| контакт | маркетинг

02.02.2018

Од допинг скандали нема куртул!

На неполна недела до почетокот на Зимските олимписки игри во Ј. Кореја, на повидок нов допинг скандал


Допингот во спортот стана толку експлоатирана тема, што како наближува некој поголем настан поверојатно е да излезат на површина дузина допинг скандали, отколку некој спортски блесок. Ништо поразлично нема да биде и пред и за време на одржувањето на Зимските олимписки игри во Пјончанг. Колку и да се инвестираат средства во борбата и искоренувањето на допингот во спортот, како минуваат годините, оние на кои веројатно не им е премногу до „чистиот спорт“, туку напротив до резултати кои носат брза слава и заработувачка, изнаоѓаат нови и нови начини како да се заобиколи „законот“.
На помалку од една недела до почетокот на „зимските лудории“ во Јужна Кореја, германските новинари тргнаа во откривање на нов проблем. Да, и овој пат во центарот на вниманието е допингот и Светската антидопинг агенција ВАДА. Додека неколку месеци наназад спортот се занимава со прашањето и позицијата на рускиот спорт и спортисти на престојните ЗОИ, германските новинари во соработка со најголемите борци за „чист спорт“, откриваат нов потенцијален скандал со допинг примероците кои редовно се доставуваат во ВАДА. Имено, последната информација дека садовите во кои се носат примероците од урина од спортистите во ВАДА можат лесно да бидат отворени и компромитирани излезе дека е точна и дека и Светската антидопинг агенција е запознаена со потенцијалниот проблем. Засега не се знае дали проблемот излезе на површина по претходна информација од извор кој бил сведок на компромитирање на доставени примероци на ваков начин или станува збор за внатрешен сомнеж кој потекнува од ВАДА.
„Ние се уште сме во фаза на истрага и доколку оваа ситуација биде потврдена, тоа сигурно ќе предизвика загриженост и ќе отвори бројни прашања“, велат од ВАДА.


За некои од допинг контејнерите (како што се нарекуваат шишињата во кои стои „запечатена“ урината од примероците кои се земаат кај тестираните спортисти) кои беа воведени во септември оваа година, излезе дека многу лесно се отвораат со рака и можат да бидат контаминирани пред да дојдат до лабораториите на ВАДА каде треба да бидат ставени на замрзнување. Она од што се плашат сега и во ВАДА и луѓето кои го открија проблемот е тоа што овие садови можат многу лесно да се отворат, притоа да не се забележи никакво оштетување на механизмот за затворање.

Течностите земнени од допинг контролата се поделени на примероци А и Б. Примерокот Б се замрзнува по запечатување во присуство на спортистот. Во случај на позитивен тест, тој се одмрзнува по барање на осомничениот и повторно во присуство на спортистот или неговиот адвокат се отвора. Кога се отвара со соодветна алатка, според практиката на ВАДА, механизмот на блендата мора да биде уништен, така што не може повторно да се врати и запечати. Само на овој начин може да се исклучи манипулацијата меѓу испораката и отворањето. Во спротивно, ниту еден материјал не може да биде искористен како доказ против осомничениот спортист.

Со најновите садови (шишиња) кои доаѓаат од фирмата Берлингер, очигледно има некоја грешка при пакувањето, па садовите кои се испорачани до националните антидопинг агенции имаат „маана“. Експертите ја исклучуваат можноста од неправилно ракување со контејнерите од страна на инспекторите, но и неуспешна процедура за затворање не го ослободува производителот од одговорноста. Информациите кои протекоа од Германија, а беа потврдени од германската антидопинг лабораторија во Келн, се чини брзо добија потврда и од неколку други светски лаборатории. И нивните проверки покажале дека повеќе од 20% од контролираните нови шишиња се „фалични“, односно, можат да се отвораат и затвораат без да се уништи механичкиот дел, а со тоа се подложни и на контаминација на примероците. Засега се уште не се знае степенот на проблемот и раширеноста низ светот. ВАДА тоа допрва ќе го испитува, но прашање е дали ќе успее да ги „улови“ сите вакви неисправни садови за транспорт на примероците, со оглед на тоа што компанијата која ги произведува ги дистрибуира уште од септември минатата година и не се знае каде се и колку вакви пропусти се направени. Новите модели беа воведени за да се спречи системска измама, како на пример за време на Зимските олимписки игри пред четири години во Сочи, кога Русите беа обвинети дека ги отворале примероците на нивните спортисти и ги заменувале со чиста урина.




Датум: 02.02.2018, 17:37
Статијата е прочитана 381 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense