| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

04.11.2017

АДЕМИ: СÈ УШТЕ ИМАМ ТРАУМИ

„Се сомневав во сите, па дури и во моето семејство, навистина не знаеш како влегло тоа во твоето тело. И затоа сѐ уште имам трауми“, вели Аријан Адеми за хрватските медиуми

Аријан Адеми ја стави зад себе таа непријатна епизода од својот живот. Сега, по две години пауза, одново игра за нашата репрезентација и одново е капитен на својот Динамо. Сега, откако тој ужас со допингот е минато, тој за медиумите си ја отвори душата докрај, што се вели.
„Зад мене е тешка борба за докажување на мојата невиност. Сега многу подобро се чувствувам и среќен сум што повторно сум на зелениот терен, што повторно играм фудбал, оној вистинскиот“, вели Адеми.

НЕ, НЕ ЗЕДОВ ДОПИНГ

Иако мина долго време, тој посочува дека не зел допинг.
„Дали зедов допинг? Не, не го сторив тоа. Ете, успеав да го докажам тоа, да го докажам и пред ЦАС, кој ми дозволи да ги изнесам сите мои докази. Потоа и самите тие видоа дека не сум виновен. Мислам дека станува збор за контаминација на лекови, кои беа легални“, потенцира Адеми.

СЕГА ВНИМАВАМ БУКВАЛНО НА СÈ

Во продолжение на своето излагање во една ТВ-емисија во Хрватска, тој истакна:
„Навистина не знаеш како влегло тоа во твоето тело. Се сомневав во сите, замислете, се сомневав и во пријателите, во најблиските околу мене, да дури и во семејството. Но верував дека мора некако да излезе тоа од мене, од моето тело, како што и влегло. Бев лут, бесен, но мораш да сфатиш дека мора да продолжиш понатаму, и со борбата и со животот. Многу ми помогна тоа што мојот клуб ми плаќаше сѐ додека бев под суспензија, не знам што ќе правев ако останев сам. Секако дека ќе ми беше многу потешко. Инаку, и сега имам трауми. Стравувам од сѐ, буквално од сѐ. Сега внимавам на сѐ. Сега во кафулињата барам пред мене да се отворат пијачките. Можеби, тоа е преголема фобија од моја страна, се надевам дека ќе мине со текот на времето“.

СЕЛЕКТОРОТ МИ ЈА КАЖА УЖАСНАТА ВЕСТ

„Најмногу ме болеше фактот што на почетокот, колку и да се трудев, не можев да докажам дека не сум зел ништо при здрава свест. Кога заврши сето ова, мислам дека кај мене има една доза на задоволство што нема да остане една лага зад моето име. Инаку, самата вест ја добив од селекторот, тогаш бевме на подготовки со репрезентацијата. Прво му се јавиле на мојот цимер за да ми каже дека ме бараат претседателот на Федерацијата и селекторот, со намера да ми кажат нешто во доверба. Ни на сон не помислив дека ме викаат за нешто толку лошо, но ете, таа ужасна вест ми ја пренесе селекторот и јас морав итно да замнам во Загреб. Како се чувствував во тие моменти? Можам да кажам одвратно“, искрен е Аријан Адеми.



Датум: 04.11.2017, 14:35
Статијата е прочитана 578 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
23.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense