| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

08.08.2017

И благодарам на Македонија


*Само во „Македонски спорт“: Ексклузивно интервју со Александер Чеферин, претседателот на УЕФА

Вистинска привилегија е кога пред голем настан како што е Суперкупот на УЕФА, имате можност да направите ексклузивно интервју со г. Александер Чеферин, претседателот на УЕФА. Тој само за „Македонски спорт“, на денот на меганастанот за нашата земја, одговара на нашите прашања и за сето она што е поврзано со Суперкупот.

* Г. Чеферин, Македонија доби од УЕФА голем спектакл. Дали сте задоволни од подготовките од наша страна - од Федерацијата, државата и од другите институции за натпреварот?
„Ова е фантастично искуство за Скопје, не само затоа што ќе сведочи за дуелот на двата големи тима туку и затоа што навивачите ширум земјата ќе ја почувствуваат таа величествена атмосфера на славење и радост што ја носат ваквите натпревари со себе. Подготовките за ова финале, за овој суперкуп беа голем предизвик, но Владата, Фудбалската федерација и локалните организациски комитети ги вложија сите напори да се исполнат условите што се неопходни за организација на ваков голем спектакл, и јас лично сум им благодарен за трудот што го вложија. Сигурен сум дека ова ќе биде настан кој градот и земјата никогаш нема да го заборават“.

* Реал Мадрид-Манчестер јунајтед! Не можеше подобар натпревар во Скопје. Целиот регион практично дише за овој натпревар. Дали одлуката да се додели организацијата на Суперкупот во Скопје е во согласност со очекувањата?
„Убаво е што помалите сојузи или федерации имаат можност да организираат вака посебни и големи натпревари. Дуелот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед во Скопје не е само величествен фудбалски настан за земјата и за регионот туку е и одлична промоција на овој дел од Европа“.

* Кои се вашите лични очекувања од натпреварот? Имаме два актрактивни тима, кои се борат за трофејот. Ова е натпревар на УЕФА-суперкупот со најскапите тимови во историјата.
„Верувам дека нас нѐ очекува возбудлива и интересна фудбалска претствата. На теренот ќе бидат многу врвни играчи и сигурен сум дека навивачите на арената ќе можат да уживаат на натпревар преполн со акција. Имаме два големи клуба, со неверојатна историја, и сигурен сум дека сите очекувања ќе бидат исполнети“.

*Дали УЕФА ќе продолжи да го организира Суперкупот во државите од Источна Европа, како што се Македонија, Грузија, Естонија, каде што фудбалските навивачи се гладни за големи фудбалски натпревари?
„Порано бевме во Прага, Тбилиси и во Трондхајм, сега сме во Скопје, а наредната година ќе бидеме во Талин. Ќе видиме што ќе ни донесе иднината. Многу е важно што имаме отворен и транспарентен процес на кандидатура за сите наши финалиња и натпреварувања“.

*Арената „Филип Втори“ е една од ретките фудбалски арени во регионот кои се изградени со голема поддршка од УЕФА. Лошата фудбалска инфраструктура во регионот (Србија, Бугарија, Албанија) е голем проблем за организирање големи натпревари. Како може УЕФА да помогне?
„Фудбалската инфраструктура е еден од најголемите предизвици со кои се среќаваат некои национални сојузи и ние се трудиме да им бидеме поддршка. Хет-трик програмата е една од клучните иницијативи со кои УЕФА им помага на националните сојузи во развојот. УЕФА ќе им остане доверлив партнер на националните сојузи и федерации и ќе продолжи да помага во спроведувањето на нивните развојни стратегии, но на тој пат неопходни им се помошта и разбирањето од нивните држави. Националните фудбалски сојузи и федерации не можат сами да ги реализираат големите проекти како изградба и реновирање на стадионите“.

Нови пет терени и рефлектори за Македонија
“Со помош на Хет-трик програмата, ФФМ направи десет нови терени со вештачка трева во претходниот период, а новиот проект предвидува поставување на уште пет терени со природна подлога и со рефлектори. И останатите национални сојузи во регионот, со наша помош, направија многу на планот на унапредувањето на фудбалската инфраструктура“, ни откри Чеферин за помошта која ја планира УЕФА за Македонија во следните проекти.

 



Датум: 08.08.2017, 13:07
Статијата е прочитана 5125 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense