| контакт | маркетинг
РАКОМЕТ

08.11.2017

Дејвис: Вардар е мојата прва опција

„Конкретна понуда од клубот нема, но доколку тие се расположени да продолжиме со овој систем на работа, тогаш јас сум подготвен да останам во Скопје и да ја преземам функцијата прв тренер“, вели Давид Дејвис за „Македонски спорт“

Асистентот на Раул Гонзалез, Давид Дејвис, е првата алтернатива на челниците на Вардар за преземање на тренерската функција во јуни, кога клупата ќе остане празна со оглед на тоа дека актуелниот стратег заминува за Париз, како предводник на Пари Сен Жермен. „Македонски спорт“ веќе го најави Дејвис како нов тренер на европскиот првак, иако за официјалната потврда ќе треба да почекаме уште месец-два.
Ниту Давид Дејвис не ја потврдува, но не ја ни негира ваквата информација. Помошникот тренер на Вардар единствено што потенцираше во моментов е дека, за него, „црвено-црниот“ клуб е првата опција.
„Сите зборуваат за заминувањето на Раул во ПСЖ, за тоа кој ќе биде негов наследник и што ќе се случува понатаму со екипата. Мојот договор со клубот завршува, исто така, на крајот од оваа сезона. Што и како ќе биде понатаму, не знам. Сѐ уште чекам. Конкретна понуда од клубот нема, но доколку тие се расположени да продолжиме со овој систем на работа, тогаш јас сум подготвен да останам во Скопје и да ја преземам функцијата прв тренер. Челниците на клубот се единствените кои знаат најдобро, дали ќе бидам јас или ќе се бара некое друго решение“, вели Давид Дејвис за „Македонски спорт“.
Дејвис од 2014 година е дел од вардаровиот табор и покрај тоа што му е десна рака на Гонзалез, доби шанса да го води и женскиот тим, но кусо траеше таквата улога, бидејќи му беше потребен на сонародникот на патот кон европскиот врв со мажите.
„Скопје и Вардар се мојот втор дом. По четири години тука, и јас и моето семејство се чувствуваме како да припаѓаме тука. Засега немам други понуди, веќе реков, Вардар има приоритет. Ако ме сакаат - останувам, во спротивно, од јуни сум слободен и ќе ја барам мојата следна дестинација“, додава Дејвис.



Датум: 08.11.2017, 13:50
Статијата е прочитана 4140 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense