| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

28.02.2017

ПОД ЛУПАТА: Слабо е ова Томасе...

Тренерските смени во Шкендија како да не се на арно. Додека застанат на нозе, додека се освестат, отиде Вардар... За Брдариќ како фудбалско име секоја чест, но и тој како и многу други кои „изгореа“ не смее да ја потцени оваа наша лига

Пишува: Игор Д. Ивановски

Нашето непишано правило во овој наш фудбал, во оваа наша лига, а и по секое дерби стапува на сила. На кого да му се „скине“ главата, кој е виновникот, кој е поединецот...!? Така и сега. Шкендија загуби, а во Тетово на отстрел Марко Јовановски. Кикс на првиот гол на Барсегјан и веднаш стрелите кон него. Точно! Киксот е голем, но уште поголема е болката кога ќе се загуби битка со лутиот ривал, со директниот конкурент и кога ќе се губи битката за тронот. Затоа болно е ваквите дерби пресметки како што беше неделната во Скопје и победата од 3:1 за Вардар. „Три од три“, за овој Вардар на овој Гоце Седлоски во оваа сезона. Три победи и +7 пред Шкендија во сезона во која Вардар беше прежален таму некаде во август кога тимот од Тетово имаше фантастична евро-сезона во која нижеше победи и стигна до последната порта од Лигата на Европа. Тие што „бомбардираат“ по секој кикс сега ги нема, сега си молчат и ќе си молчат уште долго.
Марко Јовановски е во низата по она што му се случи на Костадин Захов. Се вреднуваат сегашните киксови, а се забораваат претходните историски подвизи. Брзо се заборава доброто за да се удри по злото. Тоа е причината поради која во Тетово имаат проблем со Вардар. Шкендија по традиција прави лоши потези. Мислам на тренерските затоа што таму немаат трпение. Треба да се истрпат одредена визија, план и начин на работа. Тоа трпение кај нас го нема, посебно во поголемите екипи, каде притисокот од „надвор“ е страшен. Ференчина, Дуро, Акраповиќ, а еве сега и Томас Брдариќ... Во Вардар само Седлоски, кој го наследи Андреев, за кого исто така имаа трпение кај „црвено-црните“! Едните трпат, другите менуваат. Не дека е најсјајно и во Вардар. Но, таму трпат и знаат да ги покријат „пропустите“ кои ги има. И таму битна е титулата иако низ патот до неа горат многу нешта, многу фудбалери, многу „кнедли“ се проголтуваат за мир во куќа затоа што крајот е битен.
Но, ајде сега да зборувам за тактиката. Томас Брдариќ ептен ја утна работава на дербито. Слабо е ова Томасе. Шкендија претходно беше далеку подобра од ова што го видовме во неделата. Само Хасани и Ибраими над просекот. Другото лошо, а најлоши новите. Јуре Чолак!? Кикс при првиот гол, пенал врз Блажевски, фаул врз Николов по кој падна и третиот гол. Ова не е возможно! Па Артим Положани е Канаваро за него. Челиковиќ ништо екстра, а Меџедовиќ не може да е пред Радевски. Но, ти си знаеш, ти си тренер и ти ги подготвуваше во текот на зимската пауза. Битно е тоа што Абдурахими ќе биде главното засилување. Добар е Бесарт, но му треба време, долго беше во аут и дојде во Шкендија без подготовки. Но, се гледа дека тој е екстра играч и заедно со Ибраими и Хасани би биле „трио фантастико“.
А во Вардар... Тренерот најави и така бидна. Тигран Барсегјан е „тигарот“ на Гоце Седлоски. Страшен играч кој две години беше аут од фудбалот, но додека има сила има широк спектар на фудбалски потези од новиот Ерменец. Вардар е подготвена екипа, која има темпо, има голема клупа. Играчки беа далеку подобри од Шкендија иако некој ги оспорува сите три гола. Биле вакви, немало пенал и среќа на Фелипе. А Фелипе! Страшна експлозија на Бразилецот на Вардар, додека оној на Шкендија (Жуниор) е добар, но е „закован“ за клупата.
За да се добие дерби треба да се видат многу сегменти. Треба да се наредат коцките и да се знае како. Уште пострашно е кога серијата трае, кога во мозокот на играчите е набиен комплекс кој никако не може да излезе од главата. Вардар има страшно добра серија на овие дерби пресметки. Ете ова е четврта победа во низа. Лани беа „тенки“, но оваа сезона резултатите се 3:0, 0:2 и ете сега 3:1. Шкендија по 322 минути му даде гол на Вардар (перфектна акција), но еден гол не носи победа...
Вака сега на +7 сите знаат да кажат „ви реков“, „нели ви кажав“... Тоа е таа дефиниција кога сите се прават паметни, а другине се фаќаат за некакви „сламки“, се губат од контрола и чекаат момент за рафал врз основа на некои претходни сценарија, заговори и идеологии кои ги прават за да стигнат до само за нив познати цели и интереси. Таквите „мали и дебели, но сироти хрчки“, ќе се изедат самите себеси при ваквиот развој на настаните затоа што далеку се од нивните филозофии, идеи и интереси.

П.С: До сега се знаеше. Вардар гази во првенството, а Шкендија во Купот. Ете ти сега нов проблем и за едните, но и за другите. Еве утре, пак, ќе се видат и повторно во Скопје. На ред е 1/2 финалната битка во националниот Куп. Ај сега да видиме каква ќе биде математиката или низ кулоарите само си „тресат зелени“. Ќе успее ли Шкендија да се рехабилитира и дали Вардар ќе успее да оди во финале по 10 години? 



Датум: 28.02.2017, 16:34
Статијата е прочитана 1881 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
17.10.2017
17.10.2017
17.10.2017
17.10.2017
17.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense