| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

07.12.2017

 

Шкупи - Вардар не може да се игра на Чаир!


*Раководството на Шкупи добило укажување од ФФМ дека за куп-реваншот со Вардар на 17 декември треба да си побара алтернативен терен

 

Очајно лошиот терен на „Чаир“ на неделното дерби меѓу Шкупи и Вардар ги натера надлежните во Фудбалската федерација на Македонија добро да размислат што и како понатаму. Па така, по сите анализи, детални согледувања од страна на ФФМ до ФК Шкупи, укажано е дека ако итно не се поправи теренот на стадионот во Чаир, тогаш за реванш-дуелот од 1/8-финалето во Купот на Македонија со Вардар, чаирчани ќе мораат да си побараат алтернативен терен. Секако дека еден таков натпревар, еден таков меч кој решава за тоа, по оние први 1:1, кој ќе се пласира во 1/4-финалето во Купот на Македонија каде што чека Шкендија, заслужува далеку подобар и поквалитетен терен од оној калливиот, односно катастрофалниот каков што беше во неделата, кога Шкупи го победи Вардар со 2:0.

 

Би се играло во Тетово или во Ѓорче

Секако дека ова не му одговара на Шкупи. Екипа која е посилна барем за 30% кога игра на свој терен, кога игра пред своите верни навивачи „шверцери“ на „Чаир“. Но, сепак, треба да се биде реален и да се каже дека на тој терен не треба и не може да се игра фудбал меѓу играчи професионалци. Е сега каде би се играло, ако не на „Чаир“? Се шпекулира со тоа дека Шкупи има две алтернативи. Тоа се стадионите во Тетово, каде што како домаќини играат Шкендија и Ренова, и, секако, во Ѓорче, каде што и се играше првиот меч, кој заврши 1:1. Искрено, на Шкупи повеќе му одговара Ѓорче, затоа што, како домаќин, и со 0:0 ќе се пласира во следната рунда. Додека во Тетово, без оглед што симпатиите на тетовската публика ќе бидат кон чаирчани, Вардар има далеку поголеми шанси за победа. Одличниот терен на реално поквалитетниот тим повеќе ќе му одговара, а Вардар секако дека е поквалитетен. 

 


 



Датум: 07.12.2017, 11:44
Статијата е прочитана 3073 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
19.04.2018
19.04.2018
19.04.2018
19.04.2018
19.04.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense