| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

01.07.2017

УЕФА потврди: Македонија-Албанија во Струмица

Нашата федерација официјално побарала од УЕФА мечот со Албанија на 5 септември да се игра во Струмица. Ова барање од страна на Европската куќа на фудбалот е прифатено

И дефинитивно и официјално, квалификацискиот натпревар од групата Г за СП во Русија 2018 година меѓу Македонија и Албанија, закажан за 5 септември, ќе се игра во Струмица. Имено, како што велат нашите информации, Фудбалската федерација на Македонија пред извесно време упатила официјално барање до УЕФА да го играме дуелот со нашиот западен сосед на стадионот „Младост“, во овој наш град на југоистокот од Македонија, а за тоа барање, Европската куќа на фудбалот позитивно се изјаснила. Па така, сега нема никакви дилеми каде ќе се игра овој важен натпревар од нашата квалификациска група за СП во Русија.

СЕ ОСТВАРИ ИДЕЈАТА СТАРА ДВЕ ГОДИНИ
Инаку, оваа идеја е стара најмалку две години. Имено, уште на ждрепката, кога се паднаа да играат во иста група најдобрите селекции на Македонија и на Албанија, идејата на ФФМ беше да се игра надвор од Скопје, и тоа во Струмица, со цел репрезентативниот фудбал да се пропагира и во овој дел на нашата земја. Имаше идеја и со Израел да играме во Струмица, но тој меч некако дојде многу рано и немаше шанса стадионот „Младост“, што се вика, да се дотера за еден натпревар од европски квалификациски рамки.

„МЛАДОСТ“ ЈА МИНА ПРОВЕРКАТА
Што се однесува до Струмица и до стадионот „Младост“, тој веќе извесно време е во центарот на вниманието во мак-фудбалот. Таму прво, во мај, се играше финалето во Купот на Македонија, потоа таму играа и ќе играат Вардар, Шкендија, Пелистер и, можеби, Работнички на своите европски настапи. Пред извесно време, во овој град имаше и инспекција од УЕФА, со цел да види до каде се подготовките околу „шминкањето“ на „Младост“. Прво беше кажано дека таа инспекција била само за евронатпреварите на нашите екипи ова лето, но откако УЕФА видела дека сѐ е во ред и дека може таму да се играат мечеви, дала зелено светло и за настапот на нашата репрезентација против Албанија.

ПАНДЕВ ПРЕД СВОИТЕ СОГРАЃАНИ
Ова е убава вест за струмичани, но, пред сѐ, за нашиот капитен и најдобар фудбалер, Горан Пандев. Тој, како роден струмичанец, повеќе од сигурно е дека ќе има екстра мотиви токму во својот град да одигра најдобро што може и да помогне Македонија да забележи победа на овој, како што рековме веќе, важен натпревар. Можеме само да претставиме дека и тој, но и неговите струмичани, со нетрпение сега ќе го чекаат 5 септември.

 



Датум: 01.07.2017, 09:57
Статијата е прочитана 456 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
20.10.2017
20.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense