| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

10.08.2017

Тајмаут: Македонска перфекција

Суперкупот веќе е минато. Оваа генерација беше сведок на нешто што во изминатите децении се нема случено, прашање е кога во иднина ќе се повтори ваков мегаспортски настан. Ние како држава, како граѓани на Македонија и, пред сѐ, Фудбалската федерација на Македонија, покажавме дека можеме да бидеме големи и во големи нешта.

Звачера, Скопје и Македонија беа центарот на светот. ТВ-преносот од Суперкупот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, кој се одигра на нашата арена, беше пренесуван од 250 ТВ-канали во 200 земји на планетата. Овој меганастан беше следен од нешто повеќе од половина милијарда луѓе ширум светот. И сите тие дознаа каде е Скопје, каде е Македонија и каква арена имаат за на неа да играат најголемите клубови во светот. Гости ни беа газдите на клубовите со своите соработници, тука беа челниците на ФИФА и на УЕФА, исто така со своите први помошници. Секако дека во Скопје беа неизбежни големите фудбалски фаци, политичари, градоначалници од околните земји, некогашни големи фудбалски имиња од овие простори. Новинари, фанови на двата клуба, обични гости. Откако Суперкупот не се одржува во Монако, не се памети на едно место на фудбалски натпревар на Суперкупот да има толку познати личности. Е тоа го имаше во Скопје. Сите сакаа да дојдат, и сите дојдоа. Ако почнеме да набројуваме кој сѐ беше, тогаш, можеби, и сите страници од весников ќе ни бидат малку.
И сите беа задоволни од тоа што го видоа и го доживеаја во Скопје, се разбира, освен фановите на поразениот Манчестер, неговите играчи и неизбежниот Мурињо. И затоа УЕФА во текот на вчерашниот ден јавно кажа дека ѝ благодари на Македонија за одличната организација.
Оваа генерација беше сведок на нешто што во изминатите децении се нема случено, прашање е кога во иднина ќе се повтори ваков мегаспортски настан. Ние како држава, како граѓани на Македонија и, пред сѐ, Фудбалската федерација на Македонија, покажавме дека можеме да бидеме големи и во големи нешта. Федерацијата покажа дека е подготвена и дека има капацитет за најголеми нешта. Ќе признаете дека не е сеедно, ни лесно да се организира ваков настан од мегаразмери. И тоа добро да се организира, и тоа под будното око на едни  Инфантино, Чеферин, Перез или Фергусон. И кога тие ќе те пофалат, навистина сме за фалење. И не само од нив, пристигнуваат пофалби од сите страни, од цела Европа. А околните земји по малку како да ни завидуваа за атмосферата, за арената, за фактот дека УЕФА се реши за Скопје, за Македонија, а не за Атина, Софија, Тирана, Белград, Загреб и др. И тоа не го криеаја новинарите кои известуваа од Скопје изминатите денови.
И затоа нам, но и на сите во нашата земја, на таа неверојатна суперпропаганда, ни останува само да им кажеме едно големо БЛАГОДАРАМ на ФФМ, на УЕФА, но и на сите останати кои се заслужни прво за прифаќање на кандидатурата, а потоа и за перфектната организација. И не само ФФМ, и Македонија покажа дека знае да биде голема кога треба да одработи голема работа.
Секако дека не смееме да заборавиме и на атмосферата која го тресеше Скопје неколку дена. Гости од сите страни, фанови и сѐ мина без ниту еден проблем. Горди сме што немаше изливи на расизам, национализам, расна нетрпеливост. Сите тие гости од Грција, Албанија, Бугарија, Србија, Шпанија, Англија и од др. европски земји ни беа подеднакво драги гости. Сите тие и ние заедно бевме само фудбалски фанатици и обични симпатизери, немаше никакви поделби, освен едните кои беа за Реал, а другите за Манчестер. Така и треба. Значи, Македонија е голема и во тие работи.
Положен е голем испит, Македонија треба да биде горда за сето она што се случуваше овие денови.
Едноставно и просто, МАКЕДОНСКА ПЕРФЕКЦИЈА.... алал да ни е!

 


 



Датум: 10.08.2017, 20:42
Статијата е прочитана 6716 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
16.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense