| контакт | маркетинг
РАКОМЕТ

12.07.2017

Македонија и Словенија со „здружени сили“ за ЕП 2022 и ЕП 2024

Заедничка кандидатура на двете Федерации за организација на Европско првенство во машка конкуренција

Ракометните федерации на Македонија и Словенија ги „здружија силите“ и заеднички поднесоа кандидатура за организација на Европското првенство 2022 или 2024 година во машка конкуренција. Првиот човек на ракометната федерација на Словенија, Фрањо Бобињач на седницата на Собранието на Управниот одбор ги изненадил со информацијата дека двете земји веќе потпишале договор.
„Словенија, заедно со Македонија, е кандидат за организација на Европското првенство за мажи, или во 2022 година или две години подоцна. Македонците веќе се согласија дека во случај на успешна кандидатура финалето ќе се игра во Словенија“, стои во известувањето на Словенечката федерација.
Информацијата ја потврди и Ракометната федерација на Македонија.
„ Ракометните Федерации на Македонија и Словенија изразија подготвеност заедно да конкурираат за организација на сениорските машки Европски Првенства во 2022 и 2024 година“, стои на официјалниот сајт на РФМ.
Од почетокот на 2018 година, ЕХФ ќе почне да ги разгледува сите пристигнати кандидатури, а конечната одлука ќе ја даде на Годишниот конгрес во Глазгов на 18 и 19 јуни 2018 година. Сепак Македонија и Словенија ќе имаат силна конкуренција со оглед на тоа дека за организација на овие континентални собири заинтересирани се и Белгија, Шпанија и Франција, Чешка, Унгарија и Словачка, Данска, Германија и Швајцарија, како и Русија и Белорусија, кои исто така имаат заеднички кандидатури, како и Литванија за ЕП 2022. За ЕП 2024, пак, желба искажале Чешка, Унгарија и Словачка, Данска и Швајцарија, како и поединечни кандидатури на Германија и на Литванија.
Претходно РФМ беше единствената федерација-кандидат за организација на женското ЕП 2022, додека за ЕП 2024 против-кандадат ни беше само Русија.
Но европската „куќа на ракометот“ направи промена во терминот на одигрување на првенството во 2022, односно наместо стандардно декември да биде резервиран за тоа, таа година континенталниот собир е од 4 до 20 ноември. Од тие причини ЕХФ го смени и рокот за аплицирање, па така тој е пролонгиран до 1 септември. Со оглед на тоа дека сега ја имаме Словенија како сојузник во битката за организација на ЕП, голема е веројатноста Македонија воопшто да не аплицира (повторно) за да биде домаќин на ЕП за дамите туку комплетно да ја насочи силата кон новата кандидатура.



Датум: 12.07.2017, 14:58
Статијата е прочитана 634 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.09.2017
21.09.2017
21.09.2017
21.09.2017
21.09.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense