| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

27.05.2017

Металург - Тетекс со отворен гард

Пред да стартува ова последно и наедно решавачко коло во второлигашката конкуренција, треба да се потенција дека, дефинитивно, тимот на Вардар Неготино е третолигаш, нема шанси да се спаси.

За неготинци кобен беше поразот во Турново изминатото коло. Сега, на коло до крајот, Тиквеш и Тетекс имаат по 25 бода, а Вардар има 22. Ако победи Вардар денеска против Еуромилк, на домашен терен, нема ништо да се смени. А, од друга страна, Тетекс му гостува на Металург и ако загубат, двете екипи ќе имаат по 25 бода и ќе се прави табела на меѓусебните резултати. Вардар има најлош скор и затоа уште отсега е третолигаш. Во случај, пак, Тетекс и Тиквеш да имаат ист број бодови, тогаш кавадарчани ќе бидат во предност, затоа што имаат подобар меѓусебен скор. За Тетекс е најбитно да го победи Металург и тогаш, во најлош случај, ќе игра бараж.

СУДБИНАТА СЕ РЕШАВА НА „ЖЕЛЕЗАРНИЦА“
Двата тима што директно одлучуваат за својата судбина, и тоа во директен дуел, се Металург и Тетекс. Македонските фудбалски брендови во моментов се дават во „воторолигашката кал“, а кој од овие два клуба ќе излезе од неа, останува да видиме.
Ситуацијата е јасна. Со победа, тимот на Металург обезбедува опстанок. Тоа им е јасно на избраниците на Добре Димовски, иако неговиот млад состав за прв пат се среќава со вакво нешто.
„И покрај лошата ситуација во клубот, ние мораме да одиме на победа и да избориме опстанок. Ние имаме млад тим. За неколкумина играчи, ова се први минути во сениорска конкуренција, но што е, тука е. Имавме лоши резултати во последно време. За дел сме самите виновни, за дел судиските одлуки, но сега нема време за жалење. Денеска секако дека одиме на триумф, ќе дадеме сѐ од себе, и тоа против Тетекс, ривал кој ни малку не е наивен противник“, вели Роберт Тасевски од Металург.

БИЛБИЛОСКИ: ЗА НАС Е ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ

Тетекс, пак, што се вели, од прежален состав сезонава, од речиси сигурен третолигаш, одеднаш доби шанса да се спасува.
„Натпреварот против Металург, за нас, е да се биде или не. Цела сезона се сведе на само еден натпревар, кој ќе ја одлучи судбината на клубот. Нас ни е потребна победа за опстанок и секако дека ќе атакуваме на трите бода од овој натпревар. Екипата на Металург е составена од млади и квалитетни фудбалери, но ние сме спој на искуство и на младост. Пред почетокот на сезоната, имавме само една цел, а тоа е клубот да опстане. Сега имаме можност да го оствариме тоа и сигурно дека нема да ја пропуштиме шансата што ни се укажа“, вели капитенот на Тетекс, Марјан Билбилоски.
Тетекс на овој меч нема да може да смета на Ирфан Абази, односно на Фатон Реџепи, а на мечот против Тиквеш се повреди и еден од најдобрите играчи на тетовци сезонава, Шериф Реџепи.


27. КОЛО (27.05.2017 - ДЕНЕСКА) 16:30 Ч
МЕТАЛУРГ - ТЕТЕКС
ТИКВЕШ - ХОРИЗОНТ Т
ВАРДАР (Н) - ЕУРОМИЛК
А. ПАНДЕВ - СКОПЈЕ
ВЧЕРА:
ВЛАЗЕРИМИ - НОВАЦИ 2:3


 



Датум: 27.05.2017, 13:12
Статијата е прочитана 2979 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense