| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

21.01.2017

ВИКЕНД ТЕМА: Турција повторно е „рајот“ за нашите

Дури пет прволигаши заминуваат на подготовки крај Средоземното Море, од кои две во Анталија, две во Белек и една во Аланија. На подготовки во Турција заминува и лидерот во Втората лига, Академија Пандев

Снежните врнежи кои во последните неколку дена ја „окупираа“ Македонија им направија големи проблеми на нашите прволигаши во одржувањето на подготовките. Условите се отежнати, па од тука повеќето тимови се преселија во сала, но тоа не е според планот. Вардар, пак, го чистеше теренот во својата база за да може нормално да ги одработува тренинзите.
Уште само неколку дена, и пола наши прволигаши заминуваат на подготовки во Турција. На подобро, на потопло, а пред сè поради тоа што ќе играат пријателски мечеви кои ќе послужат за воигрување пред почетокот на сезоната.
Вардар и Шкендија денеска заминуваат кон Анталија, и можеби во вистински момент, кога терените се покриени со снег, кога условите се отежнати. Другите три прволигаши Силекс, Работнички и Пелистер нешто подоцна ќе „слетаат“ крај Средоземното Море, односно во Анталија, Аланија и Белек.

ГИГАНТИТЕ ТРГНУВААТ СО ИСТ АВИОН
За рубриката верувале или не е фактот што гигантите Шкендија и Вардар со ист авион ќе „летаат“ од Скопје до Истанбул, а можеби и до Анталија. Меѓутоа, сигурно е дека денеска со истиот лет ќе бидат и едните и другите играчи и стручни штабови. Двата наши гиганти кои се најсериозни кандидати за титулата, и големи ривали на теренот, ќе мора со ист авион да одат на подготовките кон Анталија, или поточно кон Белек каде што двата тима ќе бидат сместени. Ова се случува по неколку години кога во ист авион кон Истанбул беа тогаш три наши екипи, и тоа Македонија ЃП, Работнички и Металург, кои заминаа за Анталија.

„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ЕДНИ ДО ДРУГИ ВО БЕЛЕК
За да биде уште поинтересно, и Вардар и Шкендија ќе бидат сместени во местото Белек во Анталија, односно меѓусебно ќе бидат оддалечени не повеќе од 5 километри. Вардар ќе биде во „Каја Палацо“, додека тетовскиот тим во „Глориа Спорт арена“, и тие се тука некаде во близина. Дали ќе има скенирање меѓусебно? Би требало тоа да се случи, и голема е веројатноста, особено кога станува збор за пријателските натпревари на екипите. На тренинзите секако дека не смее.
И двата тима во Белек ќе ги имаат сите потребни услови за нормално одржување на подготвителниот период во оваа фаза која можеби е најважната за подготовка за пролетниот дел од сезоната.

РАБОТНИЧКИ И СИЛЕКС НА ДРУГА СТРАНА
Ако Шкендија и Вардар бидат на едната страна, односно на источната од Анталија, тогаш Силекс и Работнички исто така околу 5 километри ќе бидат оддалечени едни од други. Тие ќе бидат во областа Лара, која е многу блиску до градот Анталија. „Романтичарите“ не ја менуваат базата и повторно се во „Миракл Ресорт“, додека кратовци, пак, за кои ова е можеби првото патување за Анталија, ќе бидат сместени во „Кремлин Палас“. Во „Кремлин“ во минатото беше и Металург, но и Вардар, кој по само еден се пресели во друг хотел, незадоволен од условите беше тогашниот тренер Сергеј Андреев.

КОНТРОЛИ СО РУСИ, БУГАРИ, ЧЕСИ, УКРАИНЦИ...
Секако дека кога се оди на подготовките во Анталија, неизбежни се и контролните натпревари со разни противници. Така на пример, на „менито“ на Вардар ќе бидат главно руски тимови. Дури три од петте тима се од Русија. Шкендија, пак, ќе има противници од „различни националности“ како од Азербејџан, Полска, Словачка... Пелистер, пак, ќе игра со два бугарски тима, со еден од Казахстан и еден од Косово, а можно е да одигра пријателска и со Сараево. Кај Работнички, пак, најзвучен противник е Дњипро, некогашниот учесник во финалето во Лигата на Европа, а овој тим ќе има ист противник како Вардар во името на Терек. Силекс, пак, за кратко време ќе одигра пет „контроли“, и тоа со противници од Германија, Грузија, Молдавија, Унгарија и Казахстан.

ПЕЛИСТЕР СТОТИНА КИЛОМЕТРИ ОД СИТЕ
Битолскиот тим, пак, се реши да замине на друго место. Не во Анталија туку стотина километри подалеку, односно Аланија. Да кажеме дека ова место е сè поактуелно во последно време и за други екипи. Аланија се наоѓа источно од Анталија околу 100 километри, и таму ги има сите услови за добри подготовки. Пелистер оваа сезона има големи амбиции, дури да се бори и за врвот, но и за трофејот од Купот на Македонија, и од тука раководството на клубот се реши да им ги овозможи сите услови на стручниот штаб и на фудбалерите за квалитетни зимски подготовки.

ПРИЈАТЕЛСКИТЕ МЕЧЕВИ НА СИТЕ НАШИ ЕКИПИ
ВАРДАР („КАЈА ПАЛАЦО“ БЕЛЕК, 21.01. - 11.02)
24.01. - Стеауа Букурешт (Романија)
28.01. - Амкар Перм (Русија)
02.02. - Дукла Прага (Чешка)
05.02. - Анжи (Русија)
09.02. - Терек Грозни (Русија)

ШКЕНДИЈА („ГЛОРИА СПОРТ АРЕНА“ БЕЛЕК, 21.01. - 06.02)
24.01. - Габала (Азербејџан)
28.01. - Термалика (Полска)
01.02. - Подбрезова (Словачка)
05.02. - ?

ПЕЛИСТЕР („ГОЛД СИТИ“ АЛАНИЈА, 27.01. - 10.02)
01.02. - Ботев (Бугарија)
04.02. - Кајсар (Казахстан)
05.02. - Фероникели (Косово)
08.02. - Нефтохимик (Бугарија)


РАБОТНИЧКИ („МИРИКЛ РЕСОРТ“ АНТАЛИЈА, 26.01. - 06.02)
28.01. - Дњипро (Украина)
30.01. - Терек Грозни (Русија)
02.02. - МТК (Унгарија)
04.02. - неоф. Олимпик Доњецк  (Украина)

СИЛЕКС („КРЕМЛИН ПАЛАС“ АНТАЛИЈА, 27.01. - 09.02)
30.01. - Хомбург (Германија)
01.02. - Динамо Тбилиси (Грузија)
03.02. - Милсами (Грузија)
05.02. - Балмазујварош (Унгарија)
08.02. - Тобол (Казахстан)

АК. ПАНДЕВ („ГРАНД ПАРК ЛАРА“ АНТАЛИЈА 29.01. - 13.02)
01.02. - Босанска Крупа
04.02. - Вождовац
12.02. - Карпати



Датум: 21.01.2017, 13:48
Статијата е прочитана 1973 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
17.10.2017
17.10.2017
16.10.2017
16.10.2017
16.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense