| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

20.12.2017

Шампионот „пазари“ тројца од Пелистер

Кристијан Тошевски, Јован Попзлатанов и Матеј Цветаноски, најверојатно, во зимскиот преоден рок ќе ги засилат редовите на „црвено-црните“ во обидот да се стигне до титулата

Во обидот да направи тим со кој што во пролетниот дел ќе се бори да ја стигне разликата на Шкендија, и по четврти пат по ред да ја освои шампионската титула, Вардар прво ќе го „решава“ домашниот пазар и ќе купува македонски играчи. Се погласни се шпекулациите дека Вардарци ќе одат на „пазар“ јужно од нашата земја, во градот Битола. Тројца играчи од Пелистер во зимскиот преоден рок, најверојатно, ќе ги засилат редовите на шампионот. Се погласни се шпекулациите дека десниот бек Кристијан Тошевски, потоа десниот офанзивен фудбалер Јован Попзлатанов и офанзивниот млад фудбалер Матеј Цветаноски ќе бидат новите играчи на Вардар. „Црвено-црните“ ќе ја искористат кризата која што го „дрма“ битолскиот клуб, и ќе му ги „украде“ овие фудбалери.

ТОШЕВСКИ „АКТУЕЛЕН“ СЕКОЈ ПРЕОДЕН РОК

Кристијан Тошевски се споменуваше како можно засилување за Вардар и во летниот преоден рок. Меѓутоа десниот бек се реши да остане во Пелистер, одигра уште една добра полусезона, во меѓувреме стана и неизоставен дел од репрезентацијата на Македонија. Меѓутоа Тошевски токму сега е најблиску до преселба во таборот на Вардар, ако се има во предвид дека тој е слободен фудбалер, односно си ги зема документите од „зелено-белите“. Тошевски би бил само дополнителна конкуренција на десните бекови Ховханес Хамбарџумјан, Владица Брдаровски и младиот Тодор Тодороски.

ЦВЕТАНОСКИ СЕ СПОМЕНУВАШЕ ПОРАНО

За можноста Матеј Цветаноски да замине во Вардар се споменуваше уште од времето кога беше дел од Македонија Ѓорче Петров. Цветаноски е екстра млад фудбалер во офанзивниот дел, има брзина, можеби му недостасува малку сила, а тоа ќе го добие токму во таборот на шампионот. Цветаноски беше актуелен за „црвено-црните“ и летоска, меѓутоа Пелистер успеа да го договори и да го земе во своите редови. Сепак, тој не ја доби вистинската шанса, и покрај тоа што играше токму против Вардар кога имаше шанса да му даде гол на првакот.

ПОПЗЛАТАНОВ ЌЕ БИДЕ ЗАМЕНАТА ЗА ЏИГАУРИ

Јован Попзлатанов е фудбалер кој што игра на неколку позиции во тимот. Тој може да игра и како десен бек, и како десно крило. Токму десната крилна позиција ќе остане испразнета во Вардар со заминувањето на Џамбул Џигаури од таборот на првакот, и Попзлатанов би требало да биде неговата замена во таборот на Вардар. Џигаури и покрај постигнатиот гол против Фенербахче, сепак, не ги оправда очекувањата и по истекувањето на договорот, Вардарци му се заблагодарија на соработката и се решија тоа место да биде потполнето со играчот кој што беше дел од младата селекција на Македонија на последните неколку натпревари.

 



Датум: 20.12.2017, 12:45
Статијата е прочитана 4452 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense