| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

09.12.2017

ТРКА СО ВРЕМЕТО ЗА „ЧАИР“

Во Шкупи веруваат дека ќе успеат да го оспособат својот стадион за реванш куп- дуелот против Вардар

Откако минатиот викенд завршија првенствените обврски, за фудбалерите на Шкупи есенва останува уште предизвикот наречен одигрување на реваншот од осминафиналето во Купот против Вардар, на кој ќе го бранат ремито од 1:1, остварено во првиот дуел одигран на гостински терен. Тој натпревар треба да се одигра идната недела, односно на 17 декември, но главна грижа за чаирчани е местото на одигрување на таа средба. Проблемот за нив настана поради лошата состојба на теренот на стадионот во Чаир, којa ги натера надлежните од Фудбалската федерација да одлучат дека не може да се игра оваа средба на таков терен. Така, Шкупи беше упатен да побара алтернативен терен.
Сепак, како што велат од чаирскиот клуб, тие не се откажуваат од идејата реваншот против Вардар, сепак, да го одиграат пред своите навивачи. За такво нешто се планираат итни активности за поправање на сите недостатоци на теренот и негово доведување во состојба што ќе овозможи непречено одвивање на дуелот. Чаирчани веруваат во своите можности и во тоа дека ќе успеат навреме да ги завршат потребните поправки, со што би добиле и зелено светло од ФФМ за стадионот во Чаир да биде домаќин на средбата.
АЛТЕРНАТИВИ ТЕТОВО И ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
Веднаш по одлуката на ФФМ да се суспендира теренот на „Чаир“, во јавноста се споменаа две можни локации на кои Шкупи би можел да биде домаќин. Тоа се стадионот во Ѓорче Петров, каде што се одигра и првиот меч, и градскиот стадион во Тетово, каде што, како домаќин, игра екипата на Шкендија, најголемиот ривал на Вардар во борбата за титулата. И двата стадиона нудат и позитивни и негативни страни за чаирчани, но барем засега, тие не размислуваат премногу за тие опции, затоа што сѐ уште очекуваат да играат дома.

 



Датум: 09.12.2017, 11:46
Статијата е прочитана 1402 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense