| контакт | маркетинг

15.07.2017

Како гласеле мејловите на хотелиерите: Бегајте „тифози“, ќе дојдат терористи!

Нашите хотели ги откажуваат веќе платените аранжмани на навивачите на Манчестер јунајтед за повторно да ги стават на пазарот за десетпати повисока цена

Ќе мине долго време за да излезе од нас, како народ, како нација, она што сите го нарекуваме балкански менталитет. Европскиот начин на функционирање и светските трендови минуваат покрај нас како ветар и, очигледно, не оставаат никаква трага. Иако сме веќе долго време на патот кон Европа, што се вели, некои нешта кај нас не се менуваат.
Во пресрет на најголемиот европски фудбалски настан, Суперкупот, од кој дел се големите Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, Македонија и Скопје би требало да се на готовс. И се донекаде. Подготовките се во самиот финиш, но се поставува прашањето за кого. Според информациите што кружат во јавноста, а се веродостојни и проверени, македонските туроператори и хотелиери прават големи проблеми со аранжманите на навивачите, пред сѐ, оние на Манчестер јунајтед, кои се подготвени да пристигнат во Скопје и да го бодрат својот омилен клуб. Одеднаш се појавува проблем кој, вака од прва, навидум изгледа нерешлив и го става во опасност целиот склоп наречен Суперкуп во Скопје. За што точно станува збор?

ОТКАЖУВАЊЕ НА ВЕЌЕ ПЛАТЕНИ АРАНЖМАНИ
Навивачите на Манчестер јунајтед уште при самиот влез на нивниот омилен клуб во финалето  на Лигата на Европа и потенцијалниот негов настап во Суперкупот во Скопје, резервирале и платиле аранжмани ширум хотелите во нашиот главен град. Сосема нормално, луѓето не патуваат првпат низ светот. Како што е познато, Јунајтед ја освои Лигата на Европа и нивните аранжмани само се потврдија, добија на вредност, што се вели. Но, тука стапуваат на сцена алчноста и непрофесионалниот однос на нашите хотелиери, кои одеднаш посакаа прекуноќ да станат милионери и масовно почнаа да ги откажуваат аранжманите кои се веќе платени. Како и на кој начин? Со заплашување дека, наводно, има најави за терористички напади во Скопје и дека би било пожелно навивачите на Јунајтед воопшто да не доаѓаат!? Како е можно ова? Ова се прави за капацитетите да бидат ослободени и за повторно да бидат ставени на пазарот, но сега по десетпати повисока цена од вообичаеното. Ако апартман за четворица пред два месеца бил закупен за не повеќе од двесте евра од вечер, сега хотелиерите низ Скопје пробуваат да го издадат за над илјада евра!? Инаку, за информација, лиферувањето вакви невистини и дезинформации е казниво дело и некој треба да одговара за ова.

НЕ ВРЕДАТ НИ ЗЛАТНИТЕ КАРТИЧКИ!
На навивачката група на Манчестер јунајтед од Словенија ѝ се случило нешто сосема друго. На педесетина навивачи кои биле уредно пријавени за доаѓање во Скопје со автобуски превоз, со резервирани и платени хотелски соби, одеднаш нашите хотелиери им вадат информација дека златната картичка на операторот кој ја води групата во Скопје, нема покритие и не може да бидат повлечени пари од сметката. Инаку, се знае како, кому и на кој начин му се издава златна картичка. На оние со дебело банковно конто. Но тоа не важи за скопските хотелиери, кои и во овој случај посакале да се збогатат. На Словенците им е кажано повторно да аплицираат, но со други цени, далеку повисоки од првичните. Секако, нема да се случи тоа и групата „Јунајтед“ од Словенија во моментов бара алтернатива за сместување.
„Да ни ја дадеа цената на почеток, веројатно, ќе платевме, но не на ваков начин“, реагирале Словенците.

МНОГУМИНА ОСТАВЕНИ НА ЦЕДИЛО
Сега, откако ова веќе стана тренд помеѓу скопските хотелиери и масовна појава на откажување на аранжманите на англиските навивачи, тие се во голема дилема што да прават. Назад нема, натпреварот мора да се следи, не може еден алчен Македонец да поколеба англиски навивач во намерата да го гледа својот омилен клуб како настапува во Суперкупот на Европа, и тоа во дуел со Реал Мадрид. Се бараат алтернативи, а ги има најразлични.

Повеќе во викенд изданието на „Македонски спорт“



Датум: 15.07.2017, 09:57
Статијата е прочитана 12957 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
24.07.2017
24.07.2017
24.07.2017
24.07.2017
24.07.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense