| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

08.06.2017

Шестмина вардарци во идеалниот состав

Доминација на шампионот и во поглед на тоа колку играчи дава во идеалниот состав на сезоната. Шестмина од Вардар се најдоа меѓу најдобрите единаесетмина, според „Македонски спорт“

Вардар ја освои својата десетта титула во самостојна Македонија на начин како што може да се посака од неговите фанови. Доминираше во текот на целата сезона, цело време беше прв, освен по одиграното прво коло. Шкендија, колку и да се трудеше, сепак, не можеше да се справи со него. Вардар ја освои титулата на 3-4 кола до крајот, а по одиграното 36. коло, бодовната разлика меѓу него и тетовци беше цели 13 бода, а во однос на третиот Работнички - дури 29 бода. Затоа секоја чест за четата на Гоце Седлоски и затоа дури шестмина нејзини играчи се најдоа во идеалниот состав на „Македонски спорт“ за штотуку завршената сезона. Тоа се Гачевски, Новак, Грнчаров, Николов, Фелипе и Блажевски. Има двајца од Шкендија, и тоа Ибраими и Хасани, и по еден од Работнички, Пелистер и од Силекс - Елмас, Ковачев и Недељковиќ.

„САМБА“ ВАРДАР ЗА НОВА ТИТУЛА

Фелипе е моторот на Вардар. Според наше мислење, интернационалецот од Бразил е најдобриот меѓу најдобрите, тој е играчот на сезоната. Знае да постигнува голови, специјалност му се слободните удари, знае и да асистира, фудбалски виртуоз за наши услови. Секако дека сосема заслужено ја носи таа ласкава титула најдобар фудбалер на сезоната.

ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА
ХУАН ФЕЛИПЕ АЛВЕС РИБЕИРО
Тим: Вардар
Роден: 5.12.1987 во Сао Висенте (Бразил) 
Кариера: Санто Андре, Ред Бул, Ориенте, Сао Карлос, ЦСКА Софија, Вардар


ЗОШТО ТИЕ ЕДИНАЕСЕТМИНА

- ГАЧЕВСКИ: Убедливо најдобриот голман во Лигата. Вардар прими најмалку голови, а тоа е голема заслуга и на Филип Гачевски.
- НОВАК: Мирен , сталожен, секогаш игра за екипата и воопшто не се штеди. Евгениј Новак е пример како треба да се однесува вистински професионалец.
- КОВАЧЕВ: Бугаринот е најдобриот фудбалер на Пелистер. Штета што ја скрши раката во текот на зимските подготовки, ќе беше уште подобар.
- ГРНЧАРОВ: Искусниот капитен на шампионот го покажа сето свое искуство, но и квалитет. Кога требаше најмногу, беше најдобар.
- ЕЛМАС: Младиот вундеркинд на Работнички и на мак -фудбалот уште сега, со 17 години, е прва виолина во редовите на „романтичарите“.
- НИКОЛОВ: Репрезентативецот царуваше со средниот ред на шампионот. Со него во тимот, тренерот Седлоски немаше никакви главоболки.
- ХАСАНИ: Капитенот на Шкендија во есенскиот дел беше одличен, но пролетва ја одигра за заборав. Сепак, неговиот квалитет секогаш го носи меѓу најдобрите.
- БЛАЖЕВСКИ: Прв стрелец на Вардар со 11 гола. Кога се решаваше битката за титулата, тој го прикажа сето свое мајсторство.
- НЕДЕЉКОВИЌ: Трета сезона во Македонија и по третпат на врвот од листата на стрелците. Затоа и го бара половина лига.
- ИБРАИМИ: Прв стрелец со 20 гола. И е втор по Фелипе поради тоа што Вардар, а не Шкендија, е прв.
- СЕДЛОСКИ: Што да се каже за Гоце Седлоски? Трета сезона во Вардар и трета титула, втора како тренер, претходно и како директор. Човекот си ја знае работата.

 



Датум: 08.06.2017, 13:22
Статијата е прочитана 6049 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
15.12.2017
15.12.2017
15.12.2017
15.12.2017
15.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense