| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

24.07.2017

Шкендија во Тракаи доби „седмица на лото

„Сум играл против Тракаи, тоа е добар тим но далеку од квалитетите на Шкендија. На нашиот тим му давам 65-35% шанса да оди натаму. Шкендија навистина има среќа, да се добие ривал од типот на Тракаи во третата квалификациска рунда, навистина е среќна околност“ јавува од Литванија нашиот напаѓач Марјан Алтипармаковски

Кога станува збор за клуб од Литванија, тогаш најмеродавен да говори за Тракаи е Марјан Алтипармаковски, напаѓачот на Судува, инак екс фудбалер на Работнички и Пелистер и шпиц кој има играно и во Грција и Хрватска.
„Сум играл против Тракаи, тоа е добар тим, но без некоја лажна скромност тоа е тим кој е далеку од квалитетите на нашата Шкендија. На тетовци им давам 65-35% шанса да одат натаму. Реално Шкендија имаше навистина среќа, да ти се падне ривал во оваа квалификациска рунда тим од типот на Тракаи, е тоа среќна околност. Како да си добил „седмица на лото“ или „џекпот“. Секако дека треба да се одигра максимално мудро, квалитетно, без потценување но јас верувам дека играчите како Хасани, Ибраими, Алими, Радески и другите не би требало да имаат поголеми проблеми да ја минат оваа пречка“ истакнува популарниот Маца кој во Судува замина во зимскиот преоден рок.

Клуб со буџет од 700.000 евра

Во продолжение Алтипармаковски обрнува внимание на историјатот на клубот.
„Според она што јас го знам, клубот доаѓа од малото градче Тракаи кое е во непосредна близина на Вилнус. Тракаи е мало место со голема историска димензија, преполно е со замоци. Тоа е клуб кој има буџет од најмногу 700.000 евра што е веројатно 3-4 пати помал од оној на Шкендија. И тоа нешто кажува, но дека се амбициозен клуб тука нема дилеми. Од година во година расте, се купуваат играчи, се вложува. Претседател им е некојси Јан Невоина, веројатно бизнисмен кој потекнува од Тракаи. Велат дека многу го сака фудбалот и пред се клубот и затоа вложува во него. Инаку фудбалсккиот клуб Тракаи е основан во 2005 година, значи нема многу историја и од тогаш од четврта лига влегува во 2014 во таа нивна елитна лига во Литванија. Во тие три сезони минати во А Лигата на Литванија еднаш бил четвртопласирана а во последните две секогаш бил веднаш зад шампионот. Реков веќе, од година во година, од сезона во сезона Тракаи расте во секој поглед“.

Ја потценуваат Шкендија!?

Звучи интересно но како што вели Мацата, фановите на Тракаи па и самите играчи како да ја потценуваат Шкендија.
„Па, да. Да се разбереме и они се шокирани од тоа дека се во третото квалификациско коло во Лигата на Европа. И сега откако го минаа Норчепинг како да и пораснаа амбициите и истакнуваат дека може со сигурност да ја минат и Шкендија. Ги фати некоја победничка атмосфера но ако, можеби е така и подобро за Шкендија. Кога Хасани и Ибрами и останатите од Шкендија ќе почнат да играат во четврток, ќе видат литванците со кого си имаат работа. Тоа е тоа за Тракаи, се разбира дека и посакувам многу среќа на Шкендија и убеден сум дека тетовци ќе ја минат и оваа пречка“ рече на крајот Марјан  Алтипармаковски во телефонскиот разговор од Литванија.


*Повеќе читајте во печатеното издание на „Македонски спорт“



Датум: 24.07.2017, 10:44
Статијата е прочитана 6002 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense