во домашното првенство“

За крај Спировски на нашите читатели и на цела Македонија им ја честиташе Новата година и Божиќните празници.

„Им посакувам најпрво среќна Нова година, и да имаат среќни Божиќни празници. Сите да имаат добро здравје, да бидат среќни и во многу љубов да ги минат овие празнични денови. Да имаат успешна 2018 година, да ги исполнат своите желби и нека Новата година биде поубава од минатата“.


Се обврзав на вечна љубов со Тамара
Оваа година покрај на професионален, беше незаборавна за Спировски и на приватен план. Тој ја побара својата девојка Тамара да му биде жена и се обврза на вечна љубов со неа.
„Се решив оваа моја љубов да ја крунисам со брак со Тамара. Таа ми е голема поддршка во кариерата, и воопшто во животот. Затоа оваа 2017 година се решив да ја побарам да ми биде сопруга, и таа прифати. Од тука покрај на професионално ниво, оваа годниа ќе ја паметам и по приватен план“, рече Спировски кој што напомена дека свадбата треба да биде некаде околу средината на 2018 година.

 



Датум: 31.12.2017, 15:52
Статијата е прочитана 1311 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense