| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

08.04.2017

Еуромилк брка прв триумф против Тетекс

Еуромилк досега нема ниту една победа во меѓусебните дуели со Тетекс. Прекинување на таа традиција е императив за лисичани, ако сакаат да се задржат во борбата за влез во Првата лига

По победата во минатото коло против претпоследниот Тиквеш со 2:0, екипата на Еуромилк посакува еден триумф против тим што се наоѓа на самото дно на табелата во Втората лига. Тоа ќе биде дуел против последнопласираниот Тетекс, што однапред гледано, би требало да биде лесна задача за екипа која со право се надева на влез во Првата лига и во која во моментов е на само еден бод од местото што обезбедува таква промоција. Сепак, на теренот таа пресметка воопшто нема да биде таква едноставна. И покрај тоа што се последни, тетовци имаа сосема цврста игра, којашто им овозможи на петте натпревари во пролетниот дел на сезоната да одиграат четири ремија, односно да примат само еден гол. Истовремено, таа серија покажува и дека тетовската екипа го има најнеубоитиот напад во првенството и доколку „лисичани“ успеат некако да го „отворат“ противникот и да ја начнат неговата мрежа, не би требало да ја испуштат шансата за победа.
Дополнително предупредување за Еуромилк носи традицијата во меѓусебните дуели којашто вели дека тимот од Горно Лисиче никогаш не се радувал на триумф против Тетекс, туку во шесте меѓусебни дуели има три порази и три нерешени, од кои последното беше пред две кола кога на домашен терен одигра без голови.

НЕДЕСКИ И МИТРОВ СО „КАМ-БЕК“
Еуромилк на овој меч ќе биде посилен за Михајло Митров, како и за Зоран Недески. Митров ја одлежа казната поради црвениот картон добиен во Кичево, и покажан токму од страна на Боби Величков, а Недески, пак, по кратка пауза повторно му се враќа на фудбалот, активирајќи се повторно во клубот каде што и последно настапуваше. Тој доби мала минутажа и минатата недела против Тиквеш.

ВЕЛИЧКОВ Е ЏЕЛАТОТ НА ЛИСИЧАНИ
Боби Величков е арбитарот кој ќе ја дели правдата на мечот Тетекс - Еуромилк. Лисичани со него имаат многу лошо искуство сезонава. Против Влазерими во Кичево се случи оној гол во последните моменти од мечот, и инцидентот во кој лисичани го извлекоа подебелиот крај, а претходно и во Турново против Академија Пандев, Еуромилк имаше замерки на неговата арбитража. Сега, Величков повторно е на центарот, овој пат во Тетово против Тетекс, но да се надеваме дека овој пат сè ќе биде во ред.

НЕГОТИНЦИ СЕ ВРАЌААТ ВО НОРМАЛА
Големи бранувања предизвика настапот на Вардар Неготино во претходното коло кога, на гостувањето во Новаци, физички беше нападнат директорот на клубот, по што заврши и во болница. По тој инцидент неготинци јавно побараа казни за сторителите, но и преземање мерки за такво нешто да не се повтори на ниту еден терен. Во спротивно, како што беше ставот на луѓето од клубот, се губи секоја поента од воопшто да се учествува во какво било натпреварување.
Сепак, тој дуел е веќе минато и екипата мора да се сврти кон првенствените обврски, кои велат дека пред клубот од Неготино и натаму е исправена тешката задача да се обезбеди опстанокот во лигата. На тој план, неготинци пролетва стојат сосема солидно, со оглед на тоа што во петте одиграни средби имаат ефект од две победи, две нерешени и само еден (минимален) пораз, односно пролетва освоија речиси половина од вкупниот број бодови, осум од 18. Сега на распоредот им доаѓа реприза на дуелот од пред две кола, односно дуел на домашен терен против Скопје. Во претходниот случај Вардар славеше со 1:0, па неготинци се надеваат дека може да се повтори таквиот резултат.
За такво нешто, сепак, ќе треба да бидат прашани и играчите на Скопје. Тие не се во најдобра форма со оглед на тоа што по поразот во Неготино одиграа лош натпревар и дома со Влазрими кога одиграа само 1:1. Тоа се пет загубени бодови во борбата за промоција во Првата лига, што придонесе комотната разлика што „пиратите“ имаа на второто место пред само две кола сега да биде само еден бод пред Еуромилк и два пред Новаци.

 



Датум: 08.04.2017, 13:02
Статијата е прочитана 1287 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense