| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

31.12.2017

РЕТРОСПЕКТИВА НА 2017: СУПЕР КУПОТ, ЕП ЗА ИСТОРИЈА, ВАРДАР ВО ГРУПНА ФАЗА...


Арената „Филип Втори“ на 8 август беше домаќин на Супер Купот, на мечот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Спортска манифестација од највисоко ниво, Македонија се покажа како вистински домаќин на Инфантино, Чеферин, Роналдо, Мурињо, Перез, Мурињо, Зидан, Фергусон и уште многу, многу други. На едно место толку многу мега - ѕвезди, навистина секоја чест за ФФМ и за Македонија. Се останато во мак - фудбалот како да беше во втор план, иако оваа историска 2017 година ќе ја паметиме по многу нешта, по многу успеси

Оваа 2017 година ќе се памети по многу нешта. Но најмногу секако по нашата перфектна организација на Супер Купот, меч меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед кој заврши 2:1 за „кралевите“. Ќе се памети и по историскиот пласман на нашата млада репрезентација до 21. година на ЕП во Полска, на пласманот во групната фаза во ЛЕ на Вардар, за најдобрата година на нашата „А“ селекција и за многу други моменти со кои сите ние кои сме овака или онака поврзани со мак - фудбалот, можеме да бидеме горди. Ќе ја паметиме по успеси, по добри резултати, по големи трансфери во клубови гиганти. Но ајде да тргнеме по ред...

СКОПЈЕ БЕШЕ ЦЕНТАРОТ НА СВЕТОТ

На тој 8 август Скопје беше центарот на светот, Македонија исто така. Немаше ниту еден портал, весник, радио или ТВ-куќа во светот која како прва спортска вест не го спомена Суперкупот, не го спомена Скопје, не ја спомена Македонија и, секако, натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, кој, патем, заврши со победа на „кралевите“ од 2:1. На тој меч на арената имаше точно 30.421 гледачи. Овој настан го збогати Скопје со десетина милиони евра во секој поглед. Овој натпревар од Скопје, од Македонија во живо се пренесуваше во 200 земји во светот. И на крајот, во Скопје играа најголемите клубови во светот, гигантите Реал и Манчестер. Да споменеме десетина од стотината значајни фаци кои на тој 8 август 2017 година беа во Скопје. Претседателот на ФИФА Џани Инфантино, претседателот на УЕФА Александер Чеферин, газдата на Реал Мадрид Флорентино Перез, Зинедин Зидан, Жозе Мурињо, Кристијано Роналдо, Алекс Фергусон, Звонимир Бобан, Дејан Савичевиќ, Бора Милутиновиќ, Пјерлуџи Колина, сите играчи на Реал, сите ѕвезди на Манчестер јунајтед и многу, многу други. Секако дека не смееме да заборавиме дека во ложата беше целата влада на Р. Македонија на чело со премиерот Зоран Заев, кој уживаше во спектаклот.

А дека УЕФА знаеше ова да го цени, знаеше да се заблагодари на спектаклот, доказ се зборовите на  Александер Чеферин, претседателот на УЕФА, упатени до претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кога му даде посебно признание: „Благодарам, ФФМ, благодарам, Македонијо, за најдобриот Суперкуп досега“.

ЕП ЗА МЛАДИНЦИ ВО ПОЛСКА

Македонија и дефинитивно си има свои спортски, фудбалски херои. Тоа се нашите репрезентативци до 21. година кои во јуни настапија на ЕП во Полска за младинци. За прв пат една наша фудбалски селекција  во самостојна Македонија успеа да се пласира во завршницата на едно големо натпреварување. Секоја чест за селекторот Благоја Милевски, за Барди, Николов, Маркоски, Бабунски, Демири... и сите оние членови на нашата млада репрезентација. Игравме со Шпанија, Србија и Португалија. Два порази и едно реми, можеби резултатот НА евро самитот не е според посакувањата но сепак играта беше супер, а и како за прво, и не беше така лошо. Лоши беа резултатите на следната генерација У-21,  во следните квалификации на таа нова репрезентација кога загубивме и од еден Гибралтар.

КОНЕЧНО - ГРУПНА ФАЗА ВО ЛЕ, ВАРДАР...

Тој ден 24 август 2017 година засекогаш ќе биде запишан во аналите на мак - фудбалот, во аналите на Вардар. Нашиот најголем и најтрофеен клуб конечно го оствари сонот на сите нас, пласман во групната фаза во ЛЕ. Вечерта на 24 август среде Истанбул, на стадионот „Шукру Сарачоглу“ Вардар во возвратниот дуел во плеј - офот во ЛЕ, со 2:1 го победи Фенербахче и со вкупни 4:1 успеа да се најде во елитата. Цело лето Вардар беше наша гордост, прво во квалификациите во ЛШ и во ЛЕ. Малме, Копенхаген и Фенербахче беа ривалите. Она што се случуваше во во групата „Л“ во ЛЕ против Зенит, Розенборг и Реал Сосиедад и не е за фалење, но сепак Вардар го направи тој историски чекор. Гоце Седлоски или Чеде Јаневски. Кој тренер беше повеќе заслужен? Не е важно, поважно е што Вардар конечно успеа и ја подигна летвичката на еден евро успех многу високо за останатите наши клубови.

НАЈДОБРА ГОДИНА ЗА „А“ СЕЛЕКЦИЈАТА

Задоволен од оваа година, но и сите ние, може да биде селекторот на нашата најдобра селекција Игор Ангеловски. Девет мечеви, пет победи, три ремија и само еден пораз со гол разлика 15:4. Ова е најдобар резултат во историјата на Македонија кога станува збор за „А“ селекцијата. Пет меча во серија без пораз, само четири голови примени и одлична одбрана. Со Италија во Торино одигравме 1:1, победа исто во квалификациите на гости кај Израел. Нема што, ова се резултати за респект и почит иако во квалификациите за СП 2018 завршивме само на петтото место.

„ЅВЕРОВИТЕ“ И ЕЛИТНИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ

За прв пат, исто така, Македонија беше успешна и во квалификациите во младинските категории. Особено во генерациите до 17 и до 19 години. Момците на Горан Станиќ, за У-17 селекцијата на турнирот во Скопје во конкуренција на репрезентациите на БиХ, Словачка и Молдавија успеа да избори пласман во елитните квалификации за ЕП. Сепак импресивни беа нашите „ѕверови“, оние од У-19 селекцијата предводена од Вујадин Станојковиќ кои во конкуренција на Белгија, Швајцарија и Лихтенштајн бевме први со максимален учинок. Секоја чест за Елмас, Атанасов, Митровски, Чурлинов и останатите наши нови фудбалски ѕвезди кои во март во Скопје, ќе имаат можност да се борат за пласман на ЕП за младинци до 19 години. Оваа генерација е нашата нова фудбалска гордост.

НАШИТЕ КЛУБОВИ ВО ЕВРОПА
За Вардар веќе напоменавме, но и Шкендија имаше успешно лето  во плеј - офот во Лигата на Европа си закажа мега - дуел со Милан. Тетовските „црвено - црни“ по ред ги минаа Дачија, Хелсинки и Тракаи. Налетаа на „росонерите“ и тоа беше крај за сите надежи за пласман на групната фаза од ЛЕ. Работнички мина едно коло, вообичаено за овој наш клуб, го мина Тре Пене од Сан Марино но загубија во 2. квалификациско коло од Динамо Минск, штета малку недостигаше за пласман во 3. коло. Пелистер пак уште на стартот беше елиминиран од Лех Познањ. Сепак треба да се признае дека битолскиот клуб имаше и најтешка ждрепка.

ФИФА СКОК ОД 86 МЕСТА

Годината ја започнавме на 162 место на ФИФА листата. Тоа беше еден од најлошите наши пласмани во историјата. Но одличните резултати, тој скор од пет победи, три ремија и само еден пораз на нашата најдобра селекција, на крајот од годината не донесе на тоа 76 место или скок од цели 86 места. Навистина импресивно, и затоа задоволството е големо но сега и очекувањата од избраниците на селекторот Игор Ангеловски, во наредната година, се големи. На 23 јануари ќе видиме кои ни се противниците во Лигата на Нации.

ШАМПИОНСКАТА „ДЕСЕТКА“ НА ВАРДАР

Гоце Седлоски и дефинитивно го испиша своето име во Вардар како еден од најтрофејните тренери на нашиот најголем клуб. По освоената титула како спортски директор, по првата титула како тренер во сезоната 2015/2016, Седлоски ги оваа година успеа да ја победи Шкендија во директната битка за титулата да ја освои круната во првенството. Секако дека за ова своја заслуга имаат и Николов, Фелише, Гачевски и сите останати играчи на Вардар. И да, ова беше десеттата јубилејна шампионска титула на Вардар во својата историја на самостојна Македонија. Или вкупно единаесетта ако ја сметаме и онаа од екс Југославија во таа 1986/1987 сезона.

ПЕЛИСТЕР СО ТРОФЕЈ ВО КУПОТ

Оваа година за Пелистер навистина беше турбулентна. Се најде прво при врвот на мак - фудбалот, потоа излезе во Европа и ја претставуваше нашата земја во евро куповите, а да не заборавиме дека во Струмица го освои и Купот на Македонија, втор во историјата на клубот. Совладана беше фаворизираната Шкендија и тоа на пенали. Решавачки беше голот на Баже Илијоски во последната серија од пенал - рулетот. Големо славје, голема радост на „чкембарите“, на битолчаните, на сите во клубот. Но затоа есента беше за заборав за Пелистер, лоши игри, лоши резултати и битка за опстанок.



СУПЕР ЕСЕНСКИ БРОЈКИ ЗА ШКЕНДИЈА

Откако „Еколог“ ја презеде Шкендија, откако газда Лазим Дестани раководи со Шкендија, оваа есенска полусезона беше најдобрата за тетовскиот клуб. Предводени од стратегот Ќатип Османи, капитенот Ферхан Хасани, „бомбардерот“ Бесарт Ибраими, Шкендија на тие 18 првенствени натпревари освои 46 бодови, победи на 15 средби, еднаш ремиизираше и само двапати загубил. Гол разликата е 55:18, супер бројки за супер есен. Шкендија во следната година влегува со 8 бодови предност пред Вардар. Шкендија е фаворит за титулата, Шкендија има супер шанса да ја повтори таа 2011 година кога за прв пат стана шампион на Македонија.

ЕЛМАС, БАРДИ, АЛИОСКИ, РИСТОВСКИ...

Неколку наши фудбалери оваа година направија трансфери во големи клубови. Сепак најмногу се пишуваше за Елиф Елмас кој од Работнички се пресели во Фенербахче. Светската ексклузива за овој трансфер секако ја имаше „Македонски спорт“. Помогна и Перо Антиќ кој долго го убедуваше семејството Елмас да замине во Истанбул. И успеа. Енис Барди го оствари својот сон, потпиша за еден  клуб во Примера, во Леванте. Трансферот беше голем, и тоа од Ујпешт Дожа во Леванте. Сега за Барди има откупна клаузула од цели 25.000.000 евра. Езџијан Алиоски пак направи трансфер од Лугано во Лидс, и за овој трансфер се пишуваше речиси цело лето. Стефан Ристовски, еден од нашите најдобри фудбалери ја остави Риека и ја прифати понудата на португалскиот гигант Спортинг Лисабон.

ВРАЌАЊЕТО НА АДЕМИ

Аријан Адеми по пауза од повеќе од две години му се врати на фудбалот. Казната, односно суспензијата поради допинг - скандалот му беше укината откако се вистината излезе на виделина. И веднаш, уште на првиот свој меч по долгата пауза, против Лихтенштајн во Струмица се виде каков фудбалски виртуоз е Адеми. Соло акција и гол во стилот на Марадона или Меси, како сакате. Дури потоа заигра за Динамо. Нема што, со Адеми во средниот ред сега селекторот Ангеловски може да си свирка.
ВО РАМКА

„БОМБАРДЕРОТ“ ЈАХОВИЌ

Адис Јаховиќ и натаму ја „тресе“ Турција на фудбалски план. Прво го однесе својот Гезтепе од Втората во Првата лига, а таму овој клуб од Измир и тоа само поради нашиот Адис, е во битка за Европа. И дефинитивно оваа 2017 година е година на Јаховиќ. Вкупно 24 голови пренството во Турција од кои 14 во Првата лига и сега заедно со Гомиз и Бурук Јилмас е „кралот“ на стрелците во Турција. Штета што Јаховиќ не игра за нашата репрезентација и тоа од познати причини. Со него нашиот напад и нашиот национален состав ќе биде уште посилен. Но тоа е некоја друга тема на муабет.

СПИРОВСКИ, БАРДИ, СЕДЛОСКИ

Според Фудбалската Федерација на Македонија, најдобри во 2017 година или во сезоната 2016/2017, се Стефан Спировски како најдобар фудбалер во Македонија, потоа Гоце Седлоски како тренер и Енис Барди како репрезент на мак - фудбалот во странство. На традиоционалниот избор на најдобрите, ФФМ се реши и за Елиф Елмас за наш најдобар млад фудбалер а награди доби и првиот стрелец Бесарт Ибраими.



Датум: 31.12.2017, 13:49
Статијата е прочитана 477 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense