| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

15.04.2017

Вардар ќе игра ЛШ во Софија или во Србија!?

Ниш, Софија, Белград, Елбасан, Солун... се алтернативните решенија на првакот на нашата земја за играње на квалификациите на европската „елита“ со оглед дека ќе има реновирање на „Арената“ и веројатноста да се играат европски мечеви е мала

Организацијата на европскиот Супер-куп за Македонија и Скопје е голема чест и обврска и државата ќе има корист, меѓутоа очигледно дека тоа ќе донесе повеќе проблеми на нашиот шампион. Поради реновирање на стадионот во текот на летото за потребите на натпреварот кој што се игра на 8 август, веројатно првакот ќе мора да игра квалификации од Лигата на шампионите надвор од Македонија!? Во најдобар случај доколку се завршат градежните работи во тек за еден месец, па да биде дозволен настап. Меѓутоа, многу веројатно е дека на шампионот нема да му биде дозволено да игра на нашиот најголем стадион, па од тука веројатно ќе мора да бара алтернатива. Во Македонија друга алтернатива нема, и од тука голема е веројатноста нашиот иден шампион (Вардар е најблиску до тоа место) да посегне по странско решение, и тоа „најбезболното“, најблиско и најреално, повторно ќе кажеме доколку не им биде дозволен „влез“ на Арената.

НА 12 ЈУНИ НА „АРЕНАТА“ ВЛЕГУВААТ БАГЕРИ
Натпреварот со Шпанија ќе биде последното нешто што ќе се случува на „Арената“, а веќе следниот ден влегуваат багери, тешка механизација на стадионот, поради што не смее никој да влезе на него. Ќе се реновира теренот, ќе се реновираат сите делови од нашиот најголем стадион со цел да се обезбедат условите потребни за одигрување на тој голем натпревар на 8 август.
Меѓутоа, во сето ова има само едно позитивно нешто, а тоа е дека реновирањето ќе трае еден месец, толку колку што има до натпреварот од Лигата на шампионите со оглед дека се закажани на 11/12 јули и реваншите седум дена подоцна. Од тука доколку се стигне со реновирањето може да му се дозволи на нашиот првак да го одигра само тој натпревар. Но, што ако мине понатаму? Тогаш секако ќе мора да бара алтернатива, а и мора да му се гарантира на идниот шампион дека ќе може да смета на „Арената“, а ако не тогаш да бара порано алтернатива.

СОФИЈА НАЈРЕАЛНА ВАРИЈАНТА
Каде би можело да се игра доколку не може во Скопје? Главниот град на Бугарија Софија засега е најреалната варијанта, и тоа би се бирало на два стадиони. Едниот е Националниот стадион „Васил Левски“, а другиот „Бугарска Армија“ на ЦСКА Софија. На „Васил Левски“ и минатата сезона се играа мечеви од групната фаза на ЛШ, додека „Бугарска армија“ со реновирањето би требало да исполнува услови за одигрување меѓународни натпревари од ваков ранг. Нема да претставува ниту учеството на Лудогорец во 2. квалификациско коло од ЛШ поради тоа што тие ќе ги играат мечевите на својот стадион во Разград кој исполнува услови за 2. коло ЛШ. Софија е оддалечен од Скопје 250 километри.

НИШ (НЕ) ИСПОЛНУВА УСЛОВИ, МОЖЕБИ БЕЛГРАД...
Можеби најдобрата варијанта за македонскиот првак би била Ниш. Градот кој го има стадионот „Чаир“ на кој настапува Раднички. Сепак, тука има два проблеми. Прво, прашање е дали тој стадион исполнува услови за играње квалификации на Лига на шампиони, а второ тоа што Раднички може да излезе во Европа и да игра на тој стадион. Друг проблем е теренот кој според некои е во лоша кондиција. Ниш е оддалечен од Скопје 210 километри.
Една од „српските“ варијанти е и Белград, и стадионот на Партизан, со оглед дека веројатно на Црвена Звезда ќе биде зафатен исто така со играње на ЛШ. Меѓутоа, тоа е најдалечниот град кој што би го одбрал првакот доколку треба да бара алтернативно решение. Белград од Скопје е оддалечен 430 километри.

СОЛУН ИЛИ ЕЛБАСАН КРАЈНИ РЕШЕНИЈА
Од блиските стадиони кои се во нашето опкружување и кои исполнуваат услови за ЛШ, се Елбасан во Албанија и Солун во Грција. Но, тоа се две варијанти кои се тешко веројатни во овие услови. Прво во Албанија може на тој стадион да се играат квалификации од ЛШ, односно шампионот на нашиот западен сосед да игра таму. Грција, пак, е политички, и пред сè безбедносен проблем со оглед на релациите на двете земји. Елбасан Арената е оддалечена од Скопје 247 километри, додека во Солун би можело да се игра на стадионот на ПАОК кој се нарекува „Тумба“ и е оддалечен 239 километри од нашиот главен град.

 



Датум: 15.04.2017, 09:40
Статијата е прочитана 5674 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense