| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

13.05.2017


СЕДЛОСКИ: Вардар секогаше е гладен за титули!

Гоце Седлоски, човекот кој го има рецептот за првото место на табелата со интервју за „Македонски спорт“.

Гоце Седлоски е човекот за титули во Вардар. Прво како спортски директор и сега како тренер, вкупно три трофеи за „црвено-црните“. Легендата на македонскиот фудбал и човек со најмногу настапи се покажа како вистинско решение на клупата на нашиот најтрофеен клуб. И покрај тоа што наидуваше на серија критики од оние фејсбук- навивачи, сепак, на крајот на сите им беа врзани прстите и устите. На крајот излезе овој Вардар подобар од оној лани. На четири кола до крајот, одбранета шампионската титула. Сега останува уште финишот на сезоната, а потоа и она вистинското - подготовките на тимот за Лигата на шампионите. Токму оттука за ова првенство, како и за она што го очекува Вардар претстојното лето, разговараме со тренерот на стариот и нов шампион, кој има шанса да се запише во историјата на Вардар како прв тренер со три титули по ред.

Вардар повторно е шампион. Колку сте задоволен од тимот во оваа сезона?
„Кога ќе ја освои тимот титулата, морам да бидам задоволен. Во текот на сезоната имавме мали падови, но јас сум горд на моите момци и сакам да им честитам за освоената титула. Особено што покажаа карактер на најважните натпревари против директниот конкурент. Кога беше најтешко, тие излегоа на терен желни да победат, и успеаја во тоа. Особено оној триумф во Тетово со 0:2, кој на некој начин беше пресвртница. На секој натпревар одевме да освојуваме бодови и на крајот полека стигнавме до нашата зацртана цел“.

Велат, потешко е да се одбрани титула отколку да се освои. Дали се согласувате со ова?
„Многу е тешко кога се брани титула, меѓутоа Вардар успева две сезони по ред, и тоа е голем успех. Знаете, кога ќе освоите титула и кога ќе играте во Европа, на некој начин доаѓа до заситеност. Но од Вардар секогаш се бараат титули, секогаш се бараат успеси и играчите се гладни за такво нешто. Вардар секогаш е гладен за титули, и мислам дека тука, во оваа екипа, сето тоа влијае обратно. Доколку се освои титула, потоа играчите со силна желба сакаат уште. Очекувам така да биде и следната сезона. Никогаш не се задоволуваат. Особено ме импресионира што на некои натпревари кога го решававме победникот, тие сакаа да даваат уште голови, да победат со поголема разлика. Тоа кажува за желбата и за мотивот на играчите“.

Има ли некој посебен рецепт за освојување на титулите?
„Има неколку фактори што влијаат за титулата. Треба напорна работа, максимална дисциплина и спроведување на договореното на терен. Ако се имаат овие три работи, тогаш титулата ќе дојде. Секако дека во Вардар сега стои и човек во името на господинот Сергеј Самсоненко, кој вложува во клубот и сето тоа му овозможува на клубот да оди напред, да оди уште погоре. Мислам дека сме на вистинскиот пат. Пред три години, до последното коло ја освојувавме титулата, лани успеавме, исто така, во овој период, а сега на четири кола до крајот. Сето тоа кажува дека сме на вистинскиот пат“.

Во текот на сезоната имаше и многу критики на адреса на тимот, на играчите, на стручниот штаб, особено на социјалните мрежи. Каков е вашиот коментар во врска со тоа?
„На ова прашање нема што посебно да се коментира. Едноставно е: си ја гледаме нашата работа и тренираме напорно, и на крајот тоа се покажа како вистински потег. Секогаш ќе има такви што зборуваат и ќе критикуваат. Гледаме само во нашиот двор и не нѐ интересираат ниту противниците ниту тоа што го зборуваат другите луѓе. Ние го покажавме нашето на терен, а титулата е најдобар показател дека бевме најдобри и во оваа сезона. Немам ништо против никого, а ги ценам само оние што доаѓаат на стадион и го бодрат нашиот тим“.

Сега следува уште финишот од сезоната и потоа подготовките за квалификациите од Лигата на шампионите. Кои се плановите на Вардар?
„Секако, има уште четири кола до крајот на сезоната, во кои, и покрај освоената титула, ќе барам од играчите максимум на секој натпревар и, се разбира, што повеќе освоени бодови. Ќе комбинирам со екипата, ќе им дадам шанса и на некои млади играчи да се докажат во овие завршни кола. Нема да се опуштиме. Едноставно тоа не е мојот стил, туку барам од играчите секогаш да даваат сѐ од себе за добри резултати, без разлика дали се тоа младите играчи“.

И за крај, кога сме кај противникот од Лигата на шампионите, која е вашата желба?
„Уште не ги знам сите можни противници. Реков и лани дека не сакам да ни се падне Динамо Загреб, па ни се падна тој. Затоа сега нема да коментирам. Кој и да ни се падне, нѐ чека тешка задача. Реков, и се надевам дека овој пат ќе имаме малку среќа во ждрепката и дека ќе добиеме противник што можеме да го минеме и, конечно, да го направиме тој исчекор во Европа. Верувам дека тоа е желба и на сите што го сакаат Вардар, а верувам дека тоа ќе донесе придобивка и за македонскиот фудбал“.

*Целото интервју може да го прочитате во денешното печатено издание на „Македонски спорт“.



Датум: 13.05.2017, 17:02
Статијата е прочитана 2668 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense