| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

21.02.2017

ПОД ЛУПАТА: Селфи Собрание со Шукер

Делегатите во Собранието на „нашето“ ФФМ имаа саботна работна дружба во Скопје. Немаа што да кажат на говорницата, но затоа, пак, се изнасликаа со фудбалската легенда Давор Шукер, кој беше во улогата на гостин од УЕФА

Илчо Ѓорѓиоски е старо-нов претседател на ФФМ и во наредните 4 години ќе „командува“ со „куќата на фудбалот“. Тоа беше јасно и се знаеше со оглед на тоа дека 25 фудбалски бази од вкупно 26  му дадоа поддршка на Ѓорѓиоски. Спорно е само Тетово каде „врие“ од проблеми и каде правдата ќе се решава пред судските државни органи.
И затоа е лесно да се биде делегат на Собранието кога имате само еден кандидат и каде сè се знае однапред. Лесно за едни и убиствено за други  (сончогледите), кои чекаат бура и циркуси за добро да профитираат и да наплатат за својот глас. За нивна несреќа, добија само ноќевање во Скопје, дневница и толку.
Но, топ тема не е тоа што Илчо Ѓорѓиоски останува во ФФМ. Главната фигура на собирот на делегатите на ФФМ беше Давор Шукер. Големо фудбалско име  кое како член на Извршниот одбор на УЕФА беше во Скопје како супервизор. Дојде Давор настана хаос... Со брзина на „светлината“ почнаа на социјалните мрежи да фрштат фотографии на нашите фудбалски работници со познатиот фудбалски работник од Хрватска. Имаат нешто заедничко иако нашиве и тој се две различни планети. Ако немаш селфи со Шукер ти е исто како да не си бил на Собранието на ФФМ. Шукер сигурно нема направено толку многу фотографии во последниве 5 години. Го озрачија човекот со мобилните телефони.
„Со легендата Шукер“, „Со големиот Давор Шукер“... така некако гласеа посветите на социјалните мрежи на нашите делегати.
Првпат ли гледаат легенди во фудбалот!? Што ли ќе прават овие фудбалски „работници“ во август кога во Скопје ќе биде Супер Купот на УЕФА!? Зарем ние немаме легенди!? А имаме Собрание, и тоа изборно на ФФМ. Каде се нашите легенди!? Освен Вујадин Станојковиќ и Саша Ќириќ, ниту еден друг не е во нашата фудбалска организација.
Нашите легенди се низ кафулињата, може да ги видите случајно низ продавници или шопинг центри. На фудбал тешко да ги видите.
Како би било да видиме постови од типот „Со легендата Новески“, „Со кралот на корнерите Шаќири“, „Со златната копачка Дарко Панчев“ и барем уште 3-4 имиња. Толку се затоа што повеќе и немаме, но ете и тие кои се наши ги нема на мапата.
А како да ги има!? Па тие легенди за да бидат во фудбалот треба да добијат бази, треба да се симнат под своето ниво за да станат она што треба и што го заслужуваат. Треба да зборуваат за фудбал со лица за кои и дома кај нив не знаат дека се занимаваат со фудбал, а ете, сепак, се делегати и нивниот глас повеќе вреди од гласот на вистинските фудбалски легенди. Да не бидам погрешно разбран. Овој систем во нашиот фудбал е систем без систем. Систем кој е главната причина за нашиот фудбалски егзодус. Вака почнавме пред 25 години, а истото е сега па дури и полошо. Ваквиот систем не им дава на легендите да бидат во фудбалот иако Илчо Ѓорѓиоски постојано напоменува дека за сите вратите се отворени. Вратите се отворени, низ нив едно време влегоа Илија Најдовски, Митко Стојковски... но и тие брзо си заминаа.
Па затоа нашите сегашни делегати се некој фактор. Тие се избрани од базите да одлучуваат за фудбалот во Македонија, а на Собранието, кое е Изборно и едно во една година, никој ништо не кажа. Нели е тоа малку апсурдно и срамно!? Но, тоа е таа машинерија. Сигурно повозрасните љубители на фудбалот во земјава го знаат новинарот Бранко Давидовски. Во четвртокот, кога имаше прес, Мирсад Јонуз и „опозиционерите“ ми споменаа дека не бил добар. Дека има здравствени проблеми... Му посакувам да ја победи и оваа битка, но поентата е во тоа што веднаш се сетив на неговата дефиниција за делегат на собрание на ФФМ. Таа гласи: „ЈАГНЕШКА БРИГАДА“. Патентирано од Давидовски од пред 25 години, а важи и сега. Ништо, ништо ама баш ништо се нема променето. Ах, пуст тој фудбал и таа машинерија. Постојано машинерии, режими и системи, а на крајот резултатот е ист - нема резултат!
Бази, ОФС, делегати... до кога ќе бидеме заробени во ваквиот систем. Сите досегашни претседатели, а и сегашниот Илчо Ѓорѓиоски најавуваа дека ваквиот систем ќе биде решен. Ние и сега како и во минатото имаме делегати и ОФС кои не функционираат. ОФС кои немаат фудбалери, но имаат делегати. Еве ќе ви посочам уште еден апсурд околу тоа кои се главни во мак-фудбалот, а за кои нема место. Вардар, Шкендија, Работнички... Тоа е водечкото трио на табелата. Клубови кои инвестираат милиони во фудбалот. Но, тие немаат свои делегати во Собранието на ФФМ. Таму има делегати од клубови како ФК Ергеле (Скопско Поле), ФК Нова (Драчево), ФК Олимпик (Кочани), ФК Полин (Стар Дојран)... Но, има и Вардар, но не овој шампионов од Скопје туку Вардар од Неготино, Фурка или Брвеница. Многу екипи кои ги има на мапата  намаат регистрирано фудбалери, но, сепак, даваат делегати. И ова не е од вчера. Вака е со децении и истото продолжува и продолжува... Крајот не се гледа, а што јагниња се изедоа ехее.

П.С: Почна пролетниот дел од шампионатот. И оваа година многу „кираџии“. До сега имаме видено сè и сешто, но и за првпат дерби на Пелагонија во Струмица. Со години се прави и се инвестира, а ние немаме еден асален стадион. Ете Битола со децении чека стадион, но таму една цигла „двојче“ нема купено. Затоа Пелистер сега ќе се шета. Ја урнаа трибината и сега никој не ја прави. „Чкембарите“ добија стабилен спонзор и силен тим, но ете самите си страдаат од „своите“ луѓе...



Датум: 21.02.2017, 14:07
Статијата е прочитана 2311 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
15.12.2017
15.12.2017
15.12.2017
15.12.2017
15.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense